Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Јован 2:1-25

Јован 2:1-25 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

По три дена мајка Му на Исус беше на една свадба во градот Кана, во покраината Галилеја. На свадбата беа поканети и Исус со Неговите ученици. Кога виното се потроши, мајка Му на Исус Му рече: „Им снема вино!“ „Зошто ме вовлекуваш во ова, жено?“ - и одговори Исус. „Моето време се уште не е дојдено!“ Тогаш мајка Му им рече на слугите: „Направете се што ќе ви каже!“ Таму имаше шест камени садови за вода, кои беа наменети за обредно миење, според еврејскиот обичај. Секој од нив собираше од 80до 120литри. „Наполнете ги садовите со вода!“ - им рече Исус. Тие ги наполнија до врвот. Потоа им рече: „Нацрпете сега и однесете му на шефот на послугата!“ Тие му однесоа. Кога тој ја проба водата, што сега се беше претворила во вино, не знаејќи од каде е (само слугите кои нацрпија од водата знаеја), го повика младоженецот, па му рече: „Секој човек го служи прво најдоброто вино, а кога ќе се заситат гостите, го служи полошото. Ти, пак, си го чувал најдоброто вино се до сега!“ Исус го направи ова во галилејското место Кана и тоа беше Неговото прво чудо, со кое Исус ја покажа Својата слава и Неговите ученици поверуваа во Него. По ова, Исус, мајка Mу, Неговите браќа и Неговите ученици заминаа за Кафарнаум, каде што останаа неколку дни. Наближуваше еврејскиот празник Пасха па Исус се искачи во Ерусалим. Таму, пред храмот, Тој затекна продавачи на говеда, овци и гулаби, и менувачи на пари. Откако си направи камшик од јаже, ги избрка сите надвор, заедно со овците и говедата, а на менувачите им ги истури парите и им ги испреврте масите. На продавачите на гулаби им рече: „Изнесете ги одовде! Престанете да го претворате Домот на Мојот Татко во пазариште!“ Неговите ученици се сетија дека во Светото Писмо пишува: „Ревноста