Јован 4:1-45
Јован 4:1-45 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)
Штом Исус дозна дека фарисеите слушнале оти Тој придобива и крштава повеќе ученици од Јован Крстител, (иако самиот Исус не крштаваше, туку Неговите ученици), Тој ја напушти Јудеја и се врати во Галилеја. Мораше да помине низ Самарија. Така Тој дојде до самарискиот град Сихар, близу до местото кое Јаков му го беше дал на својот син Јосиф. Таму беше бунарот на Јаков. Исус седна крај бунарот, зашто беше уморен од патувањето. Беше околу пладне. Една жена од Самарјанците дојде, за да си нацрпи вода. „Дај ми малку вода да се напијам!“ - и рече Исус. (Неговите ученици беа отидени во градот за да купат храна.) Тогаш Самарјанката Му рече: „Ти си Евреин, а јас сум Самарјанка; како можеш да бараш вода од мене!?“ (Имено, Евреите не сакаа да општат со Самарјанците.) Исус и одговори: „Кога би знаела што дава Бог, и Кој е Овој што ти бара вода, ти би побарала од Него и Тој би ти дал животодавна вода!“ Жената му рече: „Господине, немаш кофа за црпење, а бунарот е длабок. Од каде ќе нацрпиш животодавна вода? Овој бунар ни е од нашиот прататко Јаков, кој од него пиеше, а исто така и неговите синови и нивниот добиток; зар си ти поголем од Јаков!?“ Исус и одговори: „Секој што пие од оваа вода одново ќе ожедни. А оној што пие од водата што Јас ќе му ја дадам никогаш нема да ожедни. Водата што Јас ќе му ја дадам ќе стане во него извор на животодавна вода и ќе му донесе вечен живот.“ „Господине“ - му рече жената - „дај ми ја таа вода за повеќе да не ожеднувам, ниту пак да доаѓам овде да црпам вода!“ „Оди, викни го мажот ти, па дојдете овде!“ - и рече Тој. „Немам маж“ - Му одговори таа. Исус и рече: „Во право си кога велиш ,Немам маж‘, зашто пет мажи си имала досега, а и овој што сега го имаш не ти е законски маж! Вистина е тоа што го рече.“ Жената Му рече: „Господине, гледам дека си пророк! Кажи ми, зошто вие Евреите велите дека Ерусалим е единственото место каде што треба да му се поклонуваме на Бог, додека ние Самарјанците сметаме дека тоа е гората Геризим, каде што се поклонуваа и нашите предци?“ Исус и рече: „Верувај ми, жено, дека доаѓа време кога нема да биде важно дали Му се поклонувате на небесниот Татко во Ерусалим или на оваа гора. Вие Самарјанците не Го познавате Оној на Кој Му се поклонувате. А ние Евреите знаеме на Кого Му се поклонуваме, бидејќи спасението доаѓа преку Евреите. Но доаѓа време, и веќе е дојдено, кога вистинските поклоници ќе бидат воведени во вистината од Божјиот Дух и ќе Му се поклонуваат на небесниот Татко онака како што тоа го сака небесниот Татко. Бог е Дух и оние што Му се поклонуваат мораат да го прават тоа сходно со вистината која им ја открива Божјиот Дух.“ Жената му рече: „Знам дека треба да дојде Месијата, Помазаникот. Кога ќе дојде, Тој ќе ни објасни се.“ „Тоа Сум Јас - Овој што сега разговара со тебе!“ - и рече Исус. Во тој момент пристигнаа Неговите ученици и се зачудија што Исус разговара со жена, но никој не и рече: „Што сакаш?“, ниту пак некој Му рече на Исус: „Зошто зборуваш со неа?