Јуда 1:5-11
Јуда 1:5-11 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)
Сакам да ве потсетам на тоа што вие веќе го знаете. Иако Господ го избави својот народ од Египет, сепак потоа ги уништи сите што немаа доверба во Бог. Ангелите што не ги исполнуваа задолженијата што им беа дадени, туку ги напуштија своите места, Тој ги окова во вечни вериги, и ги чува во мрак, се до големиот Суден ден. Содом и Гомора, заедно со околните градови, се оддадоа на блуд и неприродни телесни страсти. Затоа за казна беа фрлени во вечен оган, за да им служат како предупредување на луѓето. На сличен начин и овие луѓе, вообразени мечтатели, од една страна си ги поганат сопствените тела, а од друга ја презираат врховната власт на Бог и ги навредуваат славните суштества. Дури ни архангел Михаел, кога се препираше со Ѓаволот околу телото на Мојсеј, не се осмели да изнесе против него навредливо обвинение, туку рече: „Господ да те прекори!“ Овие луѓе го навредуваат она што не го разбираат. Тие знаат да го прават само она што е инстинктивно, како безумните животни. Тоа ќе ги уништи! Тешко ним, зашто тргнаа по патот на Каин! Како Балаам, за пари се ќе направат! Како и Корах, ќе изгинат поради своето бунтовништво.
Јуда 1:5-11 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)
Сакам да ви напомнам, иако ова веќе го знаете, дека Господ, откако го избави народот од египетската земја, ги погуби потоа оние што не веруваа; ангелите, пак, што не се покоруваа на своето началство, и го напуштија живеалиштето, ги стави во вечни окови, во мрак за суд на големиот ден. Како што Содом и Гомора и околните градови, што блудствуваа, а на ист начин како и тие, одеа по друго тело, станаа пример со тоа што беа накажани со вечен оган. Истото ќе се случи и со оние кои го осквернуваат телото, ја презираат власта и хулат на Славата. А Архангел Михаил, кога се препираше со ѓаволот за Мојсеевото тело, не се осмели да изрече хулна пресуда, туку рече: „Господ да те спречи!“ А овие хулат на она што не го знаат, а во она што го знаат по природа како неразумно животно, во тоа се распаѓаат. Тешко ним, зашто тргнаа по Каиновиот пат, се фрлија во заблудата на Валаам заради печалба и загинаа во бунтот Кореев.
Јуда 1:5-11 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)
А сакам да ви напомнам, иако вие знаете сѐ еднаш за секогаш, дека Господ првин го избави народот од Египетската земја; потоа ги погуби оние, кои не поверуваа, па и ангелите, кои не го запазија своето прво место, туку го оставија своето живеалиште, ги запази во вечни окови под мрак за судот на великиот Ден; како што Содом и Гомор и нивните околни градови, кои на ист начин како и овие се предадоа на блудство и одеа по други тела, стојат како пример, трпејќи ја казната на вечниот оган. Па сепак овие сонувачи на ист начин го осквернуваат своето тело, го презираат господството и хулат на славите. А Архангелот Михаил, кога се расправаше и препираше со ѓаволот за Мојсеевото тело, не се осмели да изрече хулна пресуда, туку рече: „Господ да те искара!“ А овие пак хулат на она, што не го знаат; а она што го знаат по природа како неразумните животни, во тоа пропаѓаат. Тешко ним, зашто тргнаа по Каиновиот пат, и за печалба паднаа во Валаамовата заблуда и загинаа во Кореевата буна.