Матеј 12:1-14
Матеј 12:1-14 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)
Набргу потоа, во еден саботен ден, Исус минуваше преку нивите насадени со пченка. Неговите ученици беа гладни и почнаа да кинат клавчиња и да јадат. Кога го забележаа тоа фарисеите, Му рекоа на Исус: „Гледај, Твоите ученици го прават тоа што не е дозволено да се прави во сабота!“ А Исус им одговори: „Зар не сте читале што направија Давид и неговите луѓе кога огладнеа? Тогаш тој влезе во Божјиот Дом и тој и неговите луѓе јадеа од посветениот леб од кој никој не смееше да јаде, со исклучок на свештениците? Или, пак, зар не сте читале во Мојсеевиот Закон дека и самите свештеници кои се на должност во храмот во саботните денови, работат, значи ја прекршуваат саботата, па сепак не ги сметате за виновни? Но Јас ви велам: пред вас е Оној што е поголем од храмот! Да бевте разбрале што значат Божјите зборови: ,Од вас сакам да покажувате милост, а не да Ми принесувате жртви‘, немаше да ги осудувате овие невини луѓе. Зашто Јас, Синот Човечки, сум Господар и на саботата.“ Заминувајќи си оттаму, Исус влезе во нивната синагога, каде што виде и еден човек со парализирана рака. Со намера да Го обвинат, фарисеите Го прашаа Исуса: „Смее ли да се исцелува во сабота?“ А Тој им одговори: „ Ако некој од вас има само една овца и таа му падне в јама во саботен ден, нема ли да посегне и да ја извади? А колку поскапоцен од овца е човекот! Според тоа, да се прави добро во сабота е во целосна согласност со Божјиот Закон.“ Тогаш му се обрати на човекот: „Испружи си ја раката!“ Тој ја испружи заболената рака и таа му стана здрава како и другата. А фарисеите излегоа и почнаа да подготвуваат заговор да Го убијат Исуса.
Матеј 12:1-14 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)
Во тоа време, една сабота, Исус минуваше преку нивите, а учениците Негови огладнеа, па почнаа да кинат класје и да јадат. Фарисеите, штом го видоа тоа, Му рекоа: „Ете, учениците Твои го прават она што не треба да се прави во сабота!“ А Тој им рече: „Не сте ли читале што направи Давид, кога огладне тој и оние што беа со него? Како влезе во домот Божји, ги изеде лебовите од жртвеникот, што не требаше да ги јаде ни тој, ниту оние што беа со него, туку само свештениците. Или, не сте ли читале во Законот дека во саботен ден свештениците ја нарушуваат саботата и пак не се виновни? Но Јас ви велам дека тука е Оној Кој е поголем од храмот; и, ако знаевте што значи: ‚Милост сакам, а не жртва‘, немаше да ги осудувате невините; Зашто Синот Човечки е господар и на саботата.“ И штом замина оттаму, дојде во синагогата нивна. И ете, таму беше еден човек, кој имаше исушена рака. И за да Го обвинат, Го прашаа Исус: „Допуштено ли е во сабота да се лекува?“ А Тој им рече: „Кој е тој од вас, ако има една овца и таа падне во саботен ден во јама, што не ќе ја прифати и извади? А колку ли, пак, човекот е поскап од една овца!? И така во сабота е допуштено да се прави добро.“ Тогаш му рече на човекот: „Испружи ја раката!“ И тој ја испружи. И таа стана здрава како и другата. А фарисеите, штом излегоа, се договорија како да Го погубат. Но Исус кога разбра, се оддалечи оттаму.
Матеј 12:1-14 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)
Во она време, Исус минуваше низ посевите во сабота; а Неговите ученици огладнеа и почнаа да кинат класје и да јадат. А фарисеите штом го видоа тоа, Му рекоа: „Гледај, Твоите ученици прават, што не е дозволено да се прави во сабота.“ А Тој им рече: „Зар не сте читале што направи Давид, кога огладне тој и оние кои беа со него? Како влезе во Божјиот дом и ги изеде изложените лебови, што не смееја да ги јадат ни тој, ни неговите другари, а само свештениците? Или, зар не сте читале во Законот дека свештениците, во сабота во Храмот, ја осквернуваат саботата и не се виновни? Но Јас ви велам, има тука еден што е Поголем од Храмот. Ако би сте знаеле што значи: ‘Милост сакам, а не жртва,’ немаше да ги осудите невините. Зашто Синот Човечки е Господар и на саботата.“ И кога си замина оттаму, дојде во нивната синагога. И ете, таму беше човек со исушена рака; и - за да Го обвинат - го прашаа, велејќи: „Дали е дозволено да се исцелува во саботите?“ А Тој им рече: „Кој човек од вас, ако има една овца, и таа падне во саботен ден во јама, не ќе ја фати и не ќе ја извади? А колку е поскап човекот од овцата. Затоа е дозволено да се прави добро во сабота.“ Тогаш му рече на човекот: „Протегни си ја раката!“ И тој ја протегна, и таа стана здрава како и другата. А фарисеите излегоа и се советуваа против Него, како да Го погубат.