Лука 13:10-17
Лука 13:10-17 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)
Една сабота Исус поучуваше во синагогата. Тука се најде една жена која беше обземена со демонски дух и боледуваше веќе осумнаесет години. Беше целата згрбавена и не можеше да се исправи. Штом ја забележа, Исус ја повика кај Себе и и рече: „Жено, те ослободувам од твојата болест!“ Потоа ги стави рацете врз неа и таа веднаш се исправи, па почна да го прославува Бога. Но управникот на синагогата се налути и му рече на насобраниот народ: „Има шест дена за работа! Тогаш доаѓајте и исцелувајте се, а не во сабота!“ А Исус му одговори: „Колку сте лицемерни! Сите вие си ги одврзувате волот и магарето од јаслите и ги водите на поење и во сабота, а се противите на ослободувањето од болеста во сабота на оваа ќерка Авраамова, која Ѓаволот веќе осумнаесет години ја држи врзана!“ Кога го рече тоа, се посрамија сите Негови противници, а народот им се радуваше на сите чуда што ги правеше Исус.
Лука 13:10-17 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)
Во една од синагогите Тој поучуваше во сабота. И ете, дојде една жена која беше обземена од дух што ѝ предизвикуваше немоќ веќе осумнаесет години. Таа беше згрчена и никако не можеше да се исправи; штом ја виде Исус, ја повика и ѝ рече: „Жено, ослободена си од болеста своја.“ И ги стави рацете Свои врз неа; и таа веднаш стана и Го славеше Бога. А началникот на синагогата, негодувајќи што ја излекува Исус во сабота, одговори и му рече на народот: „Има шест дена во кои треба да се работи; тогаш доаѓајте и лекувајте се, а не во сабота!“ Но Господ му одговори и рече: „Лицемере, не го одврзува ли секој својот вол, или магаре, од јаслите во сабота и не го води ли да го напои? А оваа ќерка Авраамова, што ја врзал сатаната еве веќе осумнаесет години, зарем не требаше да се ослободи од тие ланци во сабота?“ И штом го рече ова, сите што беа против Него се засрамија; и целиот народ се радуваше за сите славни дела извршени од Него.
Лука 13:10-17 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)
А кога поучуваше во сабота, во една синагога, ете, таму беше една жена, која осумнаесет години имаше дух, предизвикувач на болеста; и беше згрчена и не можеше да се исправи. Штом Исус ја виде, ја повика и ѝ рече: „Жено, ослободена си од својата болест.“ И ги стави рацете врз неа, а таа се исправи веднаш и Го славеше Бога. А настојникот на синагогата негодуваше, дека Исус исцели во сабота и му рече на народот: „Има шест дена во кои треба да се работи! Во тие дни доаѓајте и лекувајте се! А не во саботен ден!“ Но Господ во одговор му рече: „Лицемери! Не го одврзува ли секој од вас својот вол, или осле од јаслите во сабота и не го води ли да го напои? А оваа Авраамова ќерка, која сатаната ја врзал веќе осумнаесет години; не требаше ли да биде одврзана од оваа врска во саботен ден?“ А кога го рече тоа, се засрамија сите Негови противници; а целиот народ им се радуваше на сите славни дела, што ги изврши.