Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Јов 24:1-25

Јов 24:1-25 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)

„Зошто не се сокриени од Седржителот времињата? И оние, кои Го знаат, не ги гледаат дните Негови? Безбожниците поместуваат меѓи, ограбуваат стада и си ги пасат, од сираците одземаат магаре, од вдовица вол – за залог; сиромаси истуркуваат од патот, сите понизени се принудени да се кријат од нив. Ете, како диви магариња во пустина, излегуваат тие по работата своја, стануваат рано за грабеж; пустината им дава леб за нив и за децата нивни; жнеат по туѓи ниви, и од лозјето на безбожникот крадат; голи ноќеваат без покривка, не­маат облека за да се спасат од студ; наводенети од горски дождови и, немајќи прибежиште, се притискаат до карпа; раздвојуваат сираче од градите на мајката и земаат залог од сиромав; ги тераат да одат голи, без облека, и на празен стомак снопови да носат; маслиново масло на другите тие цедат, и во каци жедни грозје тие гме­чат. Во градот луѓето офкаат и душата на убиените вика, а Бог тоа не го слуша. Тие ѝ се противат на светлината, не ги знаат патиштата нејзини и не одат по патеките нејзини. На разденување станува убиецот, убива сиромав и несреќен, а ноќе е крадец. И окото на прељубникот чека да се стемни, велејќи: ‚ничие око нема да види‘ и го покрива лицето свое. Во темнината се провираат под куќите, а дење се кријат затворени; не знаат тие за светлина. За нив најцрната ноќ е како јасно утро, толку се зближени тие со стра­вотиите на темнината. Лесен е таквиот на водната пов­р­шина, проклет е делот негов на земјата, и не го гледа патот кон лозјата. Како што сушата и горештината ја голтаат снежната вода, така пе­колот ги голта грешниците. Нека го заборави утробата мај­чина; нека биде храна за црвите; нека не остане помен за него; како дрво ќе се скрши беззаконикот; оној кој угнетува бездетна, и на вдовица не ѝ прави добро. Но Бог сосила ги истерува насилниците; се појавува и тие немаат на­деж за животот свој. Бог им дава во што да се надеваат, но Неговите очи ги гледаат нивните патишта. Се креваат високо, – и, ете, веќе ги нема; паѓаат и умираат, како и сите, и како врвовите на класовите се кршат. Ако тоа не е така, – кој ќе ме изобличи за лагата и кој ќе ги прет­вори во ништо зборовите мои?“

Јов 24:1-25 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)

„Зошто времињата не се скриени од Семоќниот, а верниците не ги видуваат Неговите денови? Безбожниците ги преместуваат меѓите, ограбуваат стадо и го пасат. Им го одведуваат ослето на сирачето, го земаат во залог волот на вдовицата. Ги тераат бедните од патот; се кријат бедните на земјата. Како диви ослици во пустината рано одат да заграбат плен: пустината им ги храни децата. Тие собираат во туѓа нива, го берат лозјето на опакиот. Голите немаат облека ноќе, ни покривка против студот. Тие киснат од планинските поројни дождови; без засолниште, се долепуваат до карпата. Го оттгргнуваат сиракот од градата, земаат во залог дете од бедниот. Одат голи, немаат облека; изгладнети, носат туѓи снопови. Кои цедат масло меѓу ѕидовите; жедни, газат во каците. Луѓето на умирање офкаат низ градовите, и душите на ранетите викаат за помош, но Бог се оглушува на сѐ тоа. Има такви, кои ја мразат светлината: не ги признаваат нејзините патишта, ниту се придржуваат до нејзините патеки. Убиецот се крева во мракот, ги коле бедниот и сиромашниот. Окото на прељубникот копнее за примрак: „Никој нема да ме види,“ вели тој и го прекрива своето лице со превез. Во темнината ги пробива куќите, оние куќи, кои ги забележал дење. Тие не сакаат да знаат за светлина. Зората им е како смртна сенка: штом зазори силен страв ги фаќа. Тој е побрз од водите, избегнувајќи го патот преку лозјата, неговите имоти се проколнати во земјата. Како што горештината и жегата го впиваат снегот, така и Подземјето ги проголтува грешниците. Крилото што го роди го заборави, неговото име не се спомнува веќе; неправдата е скршена како стебло. Тој измачуваше жена неротка, не ѝ стори добро на вдовицата. Но оној што силно ги фаќа насилниците, станува, а за нив гасне сета надеж. Му даде сигурност, и тој се надева; со окото ги надгледуваше неговите патеки. Се воздигнаа за малку, а тогаш исчезнаа, се рушат и изгниваат како сите други, пресечени како главите на класовите. Не е ли така? Кој ќе ме изобличи во лага? Кој може да ги поништи моите зборови.