Матеј 13:1-52
Матеј 13:1-52 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)
Истиот ден Исус излезе од куќата и седна на брегот на езерото. Околу Него се насобра голема толпа народ и Тој се искачи и седна на едно бротче, а народот остана да стои на брегот. И му говореше за многу нешта, користејќи се со споредби. „Еден сејач излезе да сее на својата нива. Сеејќи така, дел од семето падна на тврда почва, покрај патот; долетаа птици и го исколваа. Друг дел од семето падна на каменеста почва, каде што имаше малку земја, и тоа брзо никна бидејќи земјата беше плитка. Но штом запече сонцето, стебленцето свена и се исуши, бидејќи немаше доволно длабоки корени за да го одржат во живот. Трет дел од семето падна меѓу трње. Кога пораснаа трњето го задушија стебленцето. Конечно, дел од семето падна на плодна почва и донесе плод: едно стебло роди сто, друго шеесет, а трето триесет зрна. Ако имате уши, слушајте внимателно!“ заклучи Исус. Тогаш на Исус Му пристапија Неговите ученици и Го запрашаа: „Зошто му зборуваш на народот преку споредби?“ А Тој им одговори: „Вам ви е дадено да ги запознавате тајните на небесното царство, но ним не им е. Зашто, на оној што е отворен за она што Јас го поучувам, ќе му биде дадено уште подлабоко разбирање; а на оној што не сака да Ме слуша, ќе му се земе и она што го има. Им зборувам преку споредби бидејќи тие, имајќи очи, не гледаат, и имајќи уши не слушаат, ниту пак се трудат да разберат. Кај нив се исполнува претскажаното од Бог преку пророкот Исаија, кој вели: ,Ќе го слушате Моето Слово, но нема да го разберете; ќе ги гледате Моите дела, но нема да ги сфатите. Зашто, срцата на овие луѓе им се закоравени! Со ушите одвај слушаат, а очите си ги затвораат. Не сакаат да видат, да слушнат и да разберат,па да се свртат кон Мене за да ги исцелам.‘ А блазе си ви вам, зашто вие гледате и слушате! Ви велам дека многу пророци и многу праведници имаа желба да го видат тоа што вие го гледате, но не го видоа, и да го чујат тоа што вие го слушате, но не го слушнаа.“ „Чујте го сега значењето на споредбата со сејачот. Тврдата почва покрај патот ги претставува оние луѓе што ја слушаат пораката за небесното царство, но не се трудат да ја разберат. Ѓаволот доаѓа и го отстранува посеаното кај нив. Каменестата почва ги претставува оние луѓе што ја слушаат Божјата порака и со задоволство ја примаат; меѓутоа, бидејќи таа во нив не се закоренува, тие остануваат верници само за кратко: штом надојдат неволи или прогонства поради верата во Божјата порака, тие веднаш се откажуваат. Трнливата почва ги претставува оние луѓе што ја слушаат Божјата порака, но прекумерната грижа за овој живот, како и занесот по збогатување ја задушуваат пораката во нив и тие остануваат бесплодни. Плодната почва ги претставува оние луѓе што ја слушаат Божјата порака и се трудат да ја разберат. Тоа семе ќе донесе плод: некаде по сто, некаде по шеесет, а некаде по триесет зрна.“ Потоа Исус им кажа уште една споредба: „Небесното царство може да се спореди со човек што посеал чисто пченично семе во својата нива. Но, додека луѓето спиеле, дошол неговиот непријател, посеал какол меѓу пченицата и си заминал. Кога посеаното порасна и заврза плод, се покажа и каколот. Дојдоа слугите кај домаќинот и му рекоа: ,Господару, зар ти не беше посеал чисто семе на твојата нива? Од каде сега се појави овој какол?‘ А тој им одговори: ,Тоа ми го направи непријателот!‘ Тогаш слугите му рекоа: ,Сакаш ли да појдеме и да го искорнеме каколот?