Матеј 11:1-30
Матеј 11:1-30 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)
Кога Исус им ги предаде овие упатства на Своите дванаесет ученици, си замина оттаму и отиде да поучува и проповеда по нивните градови. Кога Јован Крстител, кој беше во затвор, слушна за она што го прави Месијата, тој испрати двајца од своите ученици да Го прашаат: „Ти ли си Месијата што требаше да дојде, или некој друг да чекаме?“ Исус им одговори: „Вратете се кај Јован и кажете му го тоа што го слушате и гледате: слепи прогледуваат, сакати проодуваат, лепрозни се исцелуваат, глуви почнуваат да слушаат, умрени оживуваат и на бедните им се проповеда Радосната вест. Блазе си им на оние кои не се колебаат во однос на Мене!“ Додека тие си заминуваа, Исус почна да му зборува на народот за Јован Крстител: „Кога одевте во пустината, кај Јован, што очекувавте да видите: трска што се лулее на ветрот? Што излеговте да гледате: човек дотеран во раскошна облека? Луѓето што се облекуваат раскошно живеат во царски палати! Тогаш, што излеговте да видите: пророк? Да, ви кажувам Јован е и повеќе од пророк! Јован е тој за којшто Бог во Светото Писмо вели: ,Еве, испраќам Свој гласник, кој ќе го подготви патот пред Тебе.‘ Ве уверувам дека, меѓу родените од жена нема поголем од Јован Крстител; и покрај тоа, и најмалиот во небесното царство е поголем од него. Откако Јован Крстител започна да проповеда и да крштава, па си досега, има навала во небесното царство и во него со навала се влегува! Зашто, си до Јован, сите пророци, како и Книгите на Законот, него го претскажуваа. И ако сакате да знаете, Јован е оној „Илија“ што требаше да дојде. Кој има уши, нека слуша!“ „Со што да ја споредам оваа генерација? Овие луѓе се како деца кои седат по плоштадите и им се жалат на минувачите: ,Прво ви свиревме весело на флејта, но вие не заигравте; потоа ви запеавме таговни песни, но вие не заплакавте!‘ Прво, значи, дојде Јован Крстител, кој не одеше на веселби да јаде и да пие, а тие велеа ,Демони има во него!‘ Потоа дојдов Јас, Синот Човечки, кој одам на веселби, јадам и пијам, а тие велат: ,Овој човек е лаком и пијаница, другар на наплатувачи на данок и на грешници!‘ Меѓутоа, Божјата мудрост се оправда со своите резултати.“ Тогаш Исус почна да ги укорува градовите во кои Тој направи голем број чуда, а тие сепак не се покајаа, не се обратија кон Бог. „Тешко тебе, Коразине! Тешко тебе Бетцаидо! Да беа во градовите Тир и Сидон направени чудата што беа извршени кај вас, тие одамна ќе се беа покајале, облекувајќи се во покајнички облеки и посипувајќи се со пепел! Но, ви велам, полесно ќе им биде на Судниот ден на Тир и на Сидон, отколку вам! А ти, граде Кафарнауме што сакаш до небото да се издигнеш! Ете, до адот ќе се струполиш! Да беа во Содом извршени чудата што ги виде ти, тој град до денес ќе постоеше. Но, ти велам, на Судниот ден ќе му биде полесно на градот Содом, отколку тебе!“ Во тој момент Исус рече: „Те славам, Татко, Господару на небото и на Земјата, што им го откриваш на скромните она што си го скрил од оние кои се сметаат себе за мудри и учени. Да, Татко, зашто така сакаше Ти.“ „Мојот Татко Ме има овластено Мене за си. Никој друг не Го познава Синот, освен Таткото, и никој друг не Го познава Таткото, освен Синот и оние на кои Синот сака да им Го објави.“ „Дојдете кај Мене сите вие кои сте изморени и натоварени со тешки бремиња, Јас ќе ве одморам! Земете го Мојот јарем на себе и дозволете Ми да ве научам, бидејќи Јас сум со нежен и кроток дух, и тогаш вашите души ќе се успокојат. Јаремот Мој е лесен, како што е лесен и товарот што ви го давам.“
Матеј 11:1-30 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)
И кога ги заврши Исус овие заповеди кон дванаесетте Свои ученици, замина оттаму за да поучува и да проповеда по нивните градови. А Јован, штом чу во затворот за Христовите дела, испрати двајца свои ученици и му рече: „Ти ли си Оној што треба да дојде или да чекаме друг?“ Исус им одговори и рече: „Одете и кажете му на Јован што слушате и што гледате: слепи прогледуваат и сакати проодуваат; лепрозни се очистуваат и глуви прослушуваат; мртви воскреснуваат и на бедните им се проповеда Евангелието. И блажен е оној што не се соблазнува поради Мене.“ А кога си отидоа овие, Исус почна да му зборува на народот за Јован: „Што сте излегле да видите во пустината? Трска ли, што се лулее од ветрот? Но, што излеговте да видите? Човек ли, облечен во меки алишта? Ете, оние што носат меки алишта, по царски палати се. Па, што излеговте да видите? Пророк ли? Да, ви велам, и повеќе од пророк! Зашто тој е оној за кого е напишано: ‚Ете, Јас го праќам Мојот ангел пред лицето Твое; тој ќе го приготви патот Твој пред Тебе.‘ Вистина ви велам: меѓу родените од жена не се јавил поголем од Јован Крстител, но најмалиот во царството небесно е поголем од него! А од деновите на Јован Крстител па до сега, царството небесно насила се зема и силните го грабаат, зашто сите Пророци и Законот пророкуваа до доаѓањето на Јован. И, ако сте подготвени да го прифатите, тој е Илија, кој треба да дојде. Кој има уши да слуша, нека чуе!