Матеј 10:5-15
Матеј 10:5-15 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)
Исус ги испрати овие дванаесетмина и им ги даде следниве упатства: „Не одете кај нееврејските народи и не влегувајте во градови на Самарија, туку, одете меѓу Израелците Божјите загубени овци. Одете и проповедајте им дека: ,небесното царство се приближува!‘ Исцелувајте болни, враќајте во живот умрени, исчистувајте лепрозни, изгонувајте демони. Правете го тоа бесплатно, како што и вам таа моќ ви беше дадена бесплатно. И не носете златни, сребрени или бакарни пари со себе; ни торби, ни два пара облека, ни сандали, ни стап, зашто на тој што работи ќе му ја дадат заслужената плата! Кога ќе пристигнете во некој град или село, распрашајте се кој е побожен и останете кај него до вашето заминување. При влегувањето во таа куќа, благословете ги домаќините со мир. И доколку тие бидат достојни, мирот навистина ќе им остане, а доколку не се покажат достојни, повлечете си го благословот за мир. Таму каде што нема да ве примат и нема да ве слушаат, напуштете ја таа куќа или град и притоа истресете го и правот од вашите нозе. Ве уверувам дека, на Судниот ден, полесно ќе им биде на градовите Содом и Гомора, отколку на тој град.“
Матеј 10:5-15 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)
Тие дванаесет души ги испрати Исус и им заповеда, говорејќи: „По пат кон незнабошци не одете и во самарјански град не влегувајте; а одете најнапред кај загубените овци на Израеловиот дом. И одејќи, проповедајте и кажувајте дека се приближи царството небесно; болни лекувајте, лепрозни очистувајте, мртви воскреснувајте, демони изгонувајте! Бесплатно добивте, бесплатно давајте! Не носете во појасите ваши ни злато, ни сребро, ниту бакар, ни торба за пат, ни двојни алишта, ниту обувки, ниту стап; зашто работникот ја заслужува својата награда! А штом влезете во некој град или село, распрашајте кој е во него достоен, и таму останете додека не си одите. И кога ќе влезете во некоја куќа, поздравете ја говорејќи: ‚Нека има мир во таа куќа!‘ И ако куќата биде достојна, вашиот мир ќе дојде на неа; ако ли не е достојна, тогаш вашиот мир ќе се врати кај вас! Ако, пак, негде не ве примат и не ги послушаат зборовите ваши, излезете од таа куќа или од тој град и истресете го правот од нозете ваши! Вистина ви велам: полесно ќе ѝ биде на земјата содомска и гоморска во судниот ден отколку на тој град!“
Матеј 10:5-15 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)
Исус ги испрати тие дванаесетмина и им нареди, говорејќи: „Не одете по пат кај народите, и не влегувајте во град на Самарјаните; туку одете подобро кај изгубените овци на Израелевиот дом. И одејќи, проповедајте и кажувајте дека се приближи царството небесно. Исцелувајте ги болните, воскреснувајте ги мртвите, очистете ги лепрозните, изгонувајте демони; бесплатно добивте, бесплатно давајте. Не набавувајте ни злато, ни сребро, ниту бакар во вашите појаси; ниту торба за пат, ни две облеки, ни обувки, ни стап, зашто работникот ја заслужува својата прехрана. А кога влезете во кој и да било град или село, распрашајте кој е достоен во него; и останете таму додека не отидете од него. А кога ќе влезете во домот, поздравете го. И ако навистина куќата биде достојна, вашиот мир нека дојде на неа; а ако не биде достојна, вашиот мир нека ви се врати вам. И ако некој не ве прими, ниту ги послуша вашите зборови, кога излегувате од таа куќа или град истресете го правот од вашите нозе. Вистина ви велам, полесно ќе ѝ биде на Содомската и Гоморската земја во судниот ден, отколку на оној град.“