‘ ,Немојте‘ им одговори тој ,зашто, корнејќи го каколот, со него ќе го искорнете и житото.‘ Оставете ги, нека растат заедно до жетвата. Тогаш ќе им наредам на жетварите: ,Издвојте го најнапред каколот, врзете го во снопови и изгорете го, а житото соберете го во Моите складови!‘“ Потоа, Исус им кажа уште една споредба: „Небесното царство може да се спореди со синапово зрно што некој ќе го посее во својата нива. Иако тоа е најмало од сите семиња, кога ќе порасне, ги надвишува сите градинарски растенија и станува дрво на кое и птиците слетуваат и си свиваат гнезда на неговите гранки.“ Исус им кажа и ваква споредба: „Небесното царство може да се спореди со квасец што жената го замесува со три мери брашно, по што целото тесто нараснува!“ Исус се користеше со споредби за да му го објасни на народот сето ова и ништо не им говореше без споредби. Со тоа се исполнуваа Божјите зборови претскажани преку пророкот: „Ќе им говорам преку споредби, ќе им ги објавам тајните што беа скриени од создавањето на светот.“ Тогаш Исус го пушти народот да се разотиде, а Тој се врати дома. Таму Му пристапија Неговите ученици и Му рекоа: „Објасни ни ја споредбата за каколот на нивата.“ Исус им одговори: „Човекот што сее чисто семе сум Јас, Синот Човечки. Нивата го претставува светот. Чистото семе ги претставува следбениците на Божјото царство. Каколот ги претставува следбениците на Ѓаволот. Непријателот што го сее каколот е Ѓаволот. Жетвата е крајот на светот, а жетвари се ангелите. Како што каколот се собира и се фрла в оган, така ќе биде и на крајот на светот. Јас, Синот Човечки, ќе ги испратам Своите ангели да ги соберат сите оние кои поттикнуваат на грев и сите злосторници; тие ќе ги фрлат во огнена печка, каде што ќе има пискоти и крцкање со заби. Тогаш праведниците ќе заблескаат како сонца во царството на Својот небесен Татко. Кој има уши, нека слуша!“ „Небесното царство може да се спореди со богатство скриено во нива. Човекот што ќе го пронајде повторно го закопува и сиот радосен оди и продава си што поседува и ја купува таа нива.“ „Понатаму, небесното царство може да се спореди со трговец што трага по најскапоцениот бисер; кога ќе го најде, тој оди и продава си што има и го купува.“ „Понатаму, небесното царство може да се спореди со голема рибарска мрежа што се фрла в море, при што зафаќа секаков вид риби. Кога мрежата ќе се наполни, ја извлекуваат на брегот, седнуваат, и добрите риби ги издвојуваат во кошеви, а лошите ги фрлаат. Така ќе биде и на крајот на светот: ќе излезат ангелите, ќе ги издвојат грешниците од праведниците, и ќе ги фрлат во огнена печка, каде што ќе има пискоти и крцкање со заби.“ „Го разбравте ли сето ова?“ ги запраша Исус. „Да!“ Му одговорија тие. А Тој им рече: „Тогаш, секој вероучител којшто станал ученик на небесното царство може да се спореди со домаќин кој од своите ризници ќе може да извади и ново и старо.“
Матеј 13:1-52 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)
Излегувајќи тој ден од куќата, Исус седна покрај морето. И се собра околу Него многу народ, така што Тој влезе во кораб и седна, а сиот народ стоеше на брегот. И им говореше многу во параболи, велејќи: „Ете, излезе сејач да сее; и кога сееше, едни зрна паднаа покрај патот; долетаа птици и ги исколваа. Други паднаа на каменито место, каде што немаше многу земја, и набргу проникнаа, зашто земјата не беше длабока. Но, штом изгреа сонцето, тие свенаа, па, бидејќи немаа корен, се исушија. Некои паднаа во трње и израсна трњето и ги задуши. Други паднаа на добра земја и дадоа добар плод; едно сто, друго шеесет, а трето триесет. Кој има уши да слуша, нека чуе.