“ А жената ја остави својата стомна, отрча во градот и почна да му зборува на народот: „Дојдете да видите еден човек кој ми кажа се што сум направила! Да не е Тој Месијата?“ Луѓето излегоа од градот и тргнаа кон Исус. Во меѓувреме, Исусовите ученици Го нудеа: „Раби, земи јади нешто!“ Но Тој им рече: „Јас имам храна за која вие не знаете.“ Учениците почнаа да се прашуваат меѓу себе: „Зар некој Му донесол нешто за јадење?“ Тогаш Исус им објасни: „Храна за Мене е да ја вршам Божјата волја. Тој ме испрати за да го довршам делото што ми го довери. Зар вие не велите дека уште четири месеци, па ќе дојде времето за жетва!? А Јас ви велам: подигнете го погледот и видете ги полињата - тие се веќе втасани за жетва! Жетварите веќе добиваат плата за својот труд, а плодот што го собираат се луѓето кои преку нив дошле до вечен живот. Така и сејачите и жетварите заедно се радуваат. Зашто поговорката: ?Еден сее, а друг жнее‘ е вистинита. Јас ве испратив да жнеете таму каде што не сте вложиле труд да сеете. Други вложија голем труд, а вие ќе жнеете врз основа на нивната работа.“ Многу Самарјанци од тој град поверуваа во Исус врз основа на сведочењето на жената, која им говореше: „Ми кажа се што сум сторила!“ Затоа, Самарјанците дојдоа кај Исус и Го замолија да остане кај нив, и Тој остана таму два дена. И уште многумина поверуваа слушајќи ги Неговите проповеди, па и велеа на жената: „Сега не веруваме само поради твоите зборови, туку заради тоа што самите Го слушавме Исуса и се уверивме дека Тој навистина е Спасителот на светот!“ А по тие два дни Исус си замина оттаму за Галилеја. Претходно Исус беше изјавил дека пророците ги почитуваат насекаде, освен во нивниот роден крај. Кога дојде во Галилеја, Галилејците Го примија, бидејќи беа виделе се што Тој беше направил за време на празникот Пасха во Ерусалим, зашто и самите беа присутни таму.
Јован 4:1-45 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)
Кога разбра Исус дека фарисеите чуле дека Тој придобива повеќе ученици отколку Јован и крштаваше, макар што Самиот Исус не крштаваше, туку учениците Негови, ја напушти Јудеја и отиде пак во Галилеја. Требаше да мине преку Самарија. Така, дојде во самарјанскиот град, наречен Сихар, близу до земјиштето, што му го даде Јаков на својот син Јосиф. Таму беше изворот на Јаков. И Исус, изморен од патот, седна покрај изворот; а беше околу шестиот час. Дојде една жена од Самарија, за да полни вода. Исус ѝ рече: „Дај Ми да пијам!“ А учениците Негови беа отишле во градот да купат храна. Жената Самарјанка Му рече: „Како Ти, Јудеец, бараш од мене, жена Самарјанка, да пиеш?“ Зашто Јудејците со Самарјаните не се мешаат. Исус ѝ одговори и рече: „Кога би го знаела дарот Божји и Кој е Овој што ти вели: ‚Дај Ми да пијам‘ – ти самата би побарала од Него и Тој би ти дал жива вода.“ Жената Му рече: „Господи, Ти нема со што да нацрпеш, а кладенецот е длабок; од каде, пак, имаш жива вода? Зар си Ти поголем од нашиот татко Јаков, кој ни го даде овој кладенец!? И самиот тој пиеше од него, и синовите негови, и добитокот негов!