Матеј 26:1-50
Матеј 26:1-50 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)
Завршувајќи со сите овие поуки, Исус им рече на Своите ученици: „Како што знаете, по два дена настапува празникот Пасха. Тогаш Мене, Синот Човечки, ќе Ме предадат и ќе Ме распнат на крст.“ Во тоа време, во резиденцијата на Првосвештеникот Кајафа се одржуваше состанок на свештеничките поглавари и народните старешини. Тие решија тајно да Го уапсат Исуса и да Го погубат. „Но не за време на празникот, за да не се побуни народот!“ заклучија тие. Исус се наоѓаше во местото Бетанија, во куќата на Симон, кој порано боледувал од лепра, кога Му пријде една жена, носејќи скапоцен мирис во шише од алабастер и го полеа врз главата на Исус, Кој седеше на поставената трпеза. На ова, Неговите ученици реагираа налутено, велејќи: „Зошто се прави ваква штета!? Мирисот можеше да се продаде за скапи пари, а парите да им се разделат на сиромасите!“ Исус го забележа тоа, па им рече: „Зошто ја прекорувате жената!? Таа направи едно љубезно дело за Мене. Сиромаси секогаш ќе има меѓу вас, но Мене нема секогаш да Ме имате. Излевајќи го овој мирис врз Моето тело, таа Ме приготви за погреб. Отсега, секогаш кога ќе се проповеда оваа Радосна вест, насекаде по светот ќе се спомнува и ова нејзино дело и ќе им се кажува на други, во спомен на оваа жена.“ Тогаш Јуда Искариот, кој беше еден од дванаесетте Исусови ученици, отиде кај свештеничките поглавари и им рече: „Колку ќе ми платите, ако ви Го предадам Исус?“ Тие му дадоа триесет сребреници. Оттогаш Јуда бараше згоден момент да Го предаде Исуса. На првиот ден од празникот Бесквасници учениците Му пристапија на Исус и Го прашаа: „Каде би сакал да ја приготвиме пасхалната вечера?“ Исус им рече да отидат во градот и на извесен човек да му кажат вака: „Нашиот Учител вели: ,Дојде Моето време. Сакам да ја одржам пасхалната вечера, заедно со Моите ученици, овде, во твојот дом‘.“ Учениците постапија онака како што им заповеда Исус и таму ја приготвија пасхалната вечера. Вечерта Исус седеше на трпезата заедно со дванаесеттемина. Додека вечераа, Исус им рече: „Еден од вас навистина ќе Ме предаде!“ Оваа изјава ги нажали учениците и еден по еден почнаа да Го прашуваат: „Да не сум јас, Господе?“ Исус им одговори: „Еден од вас, што јаде од иста чинија со Мене, ќе Ме предаде. Навистина, Јас, Синот Човечки, морам да умрам, како што е претскажано во Светото Писмо; но тешко си му на тој човек што ќе Ме предаде Мене, Синот Човечки! Подобро ќе му беше ако воопшто не се родеше!“ Тогаш Јуда Го праша: „Учителе, да не сум јас?“ Исус му одговори: „Самиот си кажа!“ Додека вечераа, Исус зеде леб, го благослови и го раскрши. Потоа им даваше на учениците и им говореше: „Земете и јадете; ова го претставува Моето тело“. Потоа зеде чаша со вино, Му се заблагодари на Бог, им ја подаде чашата на Своите ученици и им рече: „Земете и пијте сите; ова ја претставува Мојата крв крв на Божјиот нов завет со вас крв што се пролева за простување на гревовите на многу луѓе. Ви кажувам дека отсега нема веќе да пијам од лозовиот род, си до денот кога одново ќе пијам со вас, во Царството на Мојот Татко.“ Потоа испеаја псалми и отидоа на Маслиновата Гора. Тогаш Исус им рече на Своите ученици: „Во текот на оваа ноќ сите вие ќе Ме напуштите, како што е претскажано во Светото Писмо: ,Ќе удрам по Пастирот, и овците ќе се разбегаат!‘ Но кога ќе воскреснам, ќе ве чекам во Галилеја.“ Петар Му рече: „Дури и ако сите други Те остават, јас никогаш нема да Те оставам!