Јуда 1:8-16
Јуда 1:8-16 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)
На сличен начин и овие луѓе, вообразени мечтатели, од една страна си ги поганат сопствените тела, а од друга ја презираат врховната власт на Бог и ги навредуваат славните суштества. Дури ни архангел Михаел, кога се препираше со Ѓаволот околу телото на Мојсеј, не се осмели да изнесе против него навредливо обвинение, туку рече: „Господ да те прекори!“ Овие луѓе го навредуваат она што не го разбираат. Тие знаат да го прават само она што е инстинктивно, како безумните животни. Тоа ќе ги уништи! Тешко ним, зашто тргнаа по патот на Каин! Како Балаам, за пари се ќе направат! Како и Корах, ќе изгинат поради своето бунтовништво. Овие луѓе се црна дамка на вашите заеднички спомен-вечери. Се гоштаваат со вас без трошка страв. Само за себе се грижат. Тие се облаци што многу ветуваат, но дожд во нив нема. Тие се овошки без плодови во време на берба, двојно мртви, зашто и корењата им се извадени. Тие се разбеснети морски бранови кои како пена ги исфрлаат на брегот своите срамни дела. Тие се заскитани ѕвезди, забревтани кон вечна и најцрна темнина. За таквите луѓе пророкувал Енох, кој живеел во седмата генерација по Адам, кога рекол: „Ете, доаѓа Господ со десетици илјади Свои светии да им суди на сите, да ги осуди безбожниците за сите нивни зли дела, што безбожно ги извршија, за сите навредливи зборови што против Него ги изрекоа безбожните грешници.“ Тие се луѓе што негодуваат и постојано имаат поплаки, а се раководат само од сопствените телесни похоти. Постојано се фалат и им ласкаат на сите од кои можат да имаат некаква корист.
Јуда 1:8-16 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)
Истото ќе се случи и со оние кои го осквернуваат телото, ја презираат власта и хулат на Славата. А Архангел Михаил, кога се препираше со ѓаволот за Мојсеевото тело, не се осмели да изрече хулна пресуда, туку рече: „Господ да те спречи!“ А овие хулат на она што не го знаат, а во она што го знаат по природа како неразумно животно, во тоа се распаѓаат. Тешко ним, зашто тргнаа по Каиновиот пат, се фрлија во заблудата на Валаам заради печалба и загинаа во бунтот Кореев. Тоа се оние што ги поганат вашите трпези на љубовта, јадејќи со вас без страв и напасувајќи се. Тие се безводни облаци што ветровите ги пренесуваат, есенски неродни дрвја, двапати исушени и искорнати; свирепи морски бранови, што како пена ги испуштаат своите срамни дела; ѕвезди лажни, за кои се чува мракот на темнината засекогаш. А за овие пророкуваше и Енох, седмиот од Адам, зборувајќи: „Ете, доаѓа Господ со илјадници Свои свети ангели, за да изврши суд над сите и за да ги разобличи сите безбожници за сите нивни нечисти дела, што ги беа направиле со своето беззаконие, и за сите лоши зборови, што ги изрекле за Него безбожните грешници.“ Тие се незадоволни викачи, кои живеат според своите желби, а устата нивна произнесува горди зборови, и за корист стануваат умилкувачи.
Јуда 1:8-16 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)
Па сепак овие сонувачи на ист начин го осквернуваат своето тело, го презираат господството и хулат на славите. А Архангелот Михаил, кога се расправаше и препираше со ѓаволот за Мојсеевото тело, не се осмели да изрече хулна пресуда, туку рече: „Господ да те искара!“ А овие пак хулат на она, што не го знаат; а она што го знаат по природа како неразумните животни, во тоа пропаѓаат. Тешко ним, зашто тргнаа по Каиновиот пат, и за печалба паднаа во Валаамовата заблуда и загинаа во Кореевата буна. Тие се подводни скали на вашите трпези на љубовта, кои се гостат со вас без страв, пасејќи се себеси; безводни облаци носени од ветровите, есенски неплодни дрва, двапати умрени и откорнати; бесни морски бранови, што се пенат со своите срамоти; ѕвезди скитнички, за кои се чува мрачна темнина довека. А и за овие пророкуваше Енох, седмиот по Адама, велејќи: „Ете, Господ дојде со десет илјадници Свои свети, за да им суди на сите и за да ги изобличи сите безбожници, за сите нивни безбожни дела, што безбожно ги направиле, и за сите навредливи зборови, што безбожните грешници ги изговориле против Него.“ Тие луѓе се мрморливци, кои стално се жалат, кои живеат според своите страсти, а нивната уста изговорува горделиви зборови, а кои им ласкаат на одделни личности заради печалба.