Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Матеј 23:23-39

Матеј 23:23-39 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

Тешко вам, вероучители и фарисеи, лицемери ниедни! Вие давате десеток од зачините, како што се нането, копрата и кимот, а ги запоставувате најважните барања на Божјиот Закон: праведноста, милоста и верата! Да, десеток треба да давате, но не смеете да ги запоставувате најважните работи. Слепи водачи ниедни! Комарец цедите, а камила голтате! Тешко вам, вероучители и фарисеи, лицемери ниедни! Чашите и чиниите однадвор ги миете, а однатре се полни со она што сте го зеле преку грабеж и себично лакомство! Слеп фарисеју! Прво нека биде чисто тоа што е во чашата, па ќе ђ биде чиста и надворешноста! Тешко вам, вероучители и фарисеи, лицемери ниедни! Вие сте како варосани гробови кои однадвор изгледаат убаво, а внатре се полни со коски на мртовци и со изгниени трупови! На луѓето им се прикажувате како праведници, а однатре сте полни со лицемерство и гревови!“ „Тешко вам, вероучители и фарисеи, лицемери ниедни! Вие им ѕидате гробници на пророците и ги украсувате спомениците на праведниците, и велите: ,Да живеевме во времето на нашите предци, ние немаше да соучествуваме во убивањето на пророците!‘ Така самите признавате дека сте им потомци на оние што ги убиваа пророците! Затоа, ајде, довршете го делото на вашите предци! Змии ниедни и змиски рожби! Како ќе ја избегнете пресудата за во пеколот!? Затоа, еве, испраќам меѓу вас пророци и мудри луѓе и вероучители, а вие некои од нив ќе убиете, на крст ќе ги распнете, а некои ќе ги камшикувате по синагогите и ќе ги прогонувате од еден град во друг. Така, врз вас ќе падне казната за сите невини жртви на Земјата, од убиството на праведниот Авел до убиството на Захарија, синот на Берекија, кого го убивте меѓу храмот и жртвеникот! Ве уверувам дека казната за сите овие убиства ќе падне врз оваа генерација! Ерусалиме, Ерусалиме, што ги убиваш пророците и ги каменуваш Божјите пратеници испратени во тебе! Колкупати сакав да ги закрилам твоите жители како квачката што ги собира пилињата свои под крилјата, но вие не сакавте! Затоа, вашиот храм ќе ви се препушти вам и ќе запусти. Ви кажувам дека отсега нема да Ме видите си додека не речете: ,Благословен да биде Оној што доаѓа во името на Господ!‘“

Матеј 23:23-39 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)

Тешко вам, книжници и фарисеи, лицемери, зашто давате десеток од на­не, копра и ким, а сте го оставиле нај­важното во Законот: праведноста, ми­лоста и верата; ова требаше да го пра­вите, а и она да не го оставате. Водачи слепи, вие комарецот го це­дите, а камилата ја проголтувате! Тешко вам, книжници и фарисеи, лицемери, зашто ги чистите чашата и чинијата однадвор, додека внатре тие се полни со грабеж и алчност. Слеп фарисеју, очисти ги чашата и чинијата најнапред внатре, за да бидат чисти и однадвор. Тешко вам, книжници и фарисеи, лицемери, зашто многу личите на ва­ро­сани гробови, што однадвор изгледаат убаво, а внатре се полни со мртовечки коски и секаква нечистотија. Така и вие, однадвор им се по­ка­жу­вате на луѓето како праведни, а внатре сте полни со лицемерност и беззако­ние.“ „Тешко вам книжници и фарисеи, лицемери, зашто им ѕидате гробници на пророците и ги украсувате спомениците на праведните, па велите: ‚Да живеевме во дните на нашите татковци, немаше да станеме нивни соучесници во крвта на проро­ци­те.‘ А со тоа сведочите сами против се­бе, дека сте синови на оние што ги уби­ле пророците. Дополнете ја и вие мерата на тат­ковците ваши! Змии и рожби аспидини, како ќе по­бегнете од пресудата за во пеколот? Затоа, ете, Јас праќам кај вас пророци и мудреци и книжници; едни ќе убиете и распнете, а други ќе тепате по синагогите и ќе ги прогонувате од град во град; за да падне врз вас сета праведна крв што е пролеана на земјата, од крвта на праведниот Авел па до крвта на За­харија, синот на Варахија, кого го убив­те меѓу храмот и жртвеникот. Вистина, ви велам: сето тоа ќе пад­не врз овој род!“ „Ерусалиме, Ерусалиме, што ги убиваш пророците и со камења ги за­си­пуваш испратените кај тебе! Колкупати сакав да ги соберам чедата твои, како квачката што ги собира пилињата свои под крилјата, а вие не сакавте. Ете, ви се остава пуст вашиот дом. Зашто ви велам: нема да Ме видите од сега додека не кажете: ‚Благословен е Оној, Кој иде во името Господово!‘“

Матеј 23:23-39 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)

“Горко вам, книжници и фарисеи, лицемери, кои давате десеток од нане, копра и кимин, а го оставивте поважното во Законот: правдата, милоста и верата. Ова требаше да се прави, а она да не се остава! Слепи водачи! Вие го цедите комарецот, а ја проголтувате камилата.“ “Горко вам, книжници и фарисеи, лицемери, кои ја чистите надворешноста на чашата и чинијата, а внатре сте полни со грабеж и лакомост! Слепи фарисеју! Очи-сти ја најнапред внатрешноста на чашата, за да ѝ биде чиста и над-ворешноста!“ “Горко вам, книжници и фарисеи, лицемери, оти приличите на варосани гробови, што однадвор изгледаат убаво, а внатре се полни со мртовечки коски и секаква нечистота! Така и вие однадвор им се покажувате праведни на луѓето, а внатре сте полни со лицемерство и беззаконие.“ “Горко вам, книжници и фарисеи, лицемери, кои им градите гробови на пророците и им ги украсувате спомениците на пра-ведните, и велите: „Ако живее-вме во деновите на нашите татковци, не ќе бевме нивни соучесници во крвта на пророците.“ Така сведочите за себе, дека сте синови на оние, кои ги убиле пророците. И вие ја дополнивте мерата на вашите татковци! Змии, змиски породи! како ќе побегнете од судот на пеколот? Затоа, еве, Јас ви праќам: пророци, и мудреци, и книжници. Од нив едните ќе ги убиете и распнете, а другите ќе ги бичувате во вашите синагоги и ќе ги гоните од град до град, за да дојде врз вас сета праведна крв, пролеана на земјата, од крвта на праведниот Авел до крвта на Захарија, синот Варахиин, кого го убивте меѓу Храмот и жртвеникот. Вистина ви велам, сето тоа ќе дојде врз ова поколение.“ “Ерусалиме! Ерусалиме, што ги убиваш пророците и што ги каменуваш испратените при тебе! Колку пати сакав да ги соберам твоите деца, како што квачката ги собира своите пилиња под крилата, но не сакавте! Еве, ви се остава вашиот дом пуст! Зашто ви велам: отсега нема да Ме видите додека не речете: „Благословен е Оној, Кој доаѓа во Господово име!“