Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Матеј 13:18-30

Матеј 13:18-30 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

„Чујте го сега значењето на споредбата со сејачот. Тврдата почва покрај патот ги претставува оние луѓе што ја слушаат пораката за небесното царство, но не се трудат да ја разберат. Ѓаволот доаѓа и го отстранува посеаното кај нив. Каменестата почва ги претставува оние луѓе што ја слушаат Божјата порака и со задоволство ја примаат; меѓутоа, бидејќи таа во нив не се закоренува, тие остануваат верници само за кратко: штом надојдат неволи или прогонства поради верата во Божјата порака, тие веднаш се откажуваат. Трнливата почва ги претставува оние луѓе што ја слушаат Божјата порака, но прекумерната грижа за овој живот, како и занесот по збогатување ја задушуваат пораката во нив и тие остануваат бесплодни. Плодната почва ги претставува оние луѓе што ја слушаат Божјата порака и се трудат да ја разберат. Тоа семе ќе донесе плод: некаде по сто, некаде по шеесет, а некаде по триесет зрна.“ Потоа Исус им кажа уште една споредба: „Небесното царство може да се спореди со човек што посеал чисто пченично семе во својата нива. Но, додека луѓето спиеле, дошол неговиот непријател, посеал какол меѓу пченицата и си заминал. Кога посеаното порасна и заврза плод, се покажа и каколот. Дојдоа слугите кај домаќинот и му рекоа: ,Господару, зар ти не беше посеал чисто семе на твојата нива? Од каде сега се појави овој какол?‘ А тој им одговори: ,Тоа ми го направи непријателот!‘ Тогаш слугите му рекоа: ,Сакаш ли да појдеме и да го искорнеме каколот?‘ ,Немојте‘ им одговори тој ,зашто, корнејќи го каколот, со него ќе го искорнете и житото.‘ Оставете ги, нека растат заедно до жетвата. Тогаш ќе им наредам на жетварите: ,Издвојте го најнапред каколот, врзете го во снопови и изгорете го, а житото соберете го во Моите складови!‘“

Матеј 13:18-30 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)

„Вие, пак, чујте ја параболата за се­јачот. Кај секого, што го слуша словото за царството и не го разбира, доаѓа лу­ка­виот и го граба посеаното во срцето не­гово; ете, тоа означува посеаното по­крај патот. А посеаното на камен е оној што го слуша словото и веднаш со радост го прима; но нема во себе корен и е непостојан: дојдат ли неволји или гонење заради словото, веднаш отстапува. Посеаното, пак, во трње е оној што го слуша словото, но грижите од овој свет и примамливото богатство го за­ду­шуваат словото и тоа останува без род. А посеаното на добра земја е оној што го слуша словото и го разбира, и дава плод: еден сто, друг шеесет, а трет триесет.“ И друга парабола им кажа, велејќи: „Царството небесно прилега на човек што посеал добро семе на својата нива. Но, додека спиеја луѓето, дојде не­говиот непријател и посеја меѓу житото какол, па си отиде. А кога израсна растението и донесе плод, тогаш се појави и каколот. И кога дојдоа слугите на стопанот, му рекоа: ‚Господаре, нели добро семе посеа на нивата своја? Од каде сега, пак, овој какол во неа?‘ А тој им рече: ‚Непријателот го на­прави тоа!‘ Слугите, пак, му рекоа: ‚Са­каш ли да одиме и да го исплевиме?‘ Но тој им рече: ‚Не, да не би, кор­нејќи го каколот, да искорнете заедно со него и жито; оставете нека расте и едното и другото, до жетвата; а по жетвата ќе им кажам на жетварите: соберете го најна­пред каколот и врзете го во снопови, за да се изгори; а, житото приберете го во мојата житница.‘“

Матеј 13:18-30 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)

“И така, чујте ја вие параболата за сејачот. Кога некој го слуша словото за царството, а не го разбира, тогаш доаѓа лукавиот и го граби тоа што е посеано во неговото срце; тоа е, што е посеано покрај патот. А посеаното на каменити места е оној, кој го слуша словото и веднаш го прима со радост, но нема корен во себе, и привремен е, и кога ќе настане неволја или гонење заради словото, веднаш се соблазнува. А посеаното меѓу трње е оној, кој го слуша словото, но грижите за светов и измамата на богатството го загушуваат словото, и станува неплоден. А посеаното на добра земја е оној, кој го слуша словото и го разбира; кој навистина раѓа плод и донесува: едниот стократно, другиот шеесет, и другиот триесет.“ Им претстави и друга парабола, велејќи: „Царството небесно е слично на човек, кој посеал добро семе на својата нива. Но, кога луѓето спиеја, дојде неговиот непријател и посеа какол меѓу пченицата и си отиде. А кога посевот порасте и донесе плод, тогаш се покажа и каколот. А слугите на домаќинот пристапија и му рекоа: ‘Господару, зар не посеа добро семе на својата нива? Тогаш, откаде е каколот во неа?’ А тој им рече: ‘Човек непријател го направи тоа.’ Слугите пак му рекоа: ‘Сакаш ли тогаш да одиме и да го исплевиме?’ А тој рече: „Не, да не би корнејќи го каколот, да ја откорнете со него и пченицата. Оставете ги нека растат двете заедно до жетвата. А во времето на жетвата ќе им речам на жетварите: ‘Соберете го најнапред каколот и врзете го во снопови, за горење; а житото приберете го во мојата житница’.“