Исус Навин 8:1-29
Исус Навин 8:1-29 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)
И му рече Господ на Исус: „Не плаши се и не се ужасувај; земи ги со себе сите мажи, способни за војна и оди во Гај; ете, Јас ќе го предадам во твои раце гајскиот цар и неговиот народ, неговиот град, и неговата земја. Направи му на Гај и на царот негов исто она што му направи на Ерихон и на царот негов; само пленот и добитокот негов поделете си го; постави заседа зад градот.“ Исус и сите мажи, способни за војна, се подготвија да одат во Гај; и одбра Исус триесет илјади храбри мажи и ги испрати во текот на ноќта, им даде заповед, велејќи: „Скријте се зад градот; не се оддалечувајте од градот и бидете сите готови; јас, пак, и сите мажи, што се со мене, ќе се доближиме до градот и штом жителите излезат против нас, како и порано, ние ќе избегаме од нив; тие ќе јурнат по нас, и така ние ќе ги одвлечеме од градот, зашто тие ќе речат: – бегаат од нас, како и порано; откога ќе избегаме од нив, вие станете од заседата и одете во градот, и Господ, вашиот Бог, ќе ви го предаде во рацете ваши. Откога ќе го преземете градот, запалете го градот со оган, постапете според заповедта моја; тоа ви го заповедам јас.“ Така ги испрати Исус, и тие отидоа во заседа и заседнаа меѓу Ветил и Гај, на запад од Гај; таа ноќ преноќева Исус среде народот. Откако стана утрината рано, Исус го прегледа народот и тргна – тој и старешините Израелови, пред народот, за Гај; и сите мажи, способни за војна, што беа со него, тргнаа, се приближија и дојдоа до градот од спротива. И се сместија на север од Гај, а меѓу нив и Гај имаше долина. Потоа Исус зеде околу пет илјади души и ги постави во заседа меѓу Ветил и Гај, на запад од градот. А народот се смести во логорот, кој беше на север од градот, додека неговата заседа беше на запад од градот. А Исус отиде таа ноќ среде долината. Штом царот на Гај го виде тоа, стана рано и излезе веднаш со жителите на градот против Израел во борба на определеното место пред рамнината; но тој не знаеше дека против него има заседа позади градот. Исус и целиот Израел, небаре, се разбиени од нив, избегаа кон пустината; а тие го повикаа целиот народ, што беше во градот, за да ги гонат, и, гонејќи го Исус, се оддалечија од градот; и не остана во Гај и во Ветил ниту еден човек, кој не беше тргнал по Израел; а градот свој го оставија отворен, гонејќи го Израел. Тогаш Господ му рече на Исус: „Спружи го копјето, што е во раката твоја, кон Гај, бидејќи Јас ќе го предадам во твоите раце и заседата веднаш нека стане од своето место!“ Исус го спружи кон градот копјето, што беше во раката негова. А оние што беа во заседа станаа веднаш од местото свое и јурнаа, штом ја испружи раката своја, влегоа во градот, го презедоа и за миг го запалија со оган. Гајските жители, кога погледнаа назад, видоа дека од градот се крева дим кон небото. Немаше каде да бегаат – ниту натаму, ниту наваму; зашто народот, што беше во пустината, се сврте кон гонителите. Исус и целиот Израел, кога видоа дека оние што беа во заседа го презеле градот и дека од градот се крева дим, се вратија и почнаа да ги убиваат жителите на Гај. А оние од градот излегоа против нив, така што тие се најдоа меѓу Израелците, од кои едни беа на едната страна, а другите на другата; така ги разбија, што не оставија од нив ниту еден жив, ниту избеган; а царот на Гај го фатија жив и го доведоа кај Исус. Откако Израелците ги убија сите жители од Гај во полето и во пустината, каде што ги гонеа, и откако тие сите до еден паднаа од сечилото на мечот, тогаш сите Израелци се вратија во Гај и го поразија со сечилото на мечот. Бројот на мажите и жените загинати во тој ден изнесуваше дванаесет илјади. Сите беа жители на Гај. Исус не ја тргна раката своја, што ја беше испружил со копјето, додека не ги фрли во проклетство сите од Гај; само добитокот и пленот од тој град синовите Израелови го поделија меѓу себе, според Господовиот збор, што Господ беше му го кажал на Исус. Тогаш Исус го изгоре Гај и го претвори во вечни урнатини, кои стојат до ден-денес. А гајскиот цар го обеси на дрво до вечерта; по зајдисонце Исус пак им заповеда, и го симнаа трупот негов од дрвото, го фрлија пред градските порти во ров, и натрупаа врз него голем куп камења, кој постои до ден-денешен.
