Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Јов 20:1-29

Јов 20:1-29 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)

Проговори Софар од Ноема и рече: „Размислувањата мои ме поттикнуваат да одговарам, брзам да ги искажам. Срамен прекор чув за мене, но духот на мојот разум ќе одговори за мене. Зар не знаеш ти дека е тоа од памтивека, – откога е човекот поставен на земјата, дека веселбата на беззакониците е краткотрајна, и радоста на безбож­ниот е за миг? И до небесата да се издигне вели­чието негово, и до облаците да се допира главата негова, – тој засекогаш ќе пропадне, како и гадотиите негови; оние што го ви­деле, ќе кажат: – каде е тој? Како сон ќе одлета, и нема да го најдат; како ноќно привидение ќе исчезне. Кое око го видело, повеќе нема да го види, и местото негово повеќе нема да го забележи. Синовите негови ќе им се умилкуваат на сиромасите, и рацете негови ќе го вратат она што го ограбил. Коските негови се полни со гре­вови на младините негови, со него ќе легнат тие во земјата. Ако злото е слатко во устата негова, и тој го крие под јазикот свој, го чува и не го фрла, туку го држи во устата своја; сепак таа храна во утробата негова, внатре во него, ќе се претвори во зми­ски отров. Ќе го изблуе доброто што го голтнал: Бог ќе го исфрли од стомакот не­гов. Змиски отров ќе шмука тој; јазикот на змијата ќе го умртви. Нема да види потоци и реки од мед и млеко. Спечаленото со труд ќе го врати, нема да го изеде; според имотот негов ќе стане и плаќањето негово; и тој нема да се зарадува. Зашто притеснуваше и прогонуваше сиромаси; заграбуваше куќи што не ги градел; не знаеше ситост во стомакот свој, и во жедта своја ништо не ште­деше. Ништо не се откинуваше од лакомоста негова, затоа и радоста негова нема долго да потрае. При полно изобилство, тесно ќе му биде; рацете на сиромасите ќе се кренат врз него. Кога има со што да го наполни стомакот негов, Тој ќе ја испрати врз него јароста на Својот гнев и ќе истури како дожд врз него болести во телото негово. Ќе избега ли од железното ору­жје, – бакарен лак ќе го прободе. Ќе ја извлече тој стрелата од грбот свој, низ жолчката му ќе помине со својот блескав врв. Сѐ што е мрачно се крие во него; го гори оган, од никого нераздуван; ќе изгори сѐ под шаторот негов. Небото ќе го открие неговото зло, а и земјата ќе се крене против него. Ќе исчезне богатството на куќата негова; сѐ ќе се растури во денот на гневот Божји. Тоа е делот од Бога за беззакониот човек и наследство, определено за него од Седржителот!“

Јов 20:1-29 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)

Тогаш Софар Нааматецот проговори и рече: „Мислите ме тераат да ти одговорам, и затоа во мене врие тоа возбудување, додека ги слушам укорите што ме срамат, но мојот дух на разумот веќе ќе најде умен одговор. Зар тебе не ти е познато од старо време, од кога е поставен човекот на земјата, дека е кратковремена радоста на нечесниот, дека среќата на безбожникот поминува како миг? Макар со растот да порасте и до небото, а неговата глава да допре до облаците, тој исчезнува засекогаш како призрак. Кои го видоа велат: „Каде е сега тој?“ Тој се расплинува како сон без трага, исчезнува како ноќен привид. Ниедно око нема веќе да го гледа, ниту неговото место ќе го види. Бедните ќе ги гонат неговите деца: со своите раце ќе си го вратат имотот. Неговите коски беа бујни со младост, ете, тие лежат во правот. Злото и беше слатко на неговата уста, па го криеше под својот јазик; се насладуваше внимавајќи да не го голтне, и го задржуваше под своето непце. Но таа храна му гние во утробата, змиски отров станува во цревата. Проголтаното богатство треба да го изблува. Бог ќе го истера од неговата утроба. Цицаше отров од змиска глава: сега умира од јазикот на отровницата. Тој веќе нема да гледа потоци со масло, ниту ќе види како мед и млеко течат по реката. Ќе ја врати печалбата, без да вкуси од неа, нема да ужива во плодот на трговијата. Зашто сиромаштијата ја тапчеше и ја угнетуваше, одземаше куќи што не ги изградил, зашто немаше крај на неговото лакомство, неговите богатства нема да го избават. Зашто неговата ненаситност не поштедуваше ништо, ни неговата среќа не ќе трае долго. Среде изобилството ќе се најде во тешка состојба, бедата ќе се нафрли врз него со сета сила. И додека го полни со храна својот желудник, Бог ќе ја пушти на него јароста на Својот гнев, ќе истури дожд врз него додека сѐ уште јаде. Ако и му избега на железното оружје, бронзен лак ќе го прониже со стрела. Ќе ја извлечеше стрелата, но таа му ги проби плеќите, а блескавиот врв стрчи од неговата жолчка, каде и да тргне, го дебнат трепети, Сите темнини го чекаат молкум него. Го уништува оган, незапален од некого, и голта сѐ под неговиот шатор. Ете, небото го открива неговото беззаконие и сета земја се крева против него. Богатството на домот ќе му исчезне, ќе го расфрлат во денот на Божјиот гнев. Бог им приготвува таква судбина на злосторниците и Тој му досудува такво наследство.“