Матеј 13:24-30
Матеј 13:24-30 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)
Потоа Исус им кажа уште една споредба: „Небесното царство може да се спореди со човек што посеал чисто пченично семе во својата нива. Но, додека луѓето спиеле, дошол неговиот непријател, посеал какол меѓу пченицата и си заминал. Кога посеаното порасна и заврза плод, се покажа и каколот. Дојдоа слугите кај домаќинот и му рекоа: ,Господару, зар ти не беше посеал чисто семе на твојата нива? Од каде сега се појави овој какол?‘ А тој им одговори: ,Тоа ми го направи непријателот!‘ Тогаш слугите му рекоа: ,Сакаш ли да појдеме и да го искорнеме каколот?‘ ,Немојте‘ им одговори тој ,зашто, корнејќи го каколот, со него ќе го искорнете и житото.‘ Оставете ги, нека растат заедно до жетвата. Тогаш ќе им наредам на жетварите: ,Издвојте го најнапред каколот, врзете го во снопови и изгорете го, а житото соберете го во Моите складови!‘“
Матеј 13:24-30 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)
И друга парабола им кажа, велејќи: „Царството небесно прилега на човек што посеал добро семе на својата нива. Но, додека спиеја луѓето, дојде неговиот непријател и посеја меѓу житото какол, па си отиде. А кога израсна растението и донесе плод, тогаш се појави и каколот. И кога дојдоа слугите на стопанот, му рекоа: ‚Господаре, нели добро семе посеа на нивата своја? Од каде сега, пак, овој какол во неа?‘ А тој им рече: ‚Непријателот го направи тоа!‘ Слугите, пак, му рекоа: ‚Сакаш ли да одиме и да го исплевиме?‘ Но тој им рече: ‚Не, да не би, корнејќи го каколот, да искорнете заедно со него и жито; оставете нека расте и едното и другото, до жетвата; а по жетвата ќе им кажам на жетварите: соберете го најнапред каколот и врзете го во снопови, за да се изгори; а, житото приберете го во мојата житница.‘“
Матеј 13:24-30 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)
Им претстави и друга парабола, велејќи: „Царството небесно е слично на човек, кој посеал добро семе на својата нива. Но, кога луѓето спиеја, дојде неговиот непријател и посеа какол меѓу пченицата и си отиде. А кога посевот порасте и донесе плод, тогаш се покажа и каколот. А слугите на домаќинот пристапија и му рекоа: ‘Господару, зар не посеа добро семе на својата нива? Тогаш, откаде е каколот во неа?’ А тој им рече: ‘Човек непријател го направи тоа.’ Слугите пак му рекоа: ‘Сакаш ли тогаш да одиме и да го исплевиме?’ А тој рече: „Не, да не би корнејќи го каколот, да ја откорнете со него и пченицата. Оставете ги нека растат двете заедно до жетвата. А во времето на жетвата ќе им речам на жетварите: ‘Соберете го најнапред каколот и врзете го во снопови, за горење; а житото приберете го во мојата житница’.“