Матеј 17:6-17
Матеј 17:6-17 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)
Кога го слушнаа гласот, учениците многу се исплашија и паднаа ничкум. Исус им пријде, ги допре и им рече: „Станете и не плашете се!“ Кога тие ги кренаа своите погледи, Го видоа само Исус и никој друг. Додека слегуваа од планината, Исус им нареди: „Не кажувајте му никому за ова што го видовте, си додека Јас, Синот Човечки, не воскреснам од мртвите.“ Тогаш учениците Го прашаа: „Зошто вероучителите велат дека пред да дојде Месијата, повторно ќе се појави пророкот Илија?“ „Секако“ им одговори Исус. „Најпрво треба да дојде Илија и да подготви си. Но Јас ви кажувам дека Илија веќе дојде, а тие не го познаа и му го направија тоа што го сакаа. Така ќе мора да настрада од нив и Синот Човечки.“ Тогаш им стана јасно дека Исус им говореше за Јован Крстител. Кога се вратија меѓу народот, на Исус Му пријде еден човек, клекна на колена, и Му рече: „Господе, имај милост за син ми, зашто добива епилептични напади и многу се мачи; честопати паѓа де во оган де во вода. Го носев кај Твоите ученици, но тие не можеа да го излекуваат.“ А Исус, во одговор рече: „О, тврдоглав и неверен народе! До кога ќе морам да останам со вас и да ве поднесувам? Донесете Ми го момчето!“
Матеј 17:6-17 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)
И кога го чуја тоа учениците, паднаа ничкум и многу се уплашија. Но Исус, штом се приближи, се допре до нив и им рече: „Станете и не плашете се!“ А тие, кога ги подигнаа очите, не видоа никој друг освен Исус. Исус им заповеда и рече: „Никому не кажувајте што видовте додека Синот Човечки не воскресне од мртвите!“ Потоа учениците Негови Го прашаа, говорејќи: „Зошто, пак, книжниците велат дека најнапред треба да дојде Илија?“ Исус им одговори и рече: „Илија ќе дојде порано и ќе уреди сѐ; но ви велам дека Илија веќе дојде и не го познаа, туку му направија сѐ што сакаа; така и Синот Човечки ќе пострада од нив.“ Тогаш учениците разбраа дека Тој им зборува за Јован Крстител. Кога дојдоа кај народот, пристапи кон Него еден човек, кој падна на колена и рече: „Господи, смилувај се на мојот син, зашто при нова месечина го напаѓа зол дух и се мачи многу; често паѓа во оган и често – во вода; го одведов кај Твоите ученици, но тие не можеа да го излекуваат.“ А Исус одговори и рече: „О, роде безверен и развратен! До кога ќе бидам со вас? До кога ќе ве трпам? Доведете Ми го тука!“
Матеј 17:6-17 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)
И кога учениците го чуја тоа, паднаа на своите лица и многу се уплашија. А Исус се приближи до нив, ги допре и рече: „Станете и не бојте се!“ И кога тие ги подигнаа своите очи, не видоа никого, освен Исуса Самиот. И кога слегнуваа од гората, Исус им заповеда, велејќи: „Никому не кажувајте за ова привидение, додека Синот Човечки не воскресне од мртвите.“ И Него-вите ученици Го прашаа, говорејќи: „Зошто тогаш книжниците велат, дека Илија најнапред мора да дојде?“ А Тој им одговори и рече: „Навистина Илија иде и ќе обнови сѐ. Но, ви велам, дека Илија веќе дојде, и не го познаа, туку му направија како што сакаа. Така и Синот Човечки ќе пострада од нив.“ Тогаш учениците раз-браа дека им зборуваше за Јована Крстител. И кога дојдоа при мноштвото, еден човек Му пристапи, падна на колена пред Него и рече: “Госпо-ди, смилувај му се на мојот син, зашто е месечар и се мачи многу; зашто често паѓа во огнот и често во водата. И го доведов при Твоите ученици, а тие не можеа да го исцелат.“ И Исус одговори и рече: „О, неверен и развратен роде! До кога ќе бидам со вас? До кога ќе ве трпам? Доведете Ми го тука.“