Лука 18:35-43
Лука 18:35-43 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)
Кога Исус се доближи до градот Јерихо, крај патот седеше еден слеп човек и просеше. Кога слепиот слушна дека крај него минува толпа народ, запраша: „Што се случува?“ Тие му одговорија: „Минува Исус од Назарет!“ Тогаш слепиот повика: „Исусе, Сине Давидов, имај милост спрема мене!“ Минувачите го замолкнуваа, но тој викаше уште погласно: „Исусе, Сине Давидов, имај милост спрема мене!“ Исус запре и заповеда да Му го донесат слепиот. Кога се доближи, Исус го праша: „Што сакаш да сторам за тебе?“ Тој одговори: „Да прогледам, Господе!“ Исус му рече: „Прогледај! Твојата вера те исцели!“ Во истиот миг, човекот прогледа и Му се придружи на Исус, славејќи Го Бога, а и сиот народ, кога го виде ова, Му оддаваше слава на Бог.
Лука 18:35-43 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)
А додека се приближуваше Тој до Ерихон, еден слеп човек седеше крај патот и питаше; и штом чу дека покрај него минува народ, праша: „Што е тоа?“ Му кажаа дека минува Исус од Назарет. Тогаш тој извика и рече: „Исусе, Сине Давидов, смилувај ми се!“ Оние што одеа напред, го опоменаа да молчи; но тој уште погласно викаше: „Сине Давидов, смилувај ми се!“ Исус застана и заповеда да Му го доведат. И кога оној се приближи до Него, го праша, велејќи: „Што сакаш да ти направам?“ Тој рече: „Господи, да прогледам!“ Тогаш Исус му рече: „Прогледај! Верата твоја те спаси.“ И одеднаш прогледа и тргна по Него, славејќи Го Бога. И сиот народ, кога го виде тоа, Му воздаде слава на Бога.
Лука 18:35-43 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)
А кога се приближи до Ерихон, некој слепец седеше покрај патот и просеше. А кога чу дека поминува народ, праша што е тоа? И му рекоа дека ми-нува Исус Назареецот, и тој извика, велејќи: „Исусе, Сине Давидов, смилувај ми се!“ А оние, кои одеа напред, го прекоруваа за да молчи. Но тој викаше уште повеќе: „Исусе, Давидов Сине, смилувај ми се!“ И Исус застана и заповеда да Му го доведат. И кога се приближи го праша: “Што сакаш да ти сторам?“ А тој рече: „Господи - да прогледам!“ Тогаш Исус му рече: „Прогледај! Твојата вера те спаси.“ И тој прогледа веднаш и тргна по Него, славејќи Го Бога. И сите луѓе, кои го видоа тоа, Му воздадоа слава на Бога.