Исус Навин 6:1-5
Исус Навин 6:1-5 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)
А Ерихон беше утврден и затворен поради страв од синовите Израелови; никој не излегуваше и не влегуваше во него. Тогаш му рече Господ на Исус: „Еве, Јас го предавам Ерихон во твои раце и царот негов и силните луѓе; обиколувајте го градот сите вие, способни за војна, по еднаш, и така правете шест дена; и седум свештеници нека носат пред ковчегот седум труби од рогови; а седмиот ден обиколете го градот седумпати и свештениците нека трубат со трубите од рогови. И кога трубите од рог ќе затрубат силно, веднаш штом ќе го чуете звукот од трубите, целиот народ нека воскликне, и градските ѕидишта ќе паднат сами до основата своја пред оние што викаат; и тогаш целиот народ да навлезе секој од своето место.“
Исус Навин 6:1-5 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)
А Ерихон стоеше силно утврден и затворен пред Израелевите синови. Никој не излегуваше ниту некој влегуваше. Тогаш Господ му рече на Исуса: „Еве, ти ги предавам во рацете Ерихон и неговиот цар со војниците. Сите вие воини обиколете околу градот еднаш на ден. Така правете шест денови. А седум свештеници нека носат седум труби од овновски рогови пред Ковчегот. На седмиот ден обиколете седумпати околу градот, а свештениците нека трубат во трубите. Па кога ќе затрубат продолжително во овновскиот рог, сиот народ, штом ќе го чуе гласот на трубата, нека крене силна воена викотница. И градските ѕидишта ќе се разурнат, а народот нека влегува тогаш секој оттаму каде што ќе се најде.“