Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Исус Навин 6:1-25

Исус Навин 6:1-25 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)

А Ерихон беше утврден и затворен поради страв од синовите Израе­лови; никој не излегуваше и не влегуваше во него. Тогаш му рече Господ на Исус: „Еве, Јас го предавам Ерихон во твои раце и царот негов и силните луѓе; обиколувајте го градот сите вие, способни за војна, по еднаш, и така пра­вете шест дена; и седум свештеници нека носат пред ковчегот седум труби од рогови; а седмиот ден обиколете го градот седум­пати и свештениците нека трубат со трубите од рогови. И кога трубите од рог ќе затрубат силно, веднаш штом ќе го чуете звукот од трубите, целиот народ нека вос­кликне, и градските ѕидишта ќе паднат сами до основата своја пред оние што викаат; и тогаш целиот народ да навлезе секој од своето место.“ Тогаш дојде Исус, синот Навинов, кај свештениците и им рече: „Земете го ковчегот на заветот Господов и седум свештеници нека носат седум рогови труби пред ковчегот Господов!“ И им рече, велејќи: „Заповедајте му на народот да го обиколат и да го опкружат градот; а вооружените нека одат пред ковчегот Господов.“ Штом Исус му го кажа тоа на народот, рече и седумте свештеници, што ги имаа седумте свештени труби, да појдат и да затрубат со трубите, и ковчегот на заветот Господов да оди по нив. Вооружените, пак, одеа пред свеш­тениците, кои трубеа со трубите; и оние што одеа по нив, по ковчегот, трубеа со трубите. На народот, пак, Исус му заповеда и рече: „Не викајте и да не се чуе глас од вас, и да не излегува збор од устата ваша до оној ден, додека не ви запо­ведам: викајте! – и тогаш ќе викнете.“ Така ковчегот Господов тргна око­лу градот и еднаш го обиколи; и дојдоа во логорот и ноќеваа во него. Исус стана утрината рано, и свеш­тениците го понесоа ковчегот Господов; и седумте свештеници, што ги носеа седумте труби пред ковчегот Господов, одеа и трубеа со трубите; вооружените, пак, одеа пред нив, а другите одеа по ковчегот Господов и свештениците за­тру­бија со роговите труби. И вториот ден го обиколија градот еднаш и се вратија во логорот. Така правеа шест дена. На седмиот ден станаа рано и го обиколија градот седумпати; само тој ден го обиколија градот седумпати. И при седмото заобиколување све­ш­тениците затрубија во трубите. Тогаш Исус му рече на народот: „Викајте, бидејќи Господ ви го предаде градот! И градот, со сѐ што е во него да падне во проклетство, во името Госпо­дово; само блудницата Раав поштедете ја, неа и секој што е во домот нејзин; зашто таа ги сокри извидниците што ги пративме. Но и вие чувајте се од проколнатото, за да не паднете и самите во про­клетство, ако земете нешто од проколнатото, и со тоа на логорот и на си­новите Израелови да им донесете про­клетство, и нас да нѐ истребите. Златото, пак, среброто и бакарот и железото се за Господ и да се внесат во ризницата Господова!“ И затрубија свештениците со трубите. Штом го чу народот гласот на трубите, сите извикаа со висок глас, и сите ѕидишта паднаа, и целиот народ влезе во градот, секој од своето место, и го презедоа градот. И фрли во проклетство Исус сѐ што беше во градот, – мажите и жените, младите и старите, овците и магарињата; сѐ се истреби со меч. А на двете момчиња што ја извидуваа тајно земјата, Исус им рече: „Вле­зете во домот на жената блудница и изведете ја оттаму неа и сите што се кај неа, бидејќи вие ѝ се заколнавте.“ Тогаш влегоа момчињата, што го разгледуваа градот во домот на жената и ја изведоа блудницата Раав и таткото нејзин, мајката нејзина, браќата нејзини и сите нејзини роднини и сите што беа кај неа, ги изведоа и ги ставија надвор од логорот на Израел. А градот и сѐ што беше во него, го изгореа со оган; само среброто и златото, бакарот и железото ги предадоа за да се внесат во ризницата Господова. Блудницата, пак, Раав и целото семејство на нејзиниот татко, Исус ги остави живи, и таа живее меѓу синовите Израелови до денес, зашто ги сокри извидниците што ги испрати Исус за да го разгледаат Ерихон.

