Матеј 22:23-46
Матеј 22:23-46 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)
Истиот ден кај Исус дојдоа некои садукеи, кои тврдеа дека не постои воскресение од мртвите. Тие Му се обратија вака: „Учителе! Мојсеј рекол дека, доколку некој маж умре без да остави пород, неговиот брат е должен да ја земе братовата вдовица за жена и да му подигне потомство на својот починат брат. Кај нас живееја седум браќа. Најстариот умре без пород и му ја остави жена си на својот брат. Но истото се случи и со вториот и со третиот, си до седмиот. Најпосле умре и жената. Чија ќе биде жената на денот на воскресението, кога таа била мажена за сите седуммина?“ „Вие сте во заблуда“ им рече Исус „бидејќи не ги познавате ниту Светото Писмо ниту Божјата сила! Зашто, кога луѓето ќе воскреснат, тие нема да бидат ни женети ни мажени, туку ќе бидат како ангелите на небото. А што се однесува до воскресението на мртвите, зар не сте го прочитале тоа што ви го вели Бог: ,Јас Сум Бог на Авраам, Бог на Исак и Бог на Јаков!‘ Значи, тие се живи, а не мртви, зашто Тој не е Бог на мртвите, туку на живите!“ Слушајќи го ова излагање на Исус, народот беше воодушевен. Кога фарисеите разбраа дека Исус ги замолкнал садукеите, се собраа заедно, и еден од нив, кој беше вероучител, сакајќи да Му постави стапица, Го праша: „Учителе! Која е најважната заповед во Божјиот Закон?“ Исус му одговори: „Сакај Го Господ, својот Бог, со сето срце, со сета душа и со сиот разум“. Тоа е првата и наедно најважната заповед. А втората е слична на првата, и гласи: „Сакај го својот ближен како самиот себе!“ Основата на целиот Божји Закон и целото учење на пророците, се овие две заповеди. Кога се насобраа поголем број фарисеи, Исус ги запраша: „Што мислите, чиј потомок е Месијата?“ Тие Му одговорија: „Давидов!“ А Исус им рече: „Како тогаш Давид, поттикнат од Божјиот Дух, го нарече Месијата ,Господ‘, кога рече: ,Му рече Јахве на Мојот Господ: седни од Мојата десна страна, додека не ги соборам Твоите непријатели под нозете Твои!‘ Значи, ако Давид го нарече Месијата ,Господ‘, како може, тогаш, Тој да му биде потомок?“ На ова никој не можеше да Му одговори ни збор на Исус и од тој ден никој повеќе не се осмелуваше да Му поставува прашања.
Матеј 22:23-46 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)
Во истиот ден пристапија кон Него и садукеите, кои велат дека нема воскресение, и Го прашаа, говорејќи: „Учителе, Мојсеј рече: ‚Ако умре некој без деца, тогаш брат му нека ја земе жената негова и нека му подигне потомство на својот брат!‘ Кај нас имаше седуммина браќа; првиот се ожени и умре; па, бидејќи немаше пород, ја остави жената своја на брата си; исто така направи и вториот, и третиот, дури и седмиот; а по сите нив умре и жената. При воскресението, на кого од седуммината ќе биде таа жена, бидејќи со сите живеела?“ Исус им одговори: „Се лажете, зашто не ги познавате Писмата, ниту силата Божја; зашто при воскреснувањето луѓето ниту ќе се женат, ниту ќе се мажат, туку ќе живеат како ангели Божји на небесата. А за воскреснувањето на мртвите, не сте ли читале што ви рекол Бог, Кој вели: ‚Јас сум Бог Авраамов, Бог Исаков и Бог Јаковов.‘ Бог не е Бог на мртвите, туку на живите.“ И народот, слушајќи го тоа, се восхитуваше на Неговата наука. Кога фарисеите слушнаа дека ги посрами садукеите, се здружија со нив. И еден од нив, познавач на Законот, искушувајќи Го, запраша и рече: „Учителе, која заповед е најголема во Законот?“ А Исус му одговори: „‚Возљуби Го Господа, својот Бог, со сето свое срце, и со сета своја душа, и со сиот свој разум;‘ тоа е прва и најголема заповед; а втората е слична на неа: ‚возљуби го својот ближен како себеси!‘ На тие две заповеди се држат целиот Закон и Пророците.“ И кога се собраа фарисеите, Исус ги праша и рече: „Што мислите за Христос? Чиј син е Тој?“ Му одговорија: „Давидов.“ Им рече: „Како тогаш Давид, преку Духот Го нарече Господ, велејќи: ‚Му рече Господ на Мојот Господ: Седи од Мојата десна страна, додека не ги положам непријателите Твои во подножјето на нозете Твои.‘ И така, ако Давид Го нарече Господ, како тогаш може Тој да Му е син?“ И никој не можеше да Му одговори ниту збор, и од тој ден никој веќе не се осмели да Го праша.
Матеј 22:23-46 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)
Во тој ден дојдоа кај Него садукеите, кои велат дека нема воскресение, и Го прашаа: “Учи-теле, Мојсеј рече: ‘Ако некој умре без деца, неговиот брат нека ја земе неговата жена и нека му подигне потомство на брата си.’ А при нас беа седуммина браќа: првиот се ожени и умре, а бидејќи немаше пород, му ја остави својата жена на брата си. Така и вториот, и третиот, сѐ до седмиот; а по сите умре и жената. И така, при воскресението: кому од седуммината ќе му биде жена? Зашто сите ја имаа!“ А Исус им одговори и им рече: „Во заблуда сте, зашто не ги знаете Писмата, ниту Божјата сила. Зашто при воскресението ниту ќе се женат, ниту ќе се мажат, туку се како Божјите ангели на небото. А за воскресението на мртвите, не сте ли читале што ви рече Бог, Кој вели: “Јас Сум Бог Авраамов, Бог Исаков и Бог Јаковов“? А Бог не е Бог на мртвите, туку на живите!“ И кога народот го чу тоа, се восхитуваше на Неговата наука. А кога фарисеите чуја дека ги замолкна садукеите, се собраа заедно, и еден од нив, законик, Го праша, искушувајќи Го: “Учи-теле, која е големата заповед во Законот?“ А Тој му рече: „Љуби Го Господа твојот Бог со сето свое срце, и со сета своја душа и со сета твоја мисла!“ Тоа е најголемата и прва заповед; а втората е како и оваа: „Љуби го твојот ближен како себеси!“ На тие две заповеди висат сиот Закон и Пророците.“ А кога фарисеите беа собрани, Исус ги праша: “Што мислите за Христа? Чиј Син е?“ Му рекоа: „Давидов.“ Им рече: „Како тогаш Давид, преку Духот, Го наречува Господ, велејќи: ’Му рече Господ на мојот Господ: ‘Седни од Мојата десна страна, додека ги положам Твоите непријатели под Твоите нозе’? И така, кога Давид Го наречува Господ, како Му е Син?“ И никој не можеше да Му одговори ниту збор, ниту некој се осмели, од тој ден, веќе да Го праша.