“ Исус ѝ одговори и рече: „Секој што пие од оваа вода, пак ќе ожедни; а кој пие од водата, што ќе му ја дадам Јас, нема никогаш да ожедни; таа во него ќе стане извор на вода што ќе тече во живот вечен.“ Жената Му рече: „Господи, дај ми таква вода за да не ожеднувам, ниту да идам овде за полнење!“ Исус ѝ рече: „Оди, повикај го твојот маж и дојди тука!“ Жената одговори и Му рече: „Немам маж.“ Исус ѝ рече: „Право кажа дека немаш маж; зашто петмина мажи си имала и овој, што го имаш сега, не ти е маж; право рече.“ Жената Му одговори: „Господи, гледам дека си Ти пророк! Нашите татковци се поклонуваа на оваа планина, а вие велите дека во Ерусалим е местото каде што треба да се поклонуваме.“ Исус ѝ рече: „Жено, верувај Ми дека доаѓа време кога ни на оваа планина, ниту во Ерусалим не ќе се поклонувате на Отецот. Вие му се поклонувате на она што не го знаете, а ние се поклонуваме на она што го знаеме; зашто спасението е од Јудејците. Но иде време и веќе дошло кога вистинските поклоници ќе Му се поклонуваат на Отецот со дух и вистина, зашто Отецот сака такви да бидат оние кои Му се поклонуваат. Бог е Дух и оние што Му се поклонуваат, треба да се поклонуваат со дух и со вистина.“ Жената Му рече: „Знам дека ќе дојде Месија, наречен Христос; кога ќе дојде Тој, сѐ ќе ни каже.“ А Исус ѝ рече: „Јас сум, Кој зборува со тебе.“ И тогаш дојдоа учениците Негови и се зачудија дека говореше со жена; но ниеден не Му рече: „Што сакаш?“ или: „Зошто зборуваш со неа?“ А жената ја остави својата стомна и отиде в град и им рече на луѓето: „Дојдете, видете Го човекот Кој ми кажа сѐ што сум направила. Да не е Тој Христос?“ Тогаш тие излегоа од градот и тргнаа кон Него. Во тоа време, пак, учениците Го молеа, велејќи: „Рави, јади!“ Но Тој им рече: „Јас имам храна за јадење, што вие не ја знаете.“ Тогаш учениците си проговорија меѓу себе: „Да не Му донел некој да јаде?“ А Исус им рече: „Мојата храна е да ја исполнувам волјата на Оној Кој Ме пратил и да го извршам Неговото дело. Не велите ли вие дека уште четири месеци, па ќе настане жетва? А јас, пак, ви кажувам: подигнете го погледот и видете ги нивите како побелеле, готови за жетва. И жетварот веќе добива плата и собира плод за вечен живот, та да се радуваат заедно и сејачот и жетварот. Зашто во ова вистинита станува поговорката: ‚Еден сее, а друг жнее.‘ Јас ве испратив да го жнеете она за што не сте се труделе; други се трудеа, а вие влеговте во нивниот труд.“ И мнозина Самарјани од тој град поверуваа во Него поради зборовите на жената која сведочеше: „Ми кажа сѐ што сум направила.“ Кога дојдоа, пак, Самарјаните кај Него, Го замолија да остане кај нив. И Тој остана таму два дена. И уште повеќе поверуваа поради словото Негово; а на жената ѝ велеа: „Сега веќе не веруваме само заради твоето кажување, зашто сами чувме и знаеме дека Тој е Спасителот на светот, Христос.“ А по два дни, Тој замина оттаму и отиде во Галилеја. Зашто Сам Исус беше посведочил дека пророкот во своето родно место нема почит. Кога дојде, пак, во Галилеја, Галилејците Го примија, зашто беа виделе сѐ што извршил во Ерусалим на празникот; зашто и тие беа на празникот.
