Исус Навин 18:1-28
Исус Навин 18:1-28 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)
И целата заедница на Израеловите синови се собраа во Силом, ја поставија таму скинијата на собранието, бидејќи земјата беше покорена од нив. А од синовите Израелови останаа уште седум племиња, кои не беа добиле свое наследство. И им рече Исус на синовите Израелови: „До кога ќе се колебате да одите да ја завладеете земјата, што ви ја даде Господ, Бог на вашите татковци? Изберете си меѓу себе по тројца луѓе од секое племе и јас ќе ги пратам, и тие ќе станат, ќе ја обиколат земјата и ќе ја опишат, според тоа како ќе треба да им се раздели на делови, и ќе дојдат кај мене. И нека ја разделат на седум делови: Јуда нека го задржи пределот свој на југ, а синовите Јосифови да останат во пределите свои на север. А вие разделете ја земјата на седум делови и донесете ми го предлогот овде. Јас ќе ви фрлам ждрепка пред Господ, нашиот Бог. А за левитите нема дел меѓу вас, бидејќи свештенството Господово е нивни дел; Гад, пак, и Рувим и едната половина од племето на Манасија добија наследство од онаа страна на Јордан, на исток, што им го даде Мојсеј, слугата Господов.“ Тие луѓе станаа и отидоа. А на луѓето, кои отидоа за да ја опишат земјата, Исус им даде заповед: „Одете, обиколете ја земјата, обележете ја и вратете се кај мене; јас, пак, овде ќе ви фрлам ждрепка пред Господ, во Силом.“ Тие луѓе отидоа, ја обиколија земјата, ја разгледаа и ја обележија, според градовите нејзини, на седум делови, па дојдоа кај Исус во логорот, во Силом. Исус им фрли ждрепка во Силом пред Господ, и ја раздели таму Исус земјата меѓу синовите Израелови, според тоа како што се делеа. И се фрли ждрепка за племето на Венијаминовите синови, според родовите нивни. Според ждрепката границата им минува меѓу синовите Јудини и меѓу синовите Јосифови; границата нивна на север почнува од Јордан, минува зад Ерихон од север, се искачува по планината кон запад и завршува во пустината кај Бет-Авен; оттаму границата оди кон Луз, на југ од Луз, инаку Ветил, и потоа слегува кон Атрот-Адар, кон гората, што е на југ од Долни Веторон; потоа границата свртува и се спушта кон запад, јужно од гората, што е спроти Веторон и завршува кај Кирјат-Ваал, инаку Кирјат-Јарим, град на Јудините синови. Тоа е западната страна. Јужната, пак, граница оди од Кирјат-Јарим кон морето и стигнува до водните извори на Нефтоах; потоа границата слегува кон крајот на гората што е пред долината Бен-Хином, северно од Рефаимската Долина, оди по долината Бен-Хином до јужната страна на Јевус, стигнувајќи кај Ен-Рогел; потоа свртува кон север, минува кај Ен-Шемеш, оди кон Гелилот, кој е спроти ридот Адумин, и слегува кон Каменот на Рувимовиот син Бохан; потоа, минува северно од рамнината, и слегува кон неа; оттука таа поминува од северната страна на Бет-Хогла и завршува при северниот крај на Мртвото Море, кај устието на Јордан. Тоа е јужната граница. Од исток, пак, за граница служи Јордан. Тоа е наследството на Венијаминовите синови, со околните граници негови, според родовите нивни. На племето на Венијаминовите синови, според родовите нивни, им припаднаа овие градови: Ерихон, Бет-Хогла и Емек-Кециц, Бет-Арава, Цемараим и Ветил, Авим, Пара и Офра, Кефар-Амона, Офни и Гева: дванаесет градови со селата нивни; Гаваон, Рама и Беерот, Мицпа, Кефира и Моца, Рекем, Јирпеел и Тарала, Цела, Елеф и Јевус, инаку Ерусалим, и Гиват и Кирјат: четиринаесет градови со селата нивни. Тоа е делот на Венијаминовите синови, според родовите нивни.
