Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Матеј 24:3-14

Матеј 24:3-14 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

Подоцна, кога Исус седеше на падините од Маслиновата Гора, Му пријдоа Неговите ученици и насамо Го прашаа: „Кажи ни кога ќе се случи сето тоа и по што ќе го познаеме времето на Твоето повторно доаѓање и крајот на светот?“ Исус им одговори: „Чувајте се некој да не ве заведе. Бидејќи мнозина ќе се појават под Моето име и ќе ви говорат: ,Јас сум Месијата!‘ и ќе измамат мнозина. Ќе избувнат војни во близина и војни во далечина. Да не ве обзема паника, зашто тоа мора да се случи, иако тоа не значи дека веќе дошол крајот. Народите ќе војуваат едни против други, и држави против други држави. Глад и земјотреси ќе погодат многу места. Сето ова ќе биде само како почеток на породилни болки!“ „Тогаш вас ќе ве апсат, ќе ве казнуваат и ќе ве убиваат. Поради верата во Мене, по целиот свет ќе ве мразат. Во тоа време мнозина ќе се откажат од верата во Мене; едни други ќе се издаваат и меѓусебно ќе се мразат. Ќе се појават и многу лажни пророци и ќе заведат мнозина. Грешноста ќе земе таков замав, што љубовта меѓу луѓето ќе станува си постудена. Но тој што докрај ќе се одржи, ќе се спаси. А Радосната вест за небесното царство ќе се проповеда по целиот свет, за да ја чујат сите народи. Тогаш ќе дојде крајот.“

Матеј 24:3-14 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)

И кога седеше во Маслиновата Гора, дојдоа кај Него учениците Негови на­са­мо и Му рекоа: „Кажи ни, кога ќе биде тоа, и каков ќе биде знакот за Твоето доаѓање и за крајот на светот?“ А Исус им одговори и рече: „Пазете се, да не ве излаже некој; зашто многумина ќе дојдат во Мое име, говорејќи: ‚Јас сум Христос!‘ и ќе прелажат мнозина. Ќе слушате за војни и повици на војни. Гледајте да не се уплашите, зашто сето тоа треба да биде; но тоа уште не е крајот. Зашто ќе се крене народ против на­род, и царство против царство, и на раз­ни места ќе има глад, помор и потреси; а сето тоа е почеток на страдањата. Тогаш ќе ве предадат на мачење и ќе ве убијат; и ќе бидете мразени од си­те народи, заради Моето име. Тогаш мнозина ќе се соблазнат и еден со друг ќе се предаваат и еден со друг ќе се мразат; многу лажни пророци ќе се појават и ќе прелажат мнозина; и бидејќи беззаконијата ќе се ум­но­жат, кај мнозина љубовта ќе олади. А кој ќе издржи до крај, тој ќе биде спасен. И ќе биде проповедано ова Еван­ге­лие за царството по целиот свет, за све­доштво на сите народи; и тогаш ќе дојде крајот.“

Матеј 24:3-14 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)

Кога седеше пак на Маслиновата Гора, Неговите уче-ници дојдоа при Него насамо и Му рекоа: „Кажи ни, кога ќе биде тоа и кој е знакот на Твоето доаѓање и на свршетокот на векот?“ И Исус одговори и им рече: „Гледајте да не ве заблуди некој; зашто мнозина ќе дојдат во Мое име, говорејќи: „Јас Сум Христос,“ и ќе заблудат мнозина. А ќе чуете за војни и гласови за војни. Пазете да не се уплашите; зашто тоа треба да се случи, но уште не е крај. Зашто ќе се дигне народ против народ и царство против царство; и ќе има глад, и помор, и земјотреси на разни места. Но сѐ тоа е само почеток на страдањата. Тогаш ќе ве предадат на маки и ќе ве убиваат, и сите народи ќе ве замразат заради Моето име. Тогаш мнозина ќе се соблазнат; и едниот ќе го предава другиот; и едниот ќе го мрази другиот; и ќе се јават многу лажни пророци и ќе заблудат мнозина. И заради многу беззаконија, љубовта ќе олади кај мнозина. А кој ќе издржи до крај, ќе биде спасен. И ова Евангелие за Царството ќе биде проповедано по целиот свет, за сведоштво на сите народи, и тогаш ќе дојде свршетокот.“