Исус Навин 2:12-24
Исус Навин 2:12-24 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)
И така, заколнете ми се во Господ дека, како што јас ви покажав милост, така и вие ќе бидете милостиви кон домот на мојот татко, и дајте ми верен знак: оставете ги живи во домот на татко ми и мајка ми, браќата мои и сестрите мои, и сите што се во него, и спасете ги душите наши од смрт.“ А луѓето ѝ рекоа: „Нашата душа да биде предадена на смрт наместо вашата, само да не нѐ предадеш. А кога Господ ни ја предаде оваа земја, ќе постапиме со тебе со милост и добрина.“ И таа ги спушти по јаже низ прозорецот, бидејќи куќата ѝ беше во градските ѕидини и таму таа живееше; и им рече: „Одете сега во планината, за да не ве сретнат гонителите, и кријте се таму три дена, додека да се врати потерата што тргна по вас, а потоа одете си по вашиот пат.“ А луѓето ѝ рекоа: „Ние ќе бидеме ослободени од клетвата твоја, со која нѐ заколна ако не постапиш вака: ете, кога ќе дојдеме во овој дел од градот, ова црвено јаже обеси го на прозорецот, низ кој нѐ спушти, и прибери ги во куќата кај себе твојот татко, твојата мајка и твоите браќа и целиот татков дом; и ако некој излезе надвор од вратата на твојата куќа, самиот нека си биде виновен, а ние ќе бидеме ослободени од оваа твоја клетва; а за сите што ќе бидат со тебе во куќата твоја, крвта нивна нека биде врз главите наши, ако некоја рака се допре до нив; ако, пак, некој ги открие овие наши зборови, ние исто така ќе бидеме ослободени од твојата клетва, со која нѐ заколна.“ Таа одговори: „Нека биде според зборовите ваши!“ И ги пушти, и тие си отидоа, а таа го врза за прозорецот црвеното јаже. Тие тргнаа и отидоа во планината и останаа таму три дена, додека се врати потерата. Гонителите ги бараа по целиот пат и не ги најдоа. И се вратија двете момчиња, слегоа од планината, го минаа Јордан и отидоа кај Исус, синот Навинов и му кажаа сѐ што им се случи. И му рекоа на Исус: „Господ, ја предаде целата таа земја во наши раце, и сите жители на таа земја се уплашени од нас.“
Исус Навин 2:12-24 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)
Заколнете ми се, имено, во Господа дека и вие ќе му направите милост на домот на мојот татко, како што и јас ви направив милост вам, и дајте ми веродостоен знак дека ќе ги оставите во живот мојот татко и мојата мајка, моите браќа и моите сестри, и сѐ нивно, и дека ќе нѐ избавите од смртта.“ Луѓето ѝ одговорија: „Со своите животи емчиме за вас, само ако не нѐ предадете. Кога Господ ќе ни ја даде земјата, ќе ти искажеме милост и верност.“ Потоа Рава ги спушти по јаже низ прозорецот, зашто куќата ѝ беше покрај градскиот ѕид, и таа живееше до ѕидот. Уште им рече: „Тргнете кон гората, за да не ве најде потерата, и кријте се таму три дена додека не се вратат потерците, а тогаш одете си по својот пат.“ Луѓето ѝ одговорија: „Еве, вака ќе бидеме слободни од твојата заклетва со која нѐ заколна: кога ќе влеземе во земјата, послужи се со овој знак: врзи ја оваа црвена врвца за прозорецот, низ кој нѐ спушташ, и собери ги при себе, во куќата, својот татко и својата мајка, и своите браќа, и сите свои роднини. Секој од вас кој ќе стапи надвор, преку прагот на твојата куќа, неговата крв на негова глава: вината не ќе биде на нас - сам е виновник за својата смрт; а кој ќе остане со тебе во куќата, неговата крв нека падне на нашите глави - ние ќе бидеме виновни ако некој го допре со рака. Ако пак ја предадеш оваа наша работа, ќе бидеме слободни од заклетвата со која што нѐ заколна.“ А таа одговори: „Нека биде како што рековте!“ Тогаш ги пушти, и тие си отидоа, а таа ја заврза за прозорецот црвената врвца. Тие отидоа и дојдоа на гората, и останаа таму три дни додека не се врати потерата; потерата ги бараше по сите патишта, но не ги најде никаде. Тогаш се вратија и двајцата согледувачи: слегоа од гората, преминаа преку реката и дојдоа кај Исуса, синот Навинов, па го известија за сѐ што им се збидна. И му рекоа на Исуса: „Господ ни ја предаде целата таа покраина во раце; сите нејзини жители ги опфати страв пред нас.“