“ И кога се приближија до Него учениците, Му рекоа: „Зошто им зборуваш во парабола?“ А Тој им одговори и рече: „Зашто вам ви е дадено да ги знаете тајните на царството небесно, а ним не им е дадено. Кој има ќе му се даде и ќе му се преумножи; а кој нема, ќе му се земе и она што го има. Затоа им зборувам во параболи, зашто гледаат и не видат; слушаат и не можат да чујат, ниту пак, разбираат; и над нив се исполнува пророштвото на Исаија, кој вели: ‚Со уши ќе чуете и нема да разберете, со очи ќе гледате и нема да видите; срцето на овие луѓе закоравело и со ушите тешко слушаат; и ги затвориле очите свои за да не можат никогаш со очите да видат и со ушите да чујат и со срцето да разберат, та да се покајат и да ги исцелам.‘ Вашите, пак, очи се блажени, бидејќи гледаат и ушите ваши – бидејќи слушаат; зашто вистина ви велам: многу пророци и праведници сакаа да видат што гледате вие, и не видоа, и да чујат што слушате вие, и не чуја.“ „Вие, пак, чујте ја параболата за сејачот. Кај секого, што го слуша словото за царството и не го разбира, доаѓа лукавиот и го граба посеаното во срцето негово; ете, тоа означува посеаното покрај патот. А посеаното на камен е оној што го слуша словото и веднаш со радост го прима; но нема во себе корен и е непостојан: дојдат ли неволји или гонење заради словото, веднаш отстапува. Посеаното, пак, во трње е оној што го слуша словото, но грижите од овој свет и примамливото богатство го задушуваат словото и тоа останува без род. А посеаното на добра земја е оној што го слуша словото и го разбира, и дава плод: еден сто, друг шеесет, а трет триесет.“ И друга парабола им кажа, велејќи: „Царството небесно прилега на човек што посеал добро семе на својата нива. Но, додека спиеја луѓето, дојде неговиот непријател и посеја меѓу житото какол, па си отиде. А кога израсна растението и донесе плод, тогаш се појави и каколот. И кога дојдоа слугите на стопанот, му рекоа: ‚Господаре, нели добро семе посеа на нивата своја? Од каде сега, пак, овој какол во неа?‘ А тој им рече: ‚Непријателот го направи тоа!‘ Слугите, пак, му рекоа: ‚Сакаш ли да одиме и да го исплевиме?‘ Но тој им рече: ‚Не, да не би, корнејќи го каколот, да искорнете заедно со него и жито; оставете нека расте и едното и другото, до жетвата; а по жетвата ќе им кажам на жетварите: соберете го најнапред каколот и врзете го во снопови, за да се изгори; а, житото приберете го во мојата житница.‘“ И друга парабола им кажа, кога рече: „Царството небесно прилега на синапово зрно, кое човек го зел и го посеал на нивата своја. Тоа е најмало од сите семиња, но кога ќе израсне, поголемо е од сите грмушки, па станува дури и дрво, така што птиците небески долетуваат и застануваат на неговите гранки.“ И друга парабола им кажа: „Царството небесно прилега на квасец, што го зема жена и го клава во три мери брашно, дури не скисне сето.“ Сето ова му го зборуваше Исус на народот во параболи и без параболи не им говореше ништо; за да се исполни реченото преку пророкот кој вели: „Со параболи ќе ја отворам устата Своја; ќе ги искажам тајните од создавањето на светот.“ Тогаш Исус го остави народот и влезе во една куќа. А учениците се приближија до Него и Му рекоа: „Протолкувај ни ја параболата за каколот на нивата!