Јуда 1:1-7
Јуда 1:1-7 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)
Од Јуда, слуга на Исус Христос и брат на Јаков, до повиканите, оние што Бог Таткото ги сака и Исус Христос ги чува. Бог нека ви даде во изобилие милост, мир и љубов. Драги пријатели, многу сакав да ви пишувам за нашето заедничко спасение што го имаме, но сметам дека е неопходно да ви напишам и да ве охрабрам да ја браните верата што еднаш засекогаш Бог им ја предаде на Своите верни следбеници. Се вовлекоа меѓу вас безбожни луѓе, што ја извртуваат пораката за благонаклоноста на нашиот Бог, за да си го оправдаат сопствениот разврат. Тие не Го признаваат нашиот единствен Владетел и Господ Исус Христос. За нив во Светото Писмо уште одамна е запишано дека ќе бидат осудени. Сакам да ве потсетам на тоа што вие веќе го знаете. Иако Господ го избави својот народ од Египет, сепак потоа ги уништи сите што немаа доверба во Бог. Ангелите што не ги исполнуваа задолженијата што им беа дадени, туку ги напуштија своите места, Тој ги окова во вечни вериги, и ги чува во мрак, се до големиот Суден ден. Содом и Гомора, заедно со околните градови, се оддадоа на блуд и неприродни телесни страсти. Затоа за казна беа фрлени во вечен оган, за да им служат како предупредување на луѓето.
Јуда 1:1-7 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)
Јуда, слуга на Исус Христос, а брат на Јаков – до повиканите, возљубени во Бог Отецот и зачувани за Исус Христос. Милост, мир и љубов да ви се множат! Возљубени, грижејќи се постојано, да ви пишувам за нашето општо спасение, сметав дека е неопходно да ви напишам и да ве замолам – да се борите за вистинската вера, која им е дадена на светиите еднаш засекогаш, зашто се вовлекоа некои луѓе, чија осуда е одамна определена, безбожници, што ја превртуваат благодатта Божја во нечистотија и се одрекуваат од Единиот Господар Бог и Господ наш Исус Христос. Сакам да ви напомнам, иако ова веќе го знаете, дека Господ, откако го избави народот од египетската земја, ги погуби потоа оние што не веруваа; ангелите, пак, што не се покоруваа на своето началство, и го напуштија живеалиштето, ги стави во вечни окови, во мрак за суд на големиот ден. Како што Содом и Гомора и околните градови, што блудствуваа, а на ист начин како и тие, одеа по друго тело, станаа пример со тоа што беа накажани со вечен оган.
Јуда 1:1-7 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)
Јуда, слуга на Исуса Христа, а брат Јаковов, до повиканите, кои се возљубени од Бог Таткото и запазени за Исуса Христа: милоста, мирот и љубовта да ви се умножат! Возљубени кога покажав секаква ревност да ви пишувам за нашето заедничко спасение, почувствував потреба да ви пишам, опоменувајќи ве да се борите усрдно за верата, која им е предадена на светите еднаш за секогаш. Зашто, се вовлекоа некои луѓе, кои се одамна однапред определени за оваа осуда: безбожници, кои благодатта на нашиот Бог ја заменуваат во распуштеност и Го одречуваат единствениот Владетел, Бог, и нашиот Господ Исус Христос. А сакам да ви напомнам, иако вие знаете сѐ еднаш за секогаш, дека Господ првин го избави народот од Египетската земја; потоа ги погуби оние, кои не поверуваа, па и ангелите, кои не го запазија своето прво место, туку го оставија своето живеалиште, ги запази во вечни окови под мрак за судот на великиот Ден; како што Содом и Гомор и нивните околни градови, кои на ист начин како и овие се предадоа на блудство и одеа по други тела, стојат како пример, трпејќи ја казната на вечниот оган.