“ Исус му одговори: „Те уверувам дека уште ноќва, пред да пропеат петлите, трипати ќе одречеш дека си Мој следбеник!“ Но Петар пак Му рече: „Дури и ако треба да загинам со Тебе, јас нема да одречам дека сум Твој следбеник!“ Истото го велеа и сите други ученици. Во придружба на Своите ученици Исус отиде на едно место наречено Гетсемани. Кога пристигнаа таму, Тој им рече: „Седете овде, а Јас ќе отидам потаму, да се помолам.“ Со Себе ги зеде Петар и двајцата Завдаеви синови Јаков и Јован. Мошне потресен и натажен, Исус им рече: „Тагата што ја имам во душава Ме убива! Останете овде и бдејте заедно со Мене!“ Потоа Тој се оддалечи малку, падна ничкум и почна да се моли: „Татко Мој, ако е возможно, не дозволувај да страдам на ваков суров начин; сепак, нека се исполни Твојата волја, а не Мојата.“ Кога Исус се врати кај Своите ученици ги затекна како спијат. Тогаш му се обрати на Петар: „Зар не можевте да бдеете со Мене еден час!? Разбудете се и молете се да не бидете совладани од искушението што доаѓа! Зашто, иако духот е храбар, телото е слабо!“ Потоа Исус повторно се оддалечи малку и продолжи да се моли: „Татко Мој! Ако нема начин да Ме одмине ова горчливо страдање, Јас ќе ја исполнам Твојата волја!“ Враќајќи се кај Своите ученици повторно ги затекна на спиење; очите едноставно им се затвораа. Исус ги остави и отиде пак да се моли, по третпат повторувајќи ја истата молитва. Потоа се врати кај Своите ученици и им рече: „Зар и понатаму спиете и се одморате!? Дојде времето Мене, Синот Човечки, да Ме предадат во рацете на грешници. Станувајте, тргнуваме. Предавникот Мој доаѓа.“ Додека Исус зборуваше, пристигна предавникот Јуда. Тој беше еден од дванаесетте Исусови ученици. Со себе водеше голема толпа народ, вооружена со мечеви и со стапови. Сите беа испратени од свештеничките поглавари и од народните старешини. Претходно, предавникот Јуда им беше рекол: „Фатете Го Оној што при поздравувањето ќе го бакнам!“ Тоа беше договорениот знак. Тој му пријде на Исус и Му рече: „Здраво, Учителе!“ И го бакна. Исус му одговори: „По кој повод си дојден, пријателе?“ Тогаш дојдените со Јуда Го фатија Исуса и Го уапсија.
Матеј 26:1-50 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)
И кога ги заврши Исус овие зборови, им рече на учениците Свои: „Знаете дека по два дни ќе биде Пасха и Синот Човечки ќе биде предаден на распнување.“ Тогаш првосвештениците, книжниците и старешините народни се собраа во дворот на првосвештеникот, по име Кајафа, и се советуваа како да Го фатат Исус со измама и да Го убијат; но рекоа: „Само не на празникот, за да не стане бунт меѓу народот.“ А кога беше Исус во Витанија, во куќата на Симон Лепрозниот, се приближи до Него една жена, која носеше шише со скапоцен мирис и го изли врз главата Негова, кога Тој седеше на трпезата. И кога го видоа тоа учениците Негови, се расрдија и рекоа: „Какво е тоа растурање? Зашто тој мирис можеше да се продаде многу скапо и парите да се разделат на сиромаси.“ Но Исус, разбирајќи го тоа, им рече: „Зошто ја буните жената? Таа направи добро дело за Мене! Бидејќи сиромасите ги имате секогаш покрај себе, а Мене Ме немате секогаш; таа, излевајќи го тој мирис врз телото Мое, Ме приготви за погреб. Вистина, ви велам: каде и да биде проповедано ова Евангелие, по цел свет ќе се прикажува тоа што го направи таа, за нејзин спомен.“ Тогаш еден од дванаесетте, по има Јуда Искариот, отиде кај првосвештениците и рече: „Што ќе ми дадете, па да ви Го предадам?“ А тие му предложија триесет сребреници. И оттогаш тој бараше погодно време да Го предаде. А во првиот ден на празникот Бесквасници пристапија кон Исус учениците и Му рекоа: „Каде сакаш да ти приготвиме да јадеш Пасха?