“ А Тој им одговори и рече: „Сејачот на доброто семе е Синот Човечки. Нивата е овој свет; доброто семе – тоа се синовите на царството, а каколот – синовите на лукавиот. Непријателот, пак, што го посеа, е ѓаволот; жетвата е крајот на светот, а жетварите се ангелите. И така, како што се собира плевата и се гори во оган, така ќе биде и при крајот на овој свет. Ќе испрати Синот Човечки Свои ангели и ќе ги соберат сите причинители на гревот од Неговото царство, и оние што вршат незаконски дела, и ќе ги фрлат во вжарена печка; таму ќе има плач и крцкање со заби. Тогаш праведниците ќе заблескаат како сонце во царството на нивниот Отец. Кој има уши да слуша, нека чуе!“ „Царството небесно прилега уште и на богатство сокриено во нива, кое го нашол човек и прикрил, па, од радост за него, отишол и продал сѐ што имал, и ја купил таа нива.“ „Царството небесно прилега и на трговец, кој бара убави бисери; па, штом најде едно зрно скапоцен бисер, оди и продава сѐ што има и го купува.“ „Царството небесно прилега, исто така, и на мрежа, која се фрла во морето и уловува секакви риби; и кога ќе се наполни, ја извлекуваат на брегот и седнуваат, па добрите риби ги собираат во садови, а лошите ги фрлаат. Така ќе биде и при крајот на светот: ќе излезат ангелите и ќе ги одделат лошите од праведните, и ќе ги фрлат во вжарена печка: таму ќе има плач и крцкање со заби.“ И ги праша Исус: „Дали го разбравте сето ова?“ Тие Му одговорија: „Да, Господи!“ А Тој им рече: „Затоа секој книжник, кој се научил за царството небесно, прилега на домаќин што изнесува од своето сокровиште ново и старо.“
Матеј 13:1-52 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)
Во оној ден Исус излезе од куќата и седна покрај морето. И големи мноштва се собраа до Него, така што Тој влезе во кораб и седна, а сето мноштво стоеше на брегот. И им говореше многу во параболи, велејќи: „Ете, сејач излезе да сее, и кога сееше, некои зрна паднаа покрај патот, и птици дојдоа и ги исколваа. Други паднаа на каменити места, каде немаше многу земја, и набргу никна, зашто немаше длабока земја. А кога изгреа сонцето, изгореа, и бидејќи немаа корен, се исушија. Други паднаа меѓу трње, и трњето израсна и ги загуши. Други паднаа на добра земја и дадоа плод: едното сто, другото шеесет, а другото триесет. Кој има уши да слуша, нека слуша!“ И учениците Му се приближија и Му рекоа: „Зошто им зборуваш во параболи?“ А Тој им одговори и рече: „Затоа што вам ви е дадено да ги знаете тајните на царството небесно, а ним не им е дадено. Зашто кој има, ќе му се даде и ќе има изобилие; а кој нема, ќе му се одзеде и она, што го има. Затоа им зборувам во параболи, зашто гледаат и не видуваат, слушаат и не чујат, ниту разбираат. И врз нив се исполнува пророштвото на Исаија, кое вели: ‘Со уши ќе слушате и нема да разбирате; со очите ќе гледате и нема да видите. Зашто срцето на овој народ отапело; и со ушите тешко слушаат, и ги затворија своите очи; за да не гледаат со очите, или да слушаат со ушите, и да разберат со срцето и да се обратат, и Јас да ги исцелам.’ А вашите очи се блажени, зашто гледаат; и вашите уши зашто слушаат. Зашто вистина ви велам, дека мнозина пророци и праведници посакуваа да видат што гледате вие, и не видоа, и да чујат што слушате вие, и не чуја.“ “И така, чујте ја вие параболата за сејачот. Кога некој го слуша словото за царството, а не го разбира, тогаш доаѓа лукавиот и го граби тоа што е посеано во неговото срце; тоа е, што е посеано покрај патот. А посеаното на каменити места е оној, кој го слуша словото и веднаш го прима со радост, но нема корен во себе, и привремен е, и кога ќе настане неволја или гонење заради словото, веднаш се соблазнува. А посеаното меѓу трње е оној, кој го слуша словото, но грижите за светов и измамата на богатството го загушуваат словото, и станува неплоден. А посеаното на добра земја е оној, кој го слуша словото и го разбира; кој навистина раѓа плод и донесува: едниот стократно, другиот шеесет, и другиот триесет.