Матеј 24:30-35
Матеј 24:30-35 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)
Тогаш, конечно на небото ќе се појави знакот на Месијата, Синот Човечки; и ќе залелекаат сите народи на Земјата кога ќе Го видат Синот Човечки како доаѓа на облаците со моќ и величествена слава. Тој ќе ги испрати Своите ангели со громогласен звук од труба да ги соберат Неговите избраници од сите четири страни на светот, од едниот до другиот крај на светот.“ „Сфатете ја оваа споредба преку примерот со смоквата: штом ќе ђ се подмладат гранките и ќе пуштат лисје, знаете дека наближува летото. Така и вие, кога ќе видите дека сите овие случки што ви ги опишав се одвиваат, ќе знаете дека дошло времето и веќе е на прагот. Ве уверувам дека сите овие настани ќе се одиграат пред да изумре оваа генерација. Небото и Земјата ќе ги снема, но Моите зборови ќе останат!
Матеј 24:30-35 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)
Тогаш ќе се јави на небото знакот на Синот Човечки и ќе се расплачат сите земни племиња, и ќе Го видат Синот Човечки како доаѓа на небесните облаци, со голема слава и сила; и ќе ги испрати Своите ангели со силен трубен глас, и ќе ги соберат Неговите избраници од четирите ветра, од едниот до другиот крај на небесата.“ „Со смоквата направете споредба: штом ќе се подмладат нејзините гранки и пуштат лисја, знаете дека е близу летото. Така и вие, кога ќе го видите сето тоа, знајте дека е близу, пред вратата. Вистина ви велам: нема да мине овој род додека сето тоа не се исполни. Небото и земјата ќе минат, но зборовите Мои нема да минат.“
Матеј 24:30-35 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)
И тогаш ќе се јави на небото знакот на Човечкиот Син; и тогаш ќе заплачат сите племиња на земјата и ќе Го видат Човечкиот Син, како доаѓа на небесните облаци, со сила и со голема слава. И Тој ќе ги испрати Своите ангели со силен глас на труба и ќе ги соберат Неговите избраници од четирите ветра, од едниот крај на небото до другиот.“ “А од смоквата научете ја поуката! Кога нејзината гранка ќе смекне и ќе пушти лисја, знаете дека летото е близу. Така и вие, кога ќе го видите сѐ тоа, знајте дека е близу - пред вратата! Ви-стина ви велам, ова поколение нема да помине додека не се збидне сѐ тоа. Небото и земјата ќе поминат, но Моите зборови нема да поминат.“