Матеј 26:14-25
Матеј 26:14-25 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)
Тогаш Јуда Искариот, кој беше еден од дванаесетте Исусови ученици, отиде кај свештеничките поглавари и им рече: „Колку ќе ми платите, ако ви Го предадам Исус?“ Тие му дадоа триесет сребреници. Оттогаш Јуда бараше згоден момент да Го предаде Исуса. На првиот ден од празникот Бесквасници учениците Му пристапија на Исус и Го прашаа: „Каде би сакал да ја приготвиме пасхалната вечера?“ Исус им рече да отидат во градот и на извесен човек да му кажат вака: „Нашиот Учител вели: ,Дојде Моето време. Сакам да ја одржам пасхалната вечера, заедно со Моите ученици, овде, во твојот дом‘.“ Учениците постапија онака како што им заповеда Исус и таму ја приготвија пасхалната вечера. Вечерта Исус седеше на трпезата заедно со дванаесеттемина. Додека вечераа, Исус им рече: „Еден од вас навистина ќе Ме предаде!“ Оваа изјава ги нажали учениците и еден по еден почнаа да Го прашуваат: „Да не сум јас, Господе?“ Исус им одговори: „Еден од вас, што јаде од иста чинија со Мене, ќе Ме предаде. Навистина, Јас, Синот Човечки, морам да умрам, како што е претскажано во Светото Писмо; но тешко си му на тој човек што ќе Ме предаде Мене, Синот Човечки! Подобро ќе му беше ако воопшто не се родеше!“ Тогаш Јуда Го праша: „Учителе, да не сум јас?“ Исус му одговори: „Самиот си кажа!“
Матеј 26:14-25 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)
Тогаш еден од дванаесетте, по има Јуда Искариот, отиде кај првосвештениците и рече: „Што ќе ми дадете, па да ви Го предадам?“ А тие му предложија триесет сребреници. И оттогаш тој бараше погодно време да Го предаде. А во првиот ден на празникот Бесквасници пристапија кон Исус учениците и Му рекоа: „Каде сакаш да ти приготвиме да јадеш Пасха?“ Тој им рече: „Одете в град кај тој и тој човек и кажете му: ‚Учителот вели: времето Ми наближи, кај тебе ќе ја прославам Пасхата со учениците Свои.‘“ Учениците постапија како што им заповеда Исус и ја приготвија Пасхата. Кога се стемни, Тој седна на трпезата со дванаесетте. И кога јадеа, им рече: „Вистина ви велам: еден од вас ќе Ме предаде.“ Тие многу се нажалија и секој од нив почна да Го прашува: „Да не сум јас, Господи?“ А Тој им одговори и рече: „Оној што макна со Мене од чинијата, тој ќе Ме предаде. Синот, пак, Човечки, вистина си оди, како што е напишано за Него; но тешко му на оној човек преку кого Синот Човечки ќе биде предаден; подобро ќе беше за тој човек да не се беше родил.“ А Јуда, што Го предаде, одговори и рече: „Да не сум јас, Рави?“ Му одговори: „Ти рече.“
Матеј 26:14-25 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)
Тогаш еден од Дванаесетмината, кој се вика Јуда Искариотски отиде при првосвештениците и им рече: “Што ќе ми дадете, за да ви Го предадам?“ А тие му пре-дложија триесет сребреници. И оттогаш бараше згоден случај за да Го предаде. А во првиот ден на Бесквасните лебови, учениците пристапија при Исуса и Го прашаа: „Каде сакаш да Ти приготвиме да јадеш Пасха?“ Тој рече: „Отидете во градот при тој и тој човек и речете Му: Учителот вели: Моето време е близу; кај тебе ќе ја празнувам Пасхата со Своите ученици.“ И учениците направија како што им заповеда Исус, и ја приготвија Пасхата. А кога се стемни, Тој прилегна со Дванаесетте ученици на трпезата. И додека јадеа, им рече: „Вистина ви велам, дека еден од вас ќе Ме предаде.“ И многу се нажалија и почнаа да зборуваат, еден по друг: „Да не сум јас, Господи?“ А Тој одговори: „Оној што ќе ја накваси - со Мене - раката во чинијата, тој ќе Ме предаде! И така, Човечкиот Син си оди како што е напишано за Него, но тешко му на оној човек, преку кого ќе биде предаден Човечкиот Син; добро би било за тој човек, ако не беше се родил!“ А Јуда, кој Го предаде, во одговор рече: „Да не сум јас, Учителе?“ Му кажа: „Ти рече!“