“ „А со кого да го споредам овој род? Тој личи на деца што седат по пазариштата, па им довикуваат на своите другари и велат: ‚Ви свиревме и не игравте; ви пеевме жални песни и не плачевте.‘ Зашто дојде Јован, кој не јаде, ниту пие, а тие велат: ‚Демон има во Него.‘ Дојде Синот Човечки, Кој и јаде и пие, и велат: ‚Еве човек ненаситен и пијаница, пријател на цариници и грешници.‘ Но мудроста се оправда преку своите дела.“ Тогаш почна Исус да ги укорува градовите во кои се извршија повеќето Негови чуда, бидејќи не се покајаа. „Тешко тебе, Хоразине! Тешко тебе, Витсаидо! Ако во Тир и Сидон беа чуда, што станаа кај вас, тие одамна би се покајале во вреќиште и пепел; но ви велам: на Тир и на Сидон ќе им биде полесно во судниот ден отколку вам! И ти, Капернауме, што си се воздигнал до небото, до пеколот ќе бидеш спуштен; зашто, ако во Содом се беа извршиле чудата што станаа во тебе, тој и до ден денес ќе останеше. Но ви велам дека на земјата Содомска ќе ѝ биде полесно на судниот ден, отколку тебе.“ Во тоа време, откако продолжи Исус, рече: „Те прославувам, Оче, Господи на небото и на земјата, зашто си го скрил тоа од мудрите и разумните, а си им го открил на децата! Да, Оче, зашто таква беше волјата Твоја. Сѐ ми е предадено од Мојот Отец и никој не Го познава Синот, освен Отецот; ниту Отецот Го познава некој освен Синот, и кому што сака Синот да Го открие. Дојдете кај Мене сите изморени и обременети и Јас ќе ве успокојам. Земете го Мојот јарем на себе и поучете се од Мене, бидејќи сум кроток и смирен по срце, и ќе најдете мир за душите ваши. Зашто јаремот Мој е благ и бремето Мое е лесно.“
Матеј 11:1-30 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)
А кога Исус заврши заповедувајќи им на Своите дванаесет ученици, замина оттаму да поучува и да проповеда во нивните градови. Кога Јован чу во темницата, за делата на Христос, испрати двајца од своите ученици, и Му рече: „Ти ли си Оној, Кој треба да дојде, или да очекуваме друг?“ Исус им одговори и рече: „Одете и јавете му на Јована што слушате и што гледате: слепите прогледуваат и хромите одат, лепрозните се очи-стуваат и глувите слушаат, мртви воскреснуваат и бедните го примаат Евангелието; и блажен е оној, кој не се соблазнува заради Мене.“ Кога тие си отидоа, Исус почна да му зборува на народот за Јована: „Што излеговте да видите во пустината? Трска ли што вете-рот ја лулее? Но што излеговте да видите? Човек ли облечен во меки облеки? Ете, тие кои носат меки облеки се во царските дворци. Туку зошто излеговте? Да видите ли пророк? Да, ви велам, и повеќе од пророк. Овој е оној, за кого е пишано: ‘Еве, го испраќам Мојот вестител пред Твоето лице, кој ќе го приготви Твојот пат пред Тебе.’ Вистина ви велам, меѓу родените од жени не се подигнал поголем од Јована Крстител; но, најмалиот во царството небесно е поголем од него. А од дните на Јована Крстител досега царството небесно трпи насилство и насилниците го земаат насила; зашто сите пророци и Законот пророкуваа до Јована; и ако сакате да примите, тој е Илија, кој треба да дојде. Кој има уши нека слуша!“ “А со што да го споредам овој род? Личи на децата, кои седат по трговиштата и им викаат на другарите, велејќи: ‘Ви свиревме на свирол и не игравте, ви пеевме жални песни и не жалевте.’ За-што дојде Јован, кој ниту јаде, ниту пие, а тие велат: „Има демон!“ Дојде Синот Човечки, кој јаде и пие, па велат: „Еве, човек лаком и пијаница, пријател на цариници и на грешници! „И мудроста се оправда преку нејзините дела.“ Тогаш почна да ги укорува градовите, во кои се случија нај-многу Негови чуда, зашто не се покајаа. “Тешко тебе, Хоразине! Тешко тебе, Витсаидо! Зашто ако во Тир и Сидон се случија чудата, што се случија при вас, одамна би се покајале во вреќиште и пепел. Но, ви велам: полесно ќе им биде на Тир и Сидон во судниот ден, отколку вам. И ти, Капернауме, до небото ли ќе се воздигнеш? Ќе слезеш до пеколот. Зашто ако во Содом се случеа чудата, што се случија во тебе, ќе останеше до денешен ден. Но ви велам, на земјата Содомска ќе ѝ биде полесно на судниот ден, отколку тебе.“ Во тоа време, Исус одговори и рече: „Те фалам, Татко, Господи на небото и на земјата, зашто си го скрил тоа од мудрите и разумните, а си го открил на младенците. Да, Татко, зашто така беше угодно пред Тебе. Сѐ Ми е предадено од Мојот Татко, и никој не Го познава Синот, освен Таткото; ниту некој Го познава Таткото, освен Синот, и оној кому Синот сака да му открие.“ “Дојдете при Мене сите, кои се трудите и сте обременети, и Јас ќе ви дадам одмор. Земете го Мојот јарем на себе и научете се од Мене, зашто Јас сум кроток и понизен по срце; и ќе најдете одмор на своите души; зашто Мојот јарем е пријатен и Моето бреме е лесно.“