Лука 7:36-50
Лука 7:36-50 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)
Еден фарисеј Го покани Исуса на вечера во својот дом. Тој дојде во куќата на фарисејот и седна на трпезата. Одеднаш, се појави една жена, позната грешница. Таа беше разбрала дека Исус е на гости кај фарисејот, и дојде носејќи едно шише од алабастер полно со скапоцент мирис. Клекна зад Исус, до Неговите нозе, и плачејќи почна да Му ги мие нозете со своите солзи, да ги брише со својата коса, да ги бакнува и да ги мачка со скапоцениот мирис. Фарисејот, гледајќи го ова, си помисли за Исус: „Да е Овој вистински пророк, би знаел која е и каква е оваа жена што го допира; би знаел дека е грешница!“ А Исус му рече: „Симоне, да те прашам нешто!“ „Кажи, Учителе“ - одговори тој. „Двајца луѓе му должеле пари на некој човек. Едниот му должел петстотини сребреници, а другиот педесет. Бидејќи не можеле да му платат, тој им ги простил долговите на обајцата. Што мислиш, кој од двајцата ќе има поголема љубов кон него?“ „Мислам, оној на кого му е простен поголем долг“ - одговори Симон. „Правилно процени!“ - Му рече Исус, па, свртувајќи се кон жената, Му рече на Симон: „Ја гледаш ли оваа жена? Кога дојдов во твојата куќа, ти ни вода на нозете не ми полеа, а таа со солзи ми ги изми и со својата коса ми ги избриша. Ти не ме доброса со бакнеж, а таа, откако Сум влезен, не престана да ми ги бакнува нозете! Ти не ми капна мирис на главата, а таа нозете ми ги намачка со скапоцен мирис. Затоа, ти велам: големиот број нејзини гревови и се простуваат, зашто таа покажа многу љубов спрема Мене. А на кој му е малку простено, тој само малку љубов покажува.“ Потоа и рече на жената: „Гревовите ти се простени!“ Луѓето што седеа со Него на трпезата почнаа да си шепотат: „Кој е Овој што и гревови простува!?“ А Исус и рече на жената: „Оди си спокојно; твојата вера те спаси!“
Лука 7:36-50 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)
Еден од фарисеите Го покани да јаде со него; и Тој, кога влезе во куќата на фарисејот, седна на трпеза. И ете, една жена од градот, која беше грешница, штом дозна дека Тој седи на трпеза во куќата на фарисејот, донесе сад од алабастер со миро; па застана одзади покрај Неговите нозе, плачејќи почна да ги мие нозете Негови со солзи и ги триеше со косата своја; и ги целиваше и помазуваше со миро. А кога го виде тоа фарисејот, што Го беше поканил, рече во себе, велејќи: „Кога Овој би бил пророк, би знаел која е и каква е оваа жена што Го допира, зашто таа е грешница.“ Му одговори Исус и рече: „Симоне, имам нешто да ти кажам.“ А тој рече: „Кажи, Учителе!“ Исус му рече: „Некој заемодавец имаше двајца должници: едниот му должеше петстотини денарии, а другиот педесет. Но бидејќи немаа да му вратат, тој им ги подари на обајцата. Кажи Ми, кој од нив повеќе ќе го милува?“ Симон одговори и Му рече: „Мислам оној, кому повеќе му подарил.“ А Тој му рече: „Право пресуди.“ И тогаш се сврте кон жената, па му рече на Симон: „Ја гледаш ли оваа жена? Влегов во твојот дом, ти ни вода за нозете не Ми даде, а таа со солзи Ми ги обли нозете и со косата своја ги истри. Ти не ми даде целив, а таа, откако влегов, не престана да ги целива нозете Мои. Ти со миро не ја помаза главата Моја, а таа со миро ги помаза нозете Мои. Затоа ти велам: нејзе ѝ се простени многу гревови, зашто покажа многу љубов. А кому му е простено малку, тој мала љубов има.“ Нејзе, пак, ѝ рече: „Простени ти се гревовите!“ А оние што седеа со Него на трпезата, почнаа да говорат во себе: „Кој е Овој што и гревови простува?“ На жената пак ѝ рече: „Верата твоја те спаси; оди си во мир!“
Лука 7:36-50 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)
Еден од фарисеите Го помоли да јаде со него. Тој влезе во фарисеевиот дом и прилегна до трпезата. И ете, една жена од градот, која беше грешница, кога научи дека Тој е прилегнат до трпезата во фарисеевата куќа, донесе со себе алабастрен сад со миро, и застана зад Неговите нозе плачејќи и почна да Му ги мие нозете со солзи, да ги брише со својата коса; и ги целиваше Неговите нозе и ги помазуваше со миро. И кога го виде тоа фарисејот, кој Го повика, рече во себеси: „Да е Овој пророк, би знаел која е и каква е оваа жена, која се допира до Него: дека е грешница.“ А Исус пак му одговори и рече: „Симоне, имам да ти кажам нешто.“ А тој: „Учителе, кажи!“ Рече: „Двајца му беа должни на еден заемодавач; едниот му должеше пет стотини динарии, а другиот педесет. А бидејќи немаа да му вратат, тој им прости на двајцата. И така, кој од нив ќе го возљуби повеќе?“ Симон одговори: „Мислам оној кому повеќе му подарил.“ А Тој му рече: „Право пресуди!“ И кога се заврте кон жената му рече на Симона: „Ја гледаш ли оваа жена? Влегов во твојот дом, ти не ми даде вода за нозе, а таа со солзи ми ги облеа нозете и со својата коса ги истри. Ти не ми даде целив, а таа откако влегов, не прекратува да Ми ги целива нозете. Ти не ми ја помаза главата со масло, а таа Ми ги помаза нозете со миро. Затоа, ти велам, простени ѝ се многу гревови, зашто имаше многу љубов; кому малку се простува - малку љуби.“ А нејзе ѝ рече: „Простени ти се гревовите.“ А тие, кои беа заедно покрај трпезата, почнаа да зборуваат во себе: „Кој е Овој, Кој и гревови про-штава?“ А на жената ѝ рече: „Твојата вера те спаси! Оди си со мир!“