Матеј 17:1-20
Матеј 17:1-20 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)
По шест дни, Исус ги зеде со Себе Петар и браќата Јаков и Јован и ги поведе насамо на една висока планина. Таму Тој се преобрази пред нив: лицето Му болсна како Сонцето, а облеката му стана блескаво бела, како светлина. Наеднаш се појавија Мојсеј и пророкот Илија и разговараа со Исус. Тогаш Петар Му рече на Исус: „Господе, колку ни е убаво овде! Ако сакаш, да направиме овде три колиби: една за Тебе, една за Мојсеј и една за Илија.“ Додека тој зборуваше, блескав облак ги засени и се чу глас од облакот: „Ова е Мојот Син Мојот љубимец, со Кого наполно Сум задоволен; Него слушајте Го!“ Кога го слушнаа гласот, учениците многу се исплашија и паднаа ничкум. Исус им пријде, ги допре и им рече: „Станете и не плашете се!“ Кога тие ги кренаа своите погледи, Го видоа само Исус и никој друг. Додека слегуваа од планината, Исус им нареди: „Не кажувајте му никому за ова што го видовте, си додека Јас, Синот Човечки, не воскреснам од мртвите.“ Тогаш учениците Го прашаа: „Зошто вероучителите велат дека пред да дојде Месијата, повторно ќе се појави пророкот Илија?“ „Секако“ им одговори Исус. „Најпрво треба да дојде Илија и да подготви си. Но Јас ви кажувам дека Илија веќе дојде, а тие не го познаа и му го направија тоа што го сакаа. Така ќе мора да настрада од нив и Синот Човечки.“ Тогаш им стана јасно дека Исус им говореше за Јован Крстител. Кога се вратија меѓу народот, на Исус Му пријде еден човек, клекна на колена, и Му рече: „Господе, имај милост за син ми, зашто добива епилептични напади и многу се мачи; честопати паѓа де во оган де во вода. Го носев кај Твоите ученици, но тие не можеа да го излекуваат.“ А Исус, во одговор рече: „О, тврдоглав и неверен народе! До кога ќе морам да останам со вас и да ве поднесувам? Донесете Ми го момчето!“ Потоа со заповед го избрка демонскиот дух од него и во истиот миг момчето оздраве. Подоцна Му пријдоа насамо Неговите ученици и Го прашаа: „Зошто не можевме ние да го избркаме демонскиот дух?“ „Бидејќи немате доволно вера“ им одговори Исус. „Зашто, ве уверувам, дека, кога би имале вера само колку едно синапово зрнце, би можеле да ђ речете на оваа планина: ,Премести се одовде таму!‘ и таа ќе се премести. И ништо не би ви било неможно.“
Матеј 17:1-20 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)
А по шест дни Исус ги зеде со Себе Петар, Јаков и брат му Јован, и ги изведе на висока гора сами; и се преобрази пред нив; и лицето Негово светна како сонце, а алиштата Му станаа бели како светлина. И ете, им се јавија Мојсеј и Илија, кои разговараа со Него. Тогаш Петар Му одговори на Исус и рече: „Господи, добро ни е да бидеме овде; ако сакаш ќе направам тука три колиби: една за Тебе, една за Мојсеј и една за Илија.“ Додека уште говореше, ете, ги засени светол облак; и се чу глас од облакот кој велеше: „Овој е Мојот возљубен Син, во Кого е Мојата волја; Него послушајте Го!“ И кога го чуја тоа учениците, паднаа ничкум и многу се уплашија. Но Исус, штом се приближи, се допре до нив и им рече: „Станете и не плашете се!“ А тие, кога ги подигнаа очите, не видоа никој друг освен Исус. Исус им заповеда и рече: „Никому не кажувајте што видовте додека Синот Човечки не воскресне од мртвите!