Матеј 22:34-46
Матеј 22:34-46 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)
Кога фарисеите разбраа дека Исус ги замолкнал садукеите, се собраа заедно, и еден од нив, кој беше вероучител, сакајќи да Му постави стапица, Го праша: „Учителе! Која е најважната заповед во Божјиот Закон?“ Исус му одговори: „Сакај Го Господ, својот Бог, со сето срце, со сета душа и со сиот разум“. Тоа е првата и наедно најважната заповед. А втората е слична на првата, и гласи: „Сакај го својот ближен како самиот себе!“ Основата на целиот Божји Закон и целото учење на пророците, се овие две заповеди. Кога се насобраа поголем број фарисеи, Исус ги запраша: „Што мислите, чиј потомок е Месијата?“ Тие Му одговорија: „Давидов!“ А Исус им рече: „Како тогаш Давид, поттикнат од Божјиот Дух, го нарече Месијата ,Господ‘, кога рече: ,Му рече Јахве на Мојот Господ: седни од Мојата десна страна, додека не ги соборам Твоите непријатели под нозете Твои!‘ Значи, ако Давид го нарече Месијата ,Господ‘, како може, тогаш, Тој да му биде потомок?“ На ова никој не можеше да Му одговори ни збор на Исус и од тој ден никој повеќе не се осмелуваше да Му поставува прашања.
Матеј 22:34-46 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)
Кога фарисеите слушнаа дека ги посрами садукеите, се здружија со нив. И еден од нив, познавач на Законот, искушувајќи Го, запраша и рече: „Учителе, која заповед е најголема во Законот?“ А Исус му одговори: „‚Возљуби Го Господа, својот Бог, со сето свое срце, и со сета своја душа, и со сиот свој разум;‘ тоа е прва и најголема заповед; а втората е слична на неа: ‚возљуби го својот ближен како себеси!‘ На тие две заповеди се држат целиот Закон и Пророците.“ И кога се собраа фарисеите, Исус ги праша и рече: „Што мислите за Христос? Чиј син е Тој?“ Му одговорија: „Давидов.“ Им рече: „Како тогаш Давид, преку Духот Го нарече Господ, велејќи: ‚Му рече Господ на Мојот Господ: Седи од Мојата десна страна, додека не ги положам непријателите Твои во подножјето на нозете Твои.‘ И така, ако Давид Го нарече Господ, како тогаш може Тој да Му е син?“ И никој не можеше да Му одговори ниту збор, и од тој ден никој веќе не се осмели да Го праша.
Матеј 22:34-46 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)
А кога фарисеите чуја дека ги замолкна садукеите, се собраа заедно, и еден од нив, законик, Го праша, искушувајќи Го: “Учи-теле, која е големата заповед во Законот?“ А Тој му рече: „Љуби Го Господа твојот Бог со сето свое срце, и со сета своја душа и со сета твоја мисла!“ Тоа е најголемата и прва заповед; а втората е како и оваа: „Љуби го твојот ближен како себеси!“ На тие две заповеди висат сиот Закон и Пророците.“ А кога фарисеите беа собрани, Исус ги праша: “Што мислите за Христа? Чиј Син е?“ Му рекоа: „Давидов.“ Им рече: „Како тогаш Давид, преку Духот, Го наречува Господ, велејќи: ’Му рече Господ на мојот Господ: ‘Седни од Мојата десна страна, додека ги положам Твоите непријатели под Твоите нозе’? И така, кога Давид Го наречува Господ, како Му е Син?“ И никој не можеше да Му одговори ниту збор, ниту некој се осмели, од тој ден, веќе да Го праша.