Исус Навин 2:1-6
Исус Навин 2:1-6 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)
Исус, синот Навинов, тајно испрати од Ситим две момчиња и им рече: „Одете и тајно разгледајте ја земјата и градот Ерихон!“ И тие отидоа и влегоа во куќата на една блудница, по име Раав, и останаа да ноќеваат таму. Тогаш му јавија на Ерихонскиот цар: „Ете, некои луѓе од синовите Израелови дојдоа тука ноќеска, за да ја разгледаат земјата скришно.“ Ерихонскиот цар испрати луѓе да ѝ кажат на Раав: „Изведи ги луѓето, што влегоа во твојот дом, бидејќи дошле скришно да ја разгледаат целата земја.“ Но жената ги зеде оние две момчиња, ги сокри и рече: „Дојдоа, навистина, кај мене луѓе, но јас не знам од каде беа тие; кога, пак, на стемнување требаше да се затворат портите, тие излегоа; не знам каде отидоа; тргнете веднаш по нив, ќе ги стигнете.“ А самата ги одведе на покривот и ги сокри во нечешлан лен, што беше спрострен кај неа на таванот.
Исус Навин 2:1-6 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)
Исус, синот Навинов, испрати потајно од Ситим двајца согледувачи со налог: „Одите, извидете го подрачјето, особено Ерихон.“ Тие отидоа и стигнаа во куќата на блудницата, која се викаше Рава, и преноќеваа таму. Тоа му беше соопштено на ерихонскиот цар: „Еве, стигнаа ноќеска ваму некои луѓе од Израелевите синови за да ја извидат земјата.“ Тогаш ерихонскиот цар ѝ порача на Рава: „Изведи ги луѓето, кои дојдоа кај тебе, кои влегоа во твојот дом, зашто дојдоа да ја согледуваат оваа земја.“ Ама жената ги зеде оние двајца луѓе, ги скри и рече: „Вистина, тие луѓе дојдоа кај мене, ама јас не знаев од каде се. Кога во примрак беа затворувани градските врати, тие си отидоа, и јас не знам каде тргнаа. Побрзајте по нив, зашто уште можете да ги стигнете.“ А таа ги беше извела на покривот и ги скрила под нетриениот лен, што го имаше распрострено таму.