“ Тој им рече: „Одете в град кај тој и тој човек и кажете му: ‚Учителот вели: времето Ми наближи, кај тебе ќе ја прославам Пасхата со учениците Свои.‘“ Учениците постапија како што им заповеда Исус и ја приготвија Пасхата. Кога се стемни, Тој седна на трпезата со дванаесетте. И кога јадеа, им рече: „Вистина ви велам: еден од вас ќе Ме предаде.“ Тие многу се нажалија и секој од нив почна да Го прашува: „Да не сум јас, Господи?“ А Тој им одговори и рече: „Оној што макна со Мене од чинијата, тој ќе Ме предаде. Синот, пак, Човечки, вистина си оди, како што е напишано за Него; но тешко му на оној човек преку кого Синот Човечки ќе биде предаден; подобро ќе беше за тој човек да не се беше родил.“ А Јуда, што Го предаде, одговори и рече: „Да не сум јас, Рави?“ Му одговори: „Ти рече.“ И кога јадеа, Исус зеде леб, го благослови, го прекрши, и откако им го даде на учениците, рече: „Земете, јадете, ова е Моето тело.“ И кога ја зеде чашата, заблагодари, им даде и рече: „Пијте од неа сите; зашто ова е Мојата крв на Новиот завет, која се пролева за мнозина, за простување на гревовите. И вам ви велам, зашто отсега нема да пијам од овој лозов плод сѐ до оној ден, кога ќе пијам нов со вас, во царството на Мојот Отец.“ И откако испеаја благодарствена песна, се искачија на Маслиновата Гора. Тогаш Исус им рече: „Сите вие ќе Ме оставите уште оваа ноќ; зашто е напишано: ‚Ќе удрам по пастирот и овците од стадото ќе се разбегаат.‘ А по воскресението Мое ќе отидам пред вас во Галилеја.“ Тогаш Петар Му одговори и рече: „Дури и сите да се соблазнат поради Тебе, јас никогаш нема да се соблазнам.“ Исус му рече: „Вистина, ти велам: оваа ноќ уште пред да пропее петел, трипати ќе се одречеш од Мене.“ Петар Му кажа: „Ако затреба дури и да умрам со Тебе, нема да се откажам од Тебе!“ Истото го говореа и сите ученици. Потоа отиде Исус со нив на едно место, наречено Гетсиманија, и им рече на учениците: „Поседете тука, додека отидам онаму да се помолам.“ И кога ги поведе со себе Петар и двајцата Заведееви синови, се натажи и почна да тагува. Тогаш Исус им рече: „Смртно е нажалена Мојата душа; останете тука и бидете будни со Мене!“ Оддалечувајќи се малку, падна ничкум; се молеше и говореше: „Оче Мој, ако е можно, нека Ме одмине оваа чаша; сепак, нека биде не како што сакам Јас, туку како што сакаш Ти.“ Па дојде кај учениците и ги затече како спијат, и му рече на Петар: „Толку ли не можевте еден час да останете со Мене будни!? Бидете будни и молете се, за да не паднете во искушение: духот е бодар, но телото е слабо.“ Повторно отиде и се помоли, говорејќи: „Оче Мој, ако не може да ме одмине оваа чаша без да ја пијам, тогаш нека биде волјата Твоја!“ Кога дојде, пак ги најде како спијат, зашто очите им беа натежнале. Тогаш ги остави, отиде и се помоли по третпат, изговарајќи ги истите зборови. Потоа пак дојде кај учениците Свои и им рече: „Сѐ уште спиете и почивате! Ете, наближи часот и Синот Човечки се предава во рацете на грешниците. Станете да одиме! Ете, се приближува оној што Ме предава.“ Додека Тој уште говореше, ете, Јуда, еден од дванаесетте, дојде, и со него многу луѓе со ножеви и колови, испратени од страна на првосвештениците и старешините народни. А оној, што Го предаваше, им беше дал знак, велејќи: „Фатете Го Тој што ќе го бакнам!“ И веднаш се приближи до Исус и Му рече: „Те поздравувам, Рави!“ И Го бакна. А Исус му рече: „Пријателе, зошто си дошол?“ Тогаш пристапија, положија раце на Исус и Го фатија.
