Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Матеј 14:13-21

Матеј 14:13-21 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

Кога Исус слушна за погубувањето на Јован Крстител, си замина оттаму со бротче и дојде насамо на едно пусто место. Но народот од градовите дозна за тоа и се упати пеш дотаму. А Тој, излегувајќи од бротчето, виде голема толпа народ. Душата Му се исполни со сочувство и ги исцелуваше болните меѓу нив. На квечерина кај Исус дојдоа Неговите ученици и Му рекоа: „Доцна е веќе, а местово е пусто. Пушти ги луѓето да се вратат по селата и да си купат храна!“ А Исус им рече:„Нема потреба да одат; дајте им вие нешто да јадат.“ Тие Му одговорија: „Ние имаме овде само пет леба и две риби!“ „Донесете ми ги!“ им рече Исус. Тогаш им рече на луѓето да поседнат по тревата, а Тој ги зеде петте леба и двете риби, и со поглед кон небото ги благослови и ги раскрши. Потоа им ги даде на учениците, а тие им ги разделија на луѓето. Сите јадеа и се наситија, а собраа и дванаесет кошници полни со парчиња што преостанаа. Тие што јадеа беа на број околу пет илјади мажи, а имаше и жени и деца.

Матеј 14:13-21 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)

Штом го чу тоа Исус, замина оттаму со кораб во пусто место, Сам а на­ро­дот, штом дозна за тоа, тргна по Него пеш од градовите. И кога излезе Исус, виде многу свет; и се смилува над нив и ги излекува нивните болни. А на стемнување се приближија до Него учениците Негови и рекоа: „Мес­тово е пусто, а и доцна е веќе; пушти го народот да оди по селата и да си купи храна.“ Но Исус им рече: „Нема потреба да одат; дајте им вие да јадат!“ А тие Му рекоа: „Ние имаме само пет леба и две риби.“ Тој им рече: „Донесете Ми ги ту­ка!“ И откако му заповеда на народот да седне по тревата, ги зеде петте леба и двете риби, погледна кон небото, ги благослови, ги прекрши и им ги даде лебовите на учениците, а учениците – на народот. И јадеа сите и се наситија; и кренаа дванаесет кошеви полни со останати парчиња. А оние што јадеа беа околу пет ил­ја­ди мажи, покрај жените и децата.

Матеј 14:13-21 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)

А кога го чу тоа Исус, се повлече оттаму со кораб, во пусто место, насамо. Но мноштвата чуја и Го следеа пеш од градовите. И кога излезе виде големо мноштво, беше поттикнат со сожалување кон нив и ги исцели нивните болни. А кога се свечери Неговите ученици дојдоа при Него и Му рекоа: „Местово е пусто и времето е веќе поодминато; распушти ги мноштвата да отидат по селата за да си купат храна.“ Но Исус им рече: „Нема потреба да одат, дајте им вие да јадат!“ А тие Му рекоа: „Тука немаме ништо, но само пет лебови и две риби.“ А Тој им рече: „Донесете Ми ги тука.“ И заповеда народот да седне по тревата; ги зеде петте лебови и двете риби, погледна кон небото и благослови; ги раскрши лебовите и им ги даде на учениците, а учениците на мноштвата. И сите јадоа и се наситија; и го дигнаа преостанатото од парчињата, дванаесет кошеви полни. А оние, кои јадеа, беа околу пет илјади мажи, освен жените и децата.