Матеј 12:14-21
Матеј 12:14-21 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)
А фарисеите излегоа и почнаа да подготвуваат заговор да Го убијат Исуса. Кога дозна за тоа, Исус си замина оттаму, следен од толпа народ. Тој ги исцелуваше сите болни меѓу нив, но не им дозволуваше да шират гласови за Него. Со тоа се исполнуваше она што го навести Бог преку пророкот Исаија: „Еве Го Мојот избран слуга, Мојот Љубимец, задоволството на Мојата душа! Нему ќе Му го дадам Мојот Дух, Тој ќе им ја објави Мојата правда на народите. Нема да се расправа, ниту пак ќе вика гласот нема да му одекнува по улиците. Нема да дотолчува ранета душа, што е како скршена трска, нема да ја угасне и најмалата надеж, макар таа да е како фитил што тлее, си додека правдата не победи. А сите народи ќе ја положат својата надеж во Неговото име.“
Матеј 12:14-21 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)
А фарисеите, штом излегоа, се договорија како да Го погубат. Но Исус кога разбра, се оддалечи оттаму. И тргна по него многу народ и Тој ги исцели сите. И им забрани да разгласуваат за Него. За да се исполни кажаното преку пророкот Исаија, кој вели: „Ете Го слугата Мој; Него Го избрав, Мојот возљубен, што го благоволи Мојата душа. Ќе го положам Духот Свој над Него и на народите ќе им објави правда. Нема да се кара, ниту ќе вика, и никој нема да го чуе гласот Негов по крстопатите. Трските прекршени нема да ги докрши, ниту запалените светила ќе ги угасне, додека не го доведе судот до победа. И во Неговото име народите ќе ја положат својата надеж.“
Матеј 12:14-21 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)
А фарисеите излегоа и се советуваа против Него, како да Го погубат. Но знаејќи го тоа, Исус се отстрани оттаму; а мнозина Го следеа и ги исцели сите, и ги предупреди да не разгласуваат за Него; за да се исполни кажаното преку пророкот Исаија, кој рече: “Еве Го Мојот Слуга, Кого Го избрав; Мојот Возљубен, во Кого Ми е милината на Мојата душа. Ќе Го положам Мојот Дух на Него и ќе им објави суд на народите. Нема да се препира, ниту ќе вика, ниту некој ќе го чуе Неговиот глас по улиците. Нема да докрши прекршена трска, ниту ќе угасне фитиљ што тлее, додека го изведе судот кон победа. И народите ќе се надеваат во Неговото Име.“