Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Матеј 12:1-21

Матеј 12:1-21 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

Набргу потоа, во еден саботен ден, Исус минуваше преку нивите насадени со пченка. Неговите ученици беа гладни и почнаа да кинат клавчиња и да јадат. Кога го забележаа тоа фарисеите, Му рекоа на Исус: „Гледај, Твоите ученици го прават тоа што не е дозволено да се прави во сабота!“ А Исус им одговори: „Зар не сте читале што направија Давид и неговите луѓе кога огладнеа? Тогаш тој влезе во Божјиот Дом и тој и неговите луѓе јадеа од посветениот леб од кој никој не смееше да јаде, со исклучок на свештениците? Или, пак, зар не сте читале во Мојсеевиот Закон дека и самите свештеници кои се на должност во храмот во саботните денови, работат, значи ја прекршуваат саботата, па сепак не ги сметате за виновни? Но Јас ви велам: пред вас е Оној што е поголем од храмот! Да бевте разбрале што значат Божјите зборови: ,Од вас сакам да покажувате милост, а не да Ми принесувате жртви‘, немаше да ги осудувате овие невини луѓе. Зашто Јас, Синот Човечки, сум Господар и на саботата.“ Заминувајќи си оттаму, Исус влезе во нивната синагога, каде што виде и еден човек со парализирана рака. Со намера да Го обвинат, фарисеите Го прашаа Исуса: „Смее ли да се исцелува во сабота?“ А Тој им одговори: „ Ако некој од вас има само една овца и таа му падне в јама во саботен ден, нема ли да посегне и да ја извади? А колку поскапоцен од овца е човекот! Според тоа, да се прави добро во сабота е во целосна согласност со Божјиот Закон.“ Тогаш му се обрати на човекот: „Испружи си ја раката!“ Тој ја испружи заболената рака и таа му стана здрава како и другата. А фарисеите излегоа и почнаа да подготвуваат заговор да Го убијат Исуса. Кога дозна за тоа, Исус си замина оттаму, следен од толпа народ. Тој ги исцелуваше сите болни меѓу нив, но не им дозволуваше да шират гласови за Него. Со тоа се исполнуваше она што го навести Бог преку пророкот Исаија: „Еве Го Мојот избран слуга, Мојот Љубимец, задоволството на Мојата душа! Нему ќе Му го дадам Мојот Дух, Тој ќе им ја објави Мојата правда на народите. Нема да се расправа, ниту пак ќе вика гласот нема да му одекнува по улиците. Нема да дотолчува ранета душа, што е како скршена трска, нема да ја угасне и најмалата надеж, макар таа да е како фитил што тлее, си додека правдата не победи. А сите народи ќе ја положат својата надеж во Неговото име.“

Матеј 12:1-21 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)

Во тоа време, една сабота, Исус минуваше преку нивите, а уче­ниците Негови огладнеа, па почнаа да кинат класје и да јадат. Фарисеите, штом го видоа тоа, Му рекоа: „Ете, учениците Твои го прават она што не треба да се прави во сабота!“ А Тој им рече: „Не сте ли читале што направи Давид, кога огладне тој и оние што беа со него? Како влезе во домот Божји, ги изеде лебовите од жртвеникот, што не тре­ба­ше да ги јаде ни тој, ниту оние што беа со него, туку само свештениците. Или, не сте ли читале во Законот де­ка во саботен ден свештениците ја на­ру­шуваат саботата и пак не се виновни? Но Јас ви велам дека тука е Оној Кој е поголем од храмот; и, ако знаевте што значи: ‚Милост сакам, а не жртва‘, немаше да ги осудувате невините; Зашто Синот Човечки е господар и на саботата.“ И штом замина оттаму, дојде во си­на­гогата нивна. И ете, таму беше еден човек, кој имаше исушена рака. И за да Го обви­нат, Го прашаа Исус: „Допуштено ли е во сабота да се лекува?“ А Тој им рече: „Кој е тој од вас, ако има една овца и таа падне во саботен ден во јама, што не ќе ја прифати и из­ва­ди? А колку ли, пак, човекот е поскап од една овца!? И така во сабота е до­пуштено да се прави добро.“ Тогаш му рече на човекот: „Испру­жи ја раката!“ И тој ја испружи. И таа стана здрава како и другата. А фарисеите, штом излегоа, се до­говорија како да Го погубат. Но Исус кога разбра, се оддалечи оттаму. И тргна по него многу народ и Тој ги исцели сите. И им забрани да разгласуваат за Него. За да се исполни кажаното преку пророкот Исаија, кој вели: „Ете Го слугата Мој; Него Го из­брав, Мојот возљубен, што го благоволи Мојата душа. Ќе го положам Духот Свој над Него и на народите ќе им об­ја­ви правда. Нема да се кара, ниту ќе вика, и ни­кој нема да го чуе гласот Негов по крс­топатите. Трските прекршени нема да ги до­крши, ниту запалените светила ќе ги угасне, додека не го доведе судот до по­беда. И во Неговото име народите ќе ја положат својата надеж.“

Матеј 12:1-21 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)

Во она време, Исус минуваше низ посевите во сабота; а Неговите ученици огладнеа и почнаа да кинат класје и да јадат. А фарисеите штом го видоа тоа, Му рекоа: „Гледај, Твоите ученици прават, што не е дозволено да се прави во сабота.“ А Тој им рече: „Зар не сте читале што направи Давид, кога огладне тој и оние кои беа со него? Како влезе во Божјиот дом и ги изеде изложените лебови, што не смееја да ги јадат ни тој, ни неговите другари, а само свештениците? Или, зар не сте читале во Законот дека свештениците, во сабота во Храмот, ја осквернуваат саботата и не се виновни? Но Јас ви велам, има тука еден што е Поголем од Храмот. Ако би сте знаеле што значи: ‘Милост сакам, а не жртва,’ немаше да ги осудите невините. Зашто Синот Човечки е Господар и на саботата.“ И кога си замина оттаму, дојде во нивната синагога. И ете, таму беше човек со исушена рака; и - за да Го обвинат - го прашаа, велејќи: „Дали е дозволено да се исцелува во саботите?“ А Тој им рече: „Кој човек од вас, ако има една овца, и таа падне во саботен ден во јама, не ќе ја фати и не ќе ја извади? А колку е поскап човекот од овцата. Затоа е дозволено да се прави добро во сабота.“ Тогаш му рече на човекот: „Протегни си ја раката!“ И тој ја протегна, и таа стана здрава како и другата. А фарисеите излегоа и се советуваа против Него, како да Го погубат. Но знаејќи го тоа, Исус се отстрани оттаму; а мнозина Го следеа и ги исцели сите, и ги предупреди да не разгласуваат за Него; за да се исполни кажаното преку пророкот Исаија, кој рече: “Еве Го Мојот Слуга, Кого Го избрав; Мојот Возљубен, во Кого Ми е милината на Мојата душа. Ќе Го положам Мојот Дух на Него и ќе им објави суд на народите. Нема да се препира, ниту ќе вика, ниту некој ќе го чуе Неговиот глас по улиците. Нема да докрши прекршена трска, ниту ќе угасне фитиљ што тлее, додека го изведе судот кон победа. И народите ќе се надеваат во Неговото Име.“