Исус Навин 18:1-28 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)
Се собра заедницата на Израелевите синови во Сило, и таму го оптегнаа Шаторот на средбата. Сета земја им се покори. Но меѓу Израелевите синови останаа уште седум племиња, кои не го примија своето наследство. Тогаш Исус им рече: „До кога ќе се двоумите да тргнете и да ја земете во сопственост земјата што ви ја даде Господ, Бог на вашите татковци? Изберете по тројца луѓе од секое племе, а јас ќе ги испратам да ја опишат сета земја за делба. Кога ќе се вратат при мене ќе ја поделам земјата на седум делови. Јуда нека остане во своето подрачје на југ, а Јосифовиот дом нека остане на својот крај на север. А вие опишете ја земјата на седум делови и донесете ми тука, за да фрлам жрепка за вас тука пред Господа, нашиот Бог. Левитите не ќе имаат дел меѓу вас, зашто Господовото свештенство е нивно наследство; а Гад, Рувим и половината од Манасиевото племе го примија своето наследство на источната страна на Јордан - она што им го даде Мојсеј, Господовиот слуга.“ Луѓето се подготвија за пат, а Исус им заповеда на оние кои тргнаа да ја опишат земјата: „Отидете и обиколете ја сета земја и опишете ја, па тогаш вратете се кај мене за да фрлам жрепка тука пред Господа во Сило.“ Тие луѓе отидоа, поминаа низ земјата и ги запишаа во книга сите градови во седум делови, па се вратија кај Исуса во логорот во Сило. А Исус фрли за нив жрепка во Сило пред Господа, и таму им ја раздели Исус земјата на Израелевите синови според нивните племенски делови. И жрепката му падна на племето на Венијаминовите синови според нивните родови: се утврди дека нивниот дел е меѓу делот на Јудините синови и на Јосифовите синови. Северната меѓа им се тегнеше од Јордан па излегуваше покрај северната стрмина на Ерихон, се искачуваше од запад на гората и завршуваше во пустината Вет-Авен. Оттаму одеше кон Луз, односно Ветил; потоа се спушташе во Атарот-Адар, покрај брдото што е јужно од Долниот Вет-Орон. Натаму меѓата завиваше и свршуваше од запад кон југ, од гората што се издига спроти Вет-Орон од југ, и завршуваше кај Киријат-Вал, денес Киријат-Јарим, град на Јудините синови. Тоа е западната страна. Јужната страна почнуваше од границите на Киријат-Јарим, па се тегнеше на запад кон изворот Нефтој, потоа меѓата се спушташе до крајот на гората што е спроти долината на Еномовиот син на север на Рафаимската низина, потоа слегуваше во долината Еном покрај Јевусејската Стрмина и стигаше до изворот Ен-Рогил. Потоа свртуваше од север па излегуваше на Ен-Семес и го допираше Галилот, што се издига спроти Адумимското Нагорниште, и слегуваше на Каменот Воан, на Рувимовиот син. Потоа поминуваше по стрмината од северната страна на Вет-Арава и слегуваше до Арава. Натаму меѓата течеше покрај стрмината Вет-Огла кон север и свршуваше на северниот залив на Соленото Море, до јужниот крај на Јордан. Тоа е јужната меѓа. Јордан пак беше меѓа на источната страна. Тоа е наследството на Венијаминовите синови, со нивните меѓи наоколу според нивните семејства. Градовите на племето на Венијаминовите синови според нивните родови се: Ерихон, Вет-Огла, Емек-Кесис; Вет-Арава, Семараим, Ветил; Авин, Фара, Офра; Хефар-Амона, Офниј и Гава: дванаесет градови со своите села. Гаваон, Рама, Вирот; Миспа, Хефира, Моса; Рекем, Ирфаил, Тарала; Сила, Елеф, Јевус (тоа е Ерусалим), Гават и Киријат: четиринаесет градови со своите села. Тоа е наследството на Венијаминовите синови според нивните родови.