Лука 19:28-40
Лука 19:28-40 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)
Завршувајќи го излагањето, Исус, на чело на народот, продолжи да се искачува кон Ерусалим. Кога се приближи до Бетфага и Бетанија, на Маслиновата Гора, испрати двајца од Своите ученици и им рече: „Одете до селото што е пред вас. На влезот во селото ќе најдете врзано младо магаре кое никој досега не го јавал. Одврзете го и доведете го. Ако некој ве праша: ,Зошто го одврзувате?‘, кажете му дека Му е потребно на Господ.“ Тие заминаа и најдоа сe како што им беше кажал Исус. Кога го одврзуваа магаренцето, неговите сопственици ги прашаа: „Зошто го одврзувате магаренцето?“ Тие одговорија: „Потребно Му е на Господ!“ и го доведоа кај Исус, ги положија своите облеки врз магаренцето, па Го качија Исуса. Додека Тој јаваше, народот ги постилаше своите облеки по патот. Кога се доближи до Ерусалим, на падините на Маслиновата Гора, големиот број Негови ученици почнаа радосно и гласно да пеат, славејќи Го Бога за сите величествени нешта што ги беа виделе, велејќи: „Благословен нека биде Царот, Кој доаѓа во името на Господ! Мир на небото и слава на Бог во височините!“ Тогаш, некои од фарисеите кои се најдоа меѓу народот, Му рекоа: „Учителе! Нареди им на Твоите ученици да замолкнат!“ Исус им одговори: „Да ви кажам нешто: Ако тие замолкнат, камењата ќе извикуваат!“
Лука 19:28-40 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)
Кога го рече тоа, Тој тргна понатаму, искачувајќи се кон Ерусалим. И кога се приближи до Витфагија и Витанија, до таканаречената Маслинова Гора, испрати два ученика, велејќи: „Одете во селоно отспротива. Штом ќе влезете во него, ќе најдете едно врзано магаре, кое ниеден човек не го јавал. Одврзете го и доведете го! И ако ве праша некој: ‚Зошто го одврзувате?‘ Кажете му вака: ‚Тоа Му е потребно на Господ.‘“ Кога отидоа испратените, најдоа како што им беше рекол. И кога го одврзуваа магарето, стопаните им рекоа: „Зошто го одврзувате магарето?“ Тие одговорија: „Потребно Му е на Господ.“ И го доведоа кај Исус, па штом ги нафрлија облеките свои на магарето, Му помогнаа на Исус да се качи. И додека минуваше Тој, ги постилаа своите наметки по патот. А кога наближи до местото од каде што се слегува од Маслиновата Гора, сето мноштво ученици почна радосно да Го прославува Бога со висок глас, за сите чуда што ги видоа, велејќи: „Благословен е Царот Кој доаѓа во името Господово! Мир на небото и слава во висините!“ А некои фарисеи од народот Му рекоа: „Учителе, забрани им на учениците Твои!“ Но Тој им одговори и рече: „Ви велам, ако тие замолкнат, камењата ќе повикаат.“
Лука 19:28-40 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)
А кога го рече тоа, тргна натаму, одејќи горе во Ерусалим. И кога се приближи до Витфагија и Витанија, до гората наречена Маслинова, испрати два ученика и им рече: „Одете во селоно, што е спроти вас! И кога ќе влезете во него, ќе најдете врзано осле, на кое никој од луѓето никогаш не седнал; и одврзете го и доведете го. И ако некој ве праша: ‘Зошто го одврзавте?’ - речете му вака: ‘На Господа Му е потребно.’ А испратените отидоа и најдоа како што им рече; и кога го одврзуваа ослето, неговите стопани им рекоа: „Зошто го одврзувате ослето?“ А тие рекоа: „На Господа Му е потребно!“ И го доведоа пред Исуса и ги ставија врз ослето своите облеки, и Го кренаа Исуса. А кога одеше, ги постилаа своите облеки по патот. И кога веќе наближуваше до стрмнината на Маслиновата Гора, целото мно-жество ученици почна радосно и гласно да Го прославува Бога, за сите чудеса што ги видоа, велејќи: „Благословен е Царот, Кој доаѓа во Господово име! Мир на небото и слава на висините!“ А некои од фарисеите, меѓу на-родот, Му рекоа: „Учителе, забра-ни им на Твоите ученици!“ Тој одговори: „Ви велам, ако овие замолчат, камењата ќе викаат.“