Јован 4:1-45 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)
Кога Исус научи дека фарисеите чуле оти Тој придобива и крштава повеќе ученици од Јована, - иако самиот Исус не крштаваше, туку Неговите ученици, - ја напушти Јудеја и се врати пак во Галилеја. А требаше да помине преку Самарија. Така дојде во самарјанскиот град, наречен Сихар, во близина на земјиштето, што Јаков му го даде на сина си Јосифа; таму беше Јакововиот Извор. А Исус, измо-рен од патот, седеше така на кладенецот; беше околу шестиот час. Дојде една самарјанка, за да нацрпи вода. Исус ѝ рече: „Дај Ми да пијам!“ Зашто учениците Негови беа отишле во градот да купат храна. Самарјанката Му рече: „Како Ти, Јудеец, бараш од мене, Самарјанка, да пиеш?“ Имено, Јудејците не општеа со Самарјанците. Исус ѝ одговори и рече: „Кога би знаела за Божјиот дар и Кој е Оној што ти вели: ‘Дај ми да пијам,’ ти би побарала од Него и Тој би ти дал жива вода.“ Жената Му одговори: „Нема со што да нацрпиш, господине, а кладенецот е длабок! Тогаш, од каде имаш жива вода? Зар си Ти поголем од нашиот татко Јаков, кој ни го даде кладенецов? И тој самиот пиеше од него, и неговите синови, и неговиот добиток!“ Исус во одговор ѝ рече: „Секој кој пие од водава, пак ќе ожедни. А кој пие од водата што Јас ќе му ја дадам нема да ожедни довека, туку водата што ќе му ја дадам, ќе стане во него извор на вода, извирајќи во вечен живот.“ Жената Му рече: „Господине, дај ми од водата за да не ожеднувам и да не доаѓам тука да нацрпувам!“ Исус ѝ рече: „Оди, повикај го мажа си и врати се тука!“ Жената му одго-вори и рече: „Јас немам маж.“ Исус ѝ рече: „Право кажа дека немаш маж; зашто си имала петмина мажи и тој, кого го имаш сега, не ти е маж. Тоа го рече вистинито.“ Жената Му рече: „Господине, гледам дека си пророк. Нашите татковци Му се поклонуваа на Бога на оваа планина, а вие велите дека Ерусалим е местото каде што треба да се поклонуваме.“ Исус ѝ рече: „Верувај Ми жено, дека иде часот кога не ќе Му се поклонувате на Таткото ниту на оваа пла-нина ниту во Ерусалим. Вие не знаете на што му се поклонувате; ние знаеме на што му се поклонуваме, зашто Спасението доаѓа од Јудејците. Но доаѓа час - и веќе е тука - кога вистинските поклоници ќе Му се поклонуваат на Таткото во дух и вистина, зашто Таткото сака такви поклоници. Бог е Дух, и кои Му се поклонуваат, треба да Му се поклонуваат во дух и вистина.“ Жената Му одговори: „Знам дека ќе дојде Месија, Кој се вика Христос. Кога ќе дојде Тој, ќе ни објави сѐ.“ Исус ѝ рече: „Јас Сум, Кој зборувам со тебе.“ Тогаш дојдоа Неговите ученици и се чудеа дека разговара со жена, но ниеден не рече: „Што сакаш?“ или: „Зошто разговараш со неа?“ Тогаш жената ја остави својата стомна и отиде во градот, па им рече на луѓето: “Дојдете да Го видите Човекот, Кој ми кажа сѐ што сум направила! Да не е Тој Христос?“ Тие излегоа од градот и тргнаа кон Него. Во меѓувреме учениците Го молеа Исуса: „Рави, јади!“ Но Тој им рече: „Јас имам храна за јадење, што вие не ја знаете.“ Тогаш учениците зборуваа помеѓу себе: „Да не му донесол некој јадење?“ Исус им рече: „Мојата храна е да ја исполнувам волјата на Оној, Кој ме прати и да го завршам Неговото дело. Зар вие не велите: „Уште четири месеци и жетвата ќе дојде! „Еве, ви велам: подигнете ги своите очи и видете ги нивите како побелеле за жетва! Жетварот веќе добива плата и собира плод за вечен живот; да се радуваат заедно и сејачот и жетварот. Зашто во ова вистинска е пословицата: „Еден сее, а друг жние!“ Јас ве испратив да жниете, каде што не сте се труделе. Други се трудеа, а вие влеговте во нивниот труд. И мнозина самарјани од градот поверуваа во Него по зборовите на жената, која сведочеше: „Тој ми кажа сѐ што сум направила.“ Па кога Самарјанците дојдоа при Него, Го замолија да остане кај нив; и остана таму два дена. И уште повеќе од нив поверуваа заради Неговото слово, а на жената ѝ велеа: „Сега не веруваме заради твоето кажување; зашто самите чувме и знаеме дека Тој е навистина Христос, Спасителот на светот.“ По два дена тргна оттаму за Галилеја. Зашто Самиот Исус изјави дека пророкот нема чест во својата родина. И така, кога дојде во Галилеја, Галилејците Го при-мија, зашто беа виделе сѐ што стори во Ерусалим на празникот, бидејќи и самите дојдоа на празникот.