Матеј 17:22-27
Матеј 17:22-27 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)
Еден ден, кога учениците се беа вратиле во Галилеја, Исус им рече: „Наскоро Јас, Синот Човечки, ќе бидам предаден во рацете на луѓето. Тие ќе Ме убијат, но на третиот ден ќе воскреснам.“ Ова многу ги ожалости учениците. Кога дојдоа во градот Кафарнаум, на Петар му пријдоа наплатувачите на данок за храмот и му рекоа: „Ќе плати ли вашиот Учител данок за храмот?“ „Секако!“ им одговори Петар. А кога Петар се врати дома, Исус го пресретна и го праша: „Што мислиш, Симоне, од кого наплатуваат данок земните цареви: од сопствените синови или од туѓите?“ „Од туѓите!“ одговори Петар. Тогаш Исус му рече: „Значи, синовите се ослободени од плаќање. Но, за да не ги соблазниме, појди до морето, фрли јадица и отвори ђ ја устата на првата риба што ќе ја фатиш; во неа ќе најдеш една пара што ќе биде доволна да платиш данок и за Мене и за себе.“
Матеј 17:22-27 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)
А кога беа во Галилеја, Исус им рече: „Синот Човечки ќе биде предаден во раце човечки, и ќе Го убијат, и на третиот ден ќе воскресне.“ И тие многу се нажалија. А кога пристигнаа во Капернаум, му пристапија на Петар оние што собираа дидрахми и му рекоа: „Учителот ваш не плаќа ли дидрахми?“ Тој одговори: „Плаќа.“ И кога влезе дома, Исус го испревари и рече: „Како ти се чини, Симоне? Земните цареви од кого земаат царина или данок? Од своите синови или од туѓи?“ Петар Му одговори: „Од туѓите.“ Исус му рече: „Значи, синовите не плаќаат; но, за да не ги соблазниме, отиди до морето, фрли јадица и првата риба што ќе се улови, земи ја; и, кога ќе ѝ ја отвориш устата, ќе најдеш статир; земи го и подај им го за Мене и за себе!“
Матеј 17:22-27 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)
И додека беа заедно во Галилеја, Исус им рече: „Синот Човечки ќе биде предаден во раце човечки, и ќе Го убијат, и на третиот ден ќе биде воскреснат.“ И тие многу се нажалија. А кога дојдоа во Капернаум, собирачите на двете драхми, храмовиот данок, му пристапија на Петра и рекоа: „Зарем вашиот Учител не плаќа две драхми?“ Тој рече: „Да.“ И кога влезе во куќата Исус го испревари, велејќи: „Што мислиш, Симоне? Земните цареви од кого земаат царина или данок, од своите синови или од туѓинците?“ А Петар Му рече: „Од туѓинците,“ Исус му рече: „Значи, синовите се слободни.“ Но за да не ги соблазниме, оди до морето, фрли јадица и земи ја првата риба што ќе излезе, и кога ќе ѝ ја отвориш устата, ќе најдеш статир; земи го и подај им го за Мене и за тебе.“