“ Им претстави и друга парабола, велејќи: „Царството небесно е слично на човек, кој посеал добро семе на својата нива. Но, кога луѓето спиеја, дојде неговиот непријател и посеа какол меѓу пченицата и си отиде. А кога посевот порасте и донесе плод, тогаш се покажа и каколот. А слугите на домаќинот пристапија и му рекоа: ‘Господару, зар не посеа добро семе на својата нива? Тогаш, откаде е каколот во неа?’ А тој им рече: ‘Човек непријател го направи тоа.’ Слугите пак му рекоа: ‘Сакаш ли тогаш да одиме и да го исплевиме?’ А тој рече: „Не, да не би корнејќи го каколот, да ја откорнете со него и пченицата. Оставете ги нека растат двете заедно до жетвата. А во времето на жетвата ќе им речам на жетварите: ‘Соберете го најнапред каколот и врзете го во снопови, за горење; а житото приберете го во мојата житница’.“ Друга парабола им претстави, велејќи: „Царството небесно е слично на синаповото зрно, кое човекот го зеде и го посеа на својата нива; тоа е навистина најмало од сите семиња, но кога е пораснато, поголемо е од зеленчуците и станува дрво, така што птиците небесни доаѓаат и се гнездат на неговите гранки.“ Друга парабола им кажа: „Царството небесно е слично на квас, што го зема жена и го сокри во три мери брашно, додека скисне сето.“ Сето ова Исус им го кажа на на-родот во параболи, и без парабола Тој не им говореше; за да се исполни реченото преку пророкот, кој вели: „Ќе ја отворам Својата уста во параболи; ќе го објавам сокриеното од создавањето на светот.“ Тогаш ги отпушти мноштвата и дојде во куќата. И Неговите ученици дојдоа при Него и рекоа: „Објасни ни ја параболата за каколот на нивата.“ А Тој им одговори и рече: „Сејачот на доброто семе е Синот Човечки. Нивата е светот; доброто семе, тоа се синовите на Царството; а каколот се синовите на лукавиот, а непријателот, што го посеа, е ѓаволот. Жетвата е свршетокот на векот, а жетварите се ангели. Како што каколот се собира и се гори во оган, така ќе биде и на свршетокот на векот. Синот Човечки ќе ги испрати Своите ангели, кои ќе ги соберат од Неговото царство сите соблазни, и оние, кои вршат беззаконие, и ќе ги фрлат во огнена печка; таму ќе биде плач и чкртање со заби. Тогаш праведниците ќе светнат како сонце во Царството на својот Татко. Кој има уши да слуша, нека слуша!“ “И пак, царството небесно е слично на благо сокриено во нивата, кое човекот го нашол и го скрил, па во својата радост оди и продава сѐ што има, и ја купува таа нива.“ “И пак, царството небесно е слично и на трговец, кој бара убави бисери. А кога најде еден скапоцен бисер, оди и продава сѐ што има, и го купува.“ “И пак, царството небесно уште е слично на мрежа, фрлена во морето, која собира риби од секаков вид. Кога се наполни, ја извлекоа на брегот и седнаа, па ги собраа добрите во садови, а лошите ги исфрлија. Така ќе биде и на свршетокот на векот; ангелите ќе излезат и ќе ги одделат злите од среде праведните, и ќе ги фрлат во огнена печка; таму ќе биде плач и чкртање на заби.“ Исус им рече: „Дали го разбравте сето ова?“ Му рекоа: „Да Господи!“ А Тој им рече: „Затоа секој книжник, поучен за царството небесно, прилега на домаќин, кој од својата ризница изнесува ново и старо.“