Матеј 2:11-15
Матеј 2:11-15 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)
Влегувајќи во куќата, Го видоа Детето и мајка Му Марија, па паднаа ничкум и Му се поклонија. Потоа, ги отворија своите ковчежиња и Го даруваа со злато, со ливан и со смирна. Потоа тие си заминаа за својата земја по друг пат, откако Бог насон ги предупреди да не се враќаат кај Ирод. По заминувањето на мудреците, на Јосиф му се јави насон ангел Господов и му рече: „Стани, земи ги Детето и мајка Му и бегај во Египет; остани таму додека не ти се јавам, зашто Ирод ќе го бара Детето за да Го убие.“ Тогаш Јосиф стана, ги зеде Детето и мајка Му Марија и ноќта заминаа за Египет. И останаа таму си до смртта на Ирод. Со ова се исполнуваше претскажаното од Бог преку пророкот Осија: „Од Египет го повикав Мојот Син.“
Матеј 2:11-15 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)
И штом влегоа во куќата, Го видоа Младенецот со мајка Му Марија, и паднаа, па Му се поклонија; потоа ги отворија своите ковчежиња и Му принесоа дарови: злато, ливан и смирна. И откако примија предупредување на сон, не се вратија веќе кај Ирод, туку си заминаа по друг пат за својата земја. А штом си отидоа тие, ете, ангел Господов му се јави на Јосиф на сон, велејќи: „Стани, земи Го Младенецот и мајка Му, па бегај во Египет и остани таму додека не ти кажам, бидејќи Ирод ќе Го бара Младенецот за да Го погуби.“ И тој стана, Го зеде Младенецот и мајка Му ноќно време, па отиде во Египет. И таму остана до смртта на Ирод, за да се исполни реченото од Господ преку пророкот, кој вели: „Од Египет Го повикав Синот Свој.“
Матеј 2:11-15 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)
И кога влегоа во куќата, го видоа Детето со Неговата мајка Марија, и паднаа ничкум и Му се поклонија; ги отворија своите сокровишта и Му принесоа дарови: злато, темјан и смирна. И откако беа предупредени од Бога во сон, да не се враќаат при Ирода, заминаа по друг пат за својата земја. А кога си отидоа тие, ете, Господов ангел му се јави на Јосифа во сон и му рече: „Стани, земи Го Детето, и Неговата мајка, и бегај во Египет, и остани таму додека не ти кажам, зашто Ирод ќе Го бара Детето за да Го погуби.“ И тој стана, Го зеде Детето и Неговата мајка, ноќе, и отиде во Египет; и таму беше до Иродо-вата смрт; за да се исполни реченото од Господа преку пророкот кој вели: „Од Египет Го повикав Својот Син.“