Матеј 26:1-50 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)
А кога Исус ги заврши сите тие беседи, им рече на Сво-ите ученици: “Знаете дека Пас-хата е по два дни, и ќе Го предадат Човечкиот Син, за да Го распнат.“ Тогаш големите свештеници и народните старешини се собраа во дворот на првосвештеникот, кој се викаше Кајафа, и се договорија да Го фатат Исуса на измама и да Го убијат. Но велеа: „Не на празни-кот, за да не се побуни народот.“ А кога Исус беше во Витанија, во куќата на лепрозниот Симон, Му се приближи жена, со сад од алавастер со скапоцено миро, па го излеа врз Неговата глава, додека беше прилегнат до столот. Штом учениците го видоа тоа, негодуваа и рекоа: „За што е ова растурање? Оти тоа миро можеше да биде продадено скапо, и сребрениците да им се дадат на сиромасите!“ Но Исус го разбра тоа и им рече: „Зошто ѝ здодевате на жената? Таа Ми направи добро дело, зашто сиромасите ги имате секогаш со себе, а Мене Ме немате секогаш; зашто кога таа го излеа мирото врз Моето тело, го стори тоа за Моето погребение. Висти-на ви велам, каде и да биде проповедано Евангелието по цели-от свет, ќе се раскажува и тоа што го направи таа, за нејзин спомен. Тогаш еден од Дванаесетмината, кој се вика Јуда Искариотски отиде при првосвештениците и им рече: “Што ќе ми дадете, за да ви Го предадам?“ А тие му пре-дложија триесет сребреници. И оттогаш бараше згоден случај за да Го предаде. А во првиот ден на Бесквасните лебови, учениците пристапија при Исуса и Го прашаа: „Каде сакаш да Ти приготвиме да јадеш Пасха?“ Тој рече: „Отидете во градот при тој и тој човек и речете Му: Учителот вели: Моето време е близу; кај тебе ќе ја празнувам Пасхата со Своите ученици.“ И учениците направија како што им заповеда Исус, и ја приготвија Пасхата. А кога се стемни, Тој прилегна со Дванаесетте ученици на трпезата. И додека јадеа, им рече: „Вистина ви велам, дека еден од вас ќе Ме предаде.“ И многу се нажалија и почнаа да зборуваат, еден по друг: „Да не сум јас, Господи?“ А Тој одговори: „Оној што ќе ја накваси - со Мене - раката во чинијата, тој ќе Ме предаде! И така, Човечкиот Син си оди како што е напишано за Него, но тешко му на оној човек, преку кого ќе биде предаден Човечкиот Син; добро би било за тој човек, ако не беше се родил!“ А Јуда, кој Го предаде, во одговор рече: „Да не сум јас, Учителе?“ Му кажа: „Ти рече!“ А кога јадеа, Исус зеде леб, благослови, го раскрши и им го раздаде на учениците, и рече: „Земете, јадете, ова е Моето тело.“ Тогаш ја зеде чашата и заблагодари, им ја даде и рече: „Пијте сите од неа, зашто ова е Мојата крв на Заветот, која се пролева за мнозина, за проштавање на гревовите. Но, ви велам, отсега нема да пијам од овој лозов плод до оној ден, кога ќе го пијам со вас нов во Царството на Мојот Татко.“ И откако испеаја благодарствена песна, излегоа на Маслиновата Гора. Тогаш Исус им рече: „Сите вие ќе се соблазните во Мене, во оваа ноќ, зашто е пишано: „Ќе го удрам Пастирот и овците од стадото ќе се разбегаат!“ А по Моето воскресение ќе отидам, пред вас, во Галилеја.“ Тогаш Петар одго-вори и рече: „Ако сите се соблазнат во Тебе, јас никогаш нема да се соблазнам.“ Исус му рече: „Вистина ти велам, уште ноќеска трипати ќе се одречеш од Мене, пред да пропее петел.“ Петар Му рече: „Ако треба и да умрам со Тебе, нема да се одречам од Тебе.“ Така рекоа и сите ученици. Тогаш Исус дојде со нив на местото, кое се вика Гетсеманија, и им рече на учениците: „Седете тука додека Јас отидам онаму да се помолам.“ И ги поведе со себе Петра и двајцата Зеведееви синови и почна да тагува и да се вознемирува. Тогаш им рече: „Мојата душа е длабоко натажена до смрт; останете тука и бдејте со Мене!“ И отиде малку потаму и падна на Своето лице и се помоли, велејќи: „Татко Мој! Ако е можно, нека Ме одмине оваа чаша; но не како што сакам Јас, туку како Ти!“ И дојде при учениците, и ги најде како што спијат, и му рече на Петра: „Така! Не можевте ли да пробдеете со Мене еден час? Бдејте и молете се, за да не паднете во искушение! Духот е бодар, но телото е слабо!“ Пак, повторно отиде и се помоли, велејќи: „Татко Мој! Ако не е можно да Ме одмине оваа чаша, да не ја пијам, нека биде Твојата волја.“ И кога дојде пак ги најде како што спијат, зашто очите им беа натежнале. И пак ги остави и отиде да се помоли, по третпат, и ги изговори истите зборови. Тогаш дојде при учениците и им рече: „Само спијте и почивајте. Еве, наближи часот кога Чове-чкиот Син ќе биде предаден во рацете на грешниците. Станете, да одиме! Ете, наближи Мојот предавник.“ И додека Тој уште зборуваше, ете, Јуда, еден од Дванаесетмината, дојде со големо множество, со ножеви и стапови, испратени од првосвештениците и народните старешини. А Него-виот предавник им беше дал знак, велејќи: „Кого ќе Го целивам јас - Тој е, фатете Го!“ И веднаш се приближи до Исуса и Го целива. А Исус му рече: „Пријателе, зошто дојде?“ Тогаш пристапија, положија раце на Исуса и Го фатија.