Исус Навин 8:1-29 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)
Тогаш Господ му рече на Исуса: „Не бој се и не се плаши! Земи ги со себе сите воини, стани и нафрли се врз Гај. Ете, ти ги предавам во рацете гајскиот цар, неговиот народ, градот и неговата земја. Направи со Гај и со неговиот цар како што направи со Ерихон и со неговиот цар; ама ви е слободно да го приграбите пленот од него и неговиот добиток. Постави му на градот заседа од зад грб.“ Се подготви Исус да нападне на Гај и сите воини со него. Избра триесет илјади јунаци и ги испрати ноќе; им даде заповед: „Внимавајте! Ќе отидете во заседа на градот од зад грб, ама да не бидете предалеку од градот, и бидете сите подготвени. А јас и сиот народ, кој ме придружува, ќе му се доближиме на градот; и кога луѓето од Гај ќе излезат пред нас, ние ќе избегаме, како и порано, пред нив. Тие ќе тргнат по нас додека не ги одведеме од градот, зашто ќе мислат: ‘Бегаат пред нас како и порано.’ И така ние ќе избегаме пред нив. Тогаш излезете од заседата и заземете го градот: Господ, нашиот Бог, ќе ви го предаде во рацете. Штом ќе го освоите градот, изгорете го со оган. Направете го тоа според Господовата заповед. Внимавајте, тоа ви го заповедав.“ Исус ги испрати, и тие отидоа во заседа па се сместија меѓу Ветил и Гај, западно од градот. А Исус ја помина ноќта меѓу народот. Рано наутро Исус го преброи народот и тргна со Израелевите старешини пред народот против Гај. Сите војници тргнаа со него, и кога му се приближија на градот, се влогорија северно од Гај, така што меѓу нив и местото беше рамница. Исус зеде околу пет илјади луѓе и постави заседа меѓу Ветил и Гај, од западната страна на градот. А народот се смести во логорот, што беше северно од градот, додека неговата заштитница беше западно од градот. Исус пак ја помина ноќта среде долината. Кога сѐ тоа го виде гајскиот цар, побрза па излезе тој и сиот негов народ низ надолништето спроти Араба, во бој против Израел. А не претчувствуваа ни дека е наместена заседа зад градот. Тогаш Исус и сиот Израел почнаа да бегаат како да ги победија. И бегаа по патот кон пустината. На тоа Гајците ги повикаа сите од градот и тргнаа во потера по нив, и гонејќи го Исуса се оддалечија од градот. И не остана никој во Гај и Ветил што не тргнал по Израелците. Го оставија градот отворен и ги гонеа Израелците. Тогаш Господ му рече на Исуса: „Замавни со копјето, што ти е во раката, кон Гај: ти го предавам во рацете.“ И Исус го подигна копјето што му беше во раката, и замавна кон градот. И тукушто ја крена раката, луѓето од заседата се кренаа и се растрчаа кон градот, го освоија и веднаш го запалија со оган. Кога оние од Гај се обѕрнаа, имаа што да видат: дим се дигаше од градот кон небото. И никој од нив немаше каде да избега ни таму ни ваму. Тогаш народот што бегаше кон пустината се сврте кон гонителите. Откако Исус и сиот Израел видоа дека заседата го зазеде градот и дека се крева чад од градот, се вратија и удрија на луѓето од Гај. Нивните им излегоа во пресрет од градот, и така оние од Гај се најдоа среде Израелците, опколени и од едната и од другата страна: беа погубени така што ниеден не остана жив, ниту избега. А гајскиот цар го фатија жив и го доведоа при Исуса. Кога Израелците ги погубија сите жители на Гај на отворено поле, и во пустината, кон каде ги гонеа, и кога сите паднаа од меч, Израелците се вратија во Гај и сосекоа со меч сѐ што беше во него. Беа дванаесет илјади оние кои изгинаа тој ден, мажи и жени - сиот Гај. Исус не ја спушти раката со која замавна со копјето, сѐ додека не беа погубени сите жители на Гај. Само добитокот и пленот од оној град Израелците ги поделија меѓу себе, како што Господ му нареди на Исуса. Исус го опожари Гај и го направи урнатина засекогаш, пусто место до денес. Го обеси гајскиот цар на дрво до вечерта. При зајдисонце Исус нареди да го симнат трупот од дрвото, го фрлија пред градската врата и нафрлија врз него голем куп камења, што стои и денес.