“ Потоа учениците Негови Го прашаа, говорејќи: „Зошто, пак, книжниците велат дека најнапред треба да дојде Илија?“ Исус им одговори и рече: „Илија ќе дојде порано и ќе уреди сѐ; но ви велам дека Илија веќе дојде и не го познаа, туку му направија сѐ што сакаа; така и Синот Човечки ќе пострада од нив.“ Тогаш учениците разбраа дека Тој им зборува за Јован Крстител. Кога дојдоа кај народот, пристапи кон Него еден човек, кој падна на колена и рече: „Господи, смилувај се на мојот син, зашто при нова месечина го напаѓа зол дух и се мачи многу; често паѓа во оган и често – во вода; го одведов кај Твоите ученици, но тие не можеа да го излекуваат.“ А Исус одговори и рече: „О, роде безверен и развратен! До кога ќе бидам со вас? До кога ќе ве трпам? Доведете Ми го тука!“ И му нареди Исус на демонот и тој излезе од момчето; и тоа оздраве во тој час. Тогаш учениците пристапија кон Исус насамо и Му рекоа: „Зошто не можевме ние да го истераме?“ А Исус им рече: „Заради вашето безверие: зашто, вистина, ви велам, ако имате вера колку синапово зрно, ќе ѝ речете на оваа планина: ‚Премести се одовде таму!‘ И таа ќе се премести, и ништо нема да биде за вас неможно.
Матеј 17:1-20 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)
И по шест дни Исус ги зеде со Себе: Петра, и Јакова и брата му Јована, и ги изведе на висока гора насамо. И беше преобразен пред нив, лицето Му светна како сонцето, а Неговата облека стана бела како светлината. И ете, им се јавија Мојсеј и Илија и разговараа со Него. А Петар одговори и Му рече на Исуса: „Господи, добро е за нас да сме тука; ако сакаш ќе направиме тука три шатори: еден за Тебе, еден за Мојсеја и еден за Илија.“ Додека уште зборуваше тој, ете, ги засени светол облак, и ете, глас од облакот велеше: „Овој е Мојот возљубен Син, во Кого Ми е милината; слушајте Го Него!“ И кога учениците го чуја тоа, паднаа на своите лица и многу се уплашија. А Исус се приближи до нив, ги допре и рече: „Станете и не бојте се!“ И кога тие ги подигнаа своите очи, не видоа никого, освен Исуса Самиот. И кога слегнуваа од гората, Исус им заповеда, велејќи: „Никому не кажувајте за ова привидение, додека Синот Човечки не воскресне од мртвите.“ И Него-вите ученици Го прашаа, говорејќи: „Зошто тогаш книжниците велат, дека Илија најнапред мора да дојде?“ А Тој им одговори и рече: „Навистина Илија иде и ќе обнови сѐ. Но, ви велам, дека Илија веќе дојде, и не го познаа, туку му направија како што сакаа. Така и Синот Човечки ќе пострада од нив.“ Тогаш учениците раз-браа дека им зборуваше за Јована Крстител. И кога дојдоа при мноштвото, еден човек Му пристапи, падна на колена пред Него и рече: “Госпо-ди, смилувај му се на мојот син, зашто е месечар и се мачи многу; зашто често паѓа во огнот и често во водата. И го доведов при Твоите ученици, а тие не можеа да го исцелат.“ И Исус одговори и рече: „О, неверен и развратен роде! До кога ќе бидам со вас? До кога ќе ве трпам? Доведете Ми го тука.“ И Исус го прекори, и излезе демонот од него, и момчето беше исцелено од тој час. Тогаш учениците дојдоа при Исуса наса-мо и рекоа: „Зошто не можевме ние да го изгониме?“ А Тој им рече: „Заради вашето неверие; зашто, вистина ви велам, ако имате вера колку синапово зрно, ќе ѝ речете на оваа гора: ‘Преме-сти се оттука таму!’, и ќе се премести, и ништо нема да ви биде невозможно.