Исус Навин 8:1-8
Исус Навин 8:1-8 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)
И му рече Господ на Исус: „Не плаши се и не се ужасувај; земи ги со себе сите мажи, способни за војна и оди во Гај; ете, Јас ќе го предадам во твои раце гајскиот цар и неговиот народ, неговиот град, и неговата земја. Направи му на Гај и на царот негов исто она што му направи на Ерихон и на царот негов; само пленот и добитокот негов поделете си го; постави заседа зад градот.“ Исус и сите мажи, способни за војна, се подготвија да одат во Гај; и одбра Исус триесет илјади храбри мажи и ги испрати во текот на ноќта, им даде заповед, велејќи: „Скријте се зад градот; не се оддалечувајте од градот и бидете сите готови; јас, пак, и сите мажи, што се со мене, ќе се доближиме до градот и штом жителите излезат против нас, како и порано, ние ќе избегаме од нив; тие ќе јурнат по нас, и така ние ќе ги одвлечеме од градот, зашто тие ќе речат: – бегаат од нас, како и порано; откога ќе избегаме од нив, вие станете од заседата и одете во градот, и Господ, вашиот Бог, ќе ви го предаде во рацете ваши. Откога ќе го преземете градот, запалете го градот со оган, постапете според заповедта моја; тоа ви го заповедам јас.“
Исус Навин 8:1-8 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)
Тогаш Господ му рече на Исуса: „Не бој се и не се плаши! Земи ги со себе сите воини, стани и нафрли се врз Гај. Ете, ти ги предавам во рацете гајскиот цар, неговиот народ, градот и неговата земја. Направи со Гај и со неговиот цар како што направи со Ерихон и со неговиот цар; ама ви е слободно да го приграбите пленот од него и неговиот добиток. Постави му на градот заседа од зад грб.“ Се подготви Исус да нападне на Гај и сите воини со него. Избра триесет илјади јунаци и ги испрати ноќе; им даде заповед: „Внимавајте! Ќе отидете во заседа на градот од зад грб, ама да не бидете предалеку од градот, и бидете сите подготвени. А јас и сиот народ, кој ме придружува, ќе му се доближиме на градот; и кога луѓето од Гај ќе излезат пред нас, ние ќе избегаме, како и порано, пред нив. Тие ќе тргнат по нас додека не ги одведеме од градот, зашто ќе мислат: ‘Бегаат пред нас како и порано.’ И така ние ќе избегаме пред нив. Тогаш излезете од заседата и заземете го градот: Господ, нашиот Бог, ќе ви го предаде во рацете. Штом ќе го освоите градот, изгорете го со оган. Направете го тоа според Господовата заповед. Внимавајте, тоа ви го заповедав.“