Јов 15:1-16
Јов 15:1-16 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)
Проговори Елифаз од Теман и рече: „Ќе одговара ли мудриот со празни знаења и ќе го полни ли стомакот свој со врел ветар? Ќе се оправдува ли со бесполезна реч, и со зборови што немаат никаква сила? Ти пак го заборави стравот од Бога; пред Неговото лице ти трепет немаш. Твоите зборови вината Твоја ја покажуваат, се служиш со јазикот на лукавите. Тебе те обвинува устата твоја, а не јас; јазикот твој говори против тебе. Зар ти си првиот роден од човек и пред ридовите ли си создаден? Зарем си ги слушал тајните Божји и за себе мудрост си придобил? Што знаеш ти што ние не го знаеме? Што разбираш ти, а што го нема и во нас? Меѓу нас има и седокос, и старец, кои според деновите го надминуваат татко ти. Зар се за тебе малку Божјите утехи? И Неговите благи зборови? Кон што те соблазнува срцето твое, кон што така гордо гледаш? Зошто го устремуваш против Бога духот свој и со устата своја изнесуваш такви зборови? Што е човекот, та да биде чист и родениот од жена да биде праведен? Ете, Тој и на светите Свои не се доверува, и небесата се нечисти во Неговите очи: толку повеќе е нечист и грешен човекот, кој го пие беззаконието како вода.
Јов 15:1-16 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)
Тогаш Елифаз Теманецот проговори и рече: Зар на празни мисли одговара мудрецот и го полни мевот со источен ветер? Зар тој се брани со празни зборови, со беседи што за ништо не користат? Ти правиш уште повеќе: го уништуваш стравот од Бога, и ги укинуваш молитвите кон Бога. Твоите зборови ја откриваат твојата вина, се послужи со лукав јазик, сопствената уста те осудува, не јас, твоите усни сведочат сами против тебе. Зар си првиот човек кој се родил? Зар дојде на светот пред ридовите? Зар ти ги прислушкуваше Божјите тајни, и ја присвои за себе целата мудрост? Што знаеш ти, а да не знаеме и ние, што разбираш ти, а да не го сфаќаме тоа? Има меѓу нас и седи и стари, што имаат повеќе години од татка ти. Зар се премали за тебе Божјите утехи и благите зборови упатени до тебе? Зошто твоето срце така слепо те гони и зошто така диво превртуваш со очите? Штом против Бога својот дух го свртуваш, одма од устата ти излегуваат такви зборови! Што е човекот за да може да биде чист? Зар некој роден од жена е праведен? Ете, Тој не се доверува ни на светците, за Неговото око ни небесата не се чисти, а камоли тоа гадно и бунтовно суштество, човекот, кој пие неправда, како вода!