Исус Навин 6:1-25 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)

А Ерихон стоеше силно утврден и затворен пред Израелевите синови. Никој не излегуваше ниту некој влегуваше. Тогаш Господ му рече на Исуса: „Еве, ти ги предавам во рацете Ерихон и неговиот цар со војниците. Сите вие воини обиколете околу градот еднаш на ден. Така правете шест денови. А седум свештеници нека носат седум труби од овновски рогови пред Ковчегот. На седмиот ден обиколете седумпати околу градот, а свештениците нека трубат во трубите. Па кога ќе затрубат продолжително во овновскиот рог, сиот народ, штом ќе го чуе гласот на трубата, нека крене силна воена викотница. И градските ѕидишта ќе се разурнат, а народот нека влегува тогаш секој оттаму каде што ќе се најде.“ Исус, синот Навинов, ги повика при себе свештениците и им рече: „Земете го Ковчегот на Заветот, а седум свештеници нека носат седум труби од овновски рогови пред Господовиот Ковчег.“ А на народот му рече: „Појдете и обиколете околу градот, а војниците нека одат пред Господовиот Ковчег.“ И беше како што Исус му нареди на народот. Тргнаа седум свештеници носејќи труби од овновски рогови: трубеа во роговите, а Господовиот Ковчег одеше по нив. Војниците тргнаа пред свештениците кои свиреа во трубите, а заштитницата тргна по Ковчегот. Чекореа така додека се разлеваше гласот на трубите. А Исус му имаше заповедано на народот: „Не викајте и не давајте глас од себе, и ниеден збор да не се чуе од вашата уста додека не ви речам: ‘Викајте!’ Тогаш нека екне воената викотница!“ И нареди Господовиот Ковчег да обиколи еднаш околу градот, па да се вратат во логорот и да преноќеваат таму. Исус подрани утреден, и свештениците го понесоа Ковчегот на Заветот. А седумте свештеници кои носеа седум труби од овновски рогови тргнаа пред Господовиот Ковчег. Одејќи трубеа во трубите, војниците одеа пред нив, а заштитницата пак зад Господовиот Ковчег, додека трубите одекнуваа. Така и на другиот ден обиколија еднаш околу градот, па се вратија назад во логорот. А на седмиот ден станаа во зората и обиколија околу градот, по истиот онаков ред, седумпати. Само во тој ден обиколија седумпати околу градот. За време на седмото обиколување свештениците затрубија силно во роговите, а Исус му рече на народот: „Извикувајте воени викотници, зашто Господ ви го предаде градот!“ Градот нека биде „херем“ за Господа - проклет и предаден на уништување со сѐ што е во него. Само блудницата Рава да остане жива и сите кои ќе бидат со неа во куќата, зашто таа ги скри согледувачите што ги испративме. А чувајте се од проколнато во градот за да не станете и самите проклети затоа што сте зеле проклето, зашто со тоа би сте навлекле проклетство врз логорот и би сте го направиле несреќен. Затоа сето сребро и злато, сите бронзени и железни садови нека му бидат посветени на Господа и нека бидат чувани во Господовото сокровиште.“ Тогаш народот извика и трубите одекнаа. Кога екнаа гласот на трубите и воените извикувања на народот, ѕидовите паднаа и народот навлезе во градот, секој оттаму каде што се најде, и го освоија. И тогаш ја извршија заклетвата ништејќи со острилото на мечот сѐ што беше во градот: машко и женско, старо и младо, волови, овци и ослиња. А тогаш Исус им рече на двајцата што ја согледуваа земјата: „Отидете во куќата на онаа блудница па изведете ја жената со сите нејзини, како што ѝ се заколнавте.“ И младите луѓе, согледувачите, отидоа та ги извадија Рава, нејзиниот татко, нејзината мајка, браќата и сите роднини. Ги изведоа сите нејзини и ги сместија надвор од израелскиот логор. Го изгореа градот и сѐ што беше во него: зедоа само сребро, злато, бронзени и железни садови, и ги ставија во ризницата на Господовиот Дом. Ама Исус ги поштеди: блудницата Рава, и сето нејзино семејство и сѐ нивно. Таа остана меѓу Израелците до денес, зашто ги скри гласниците кои ги испрати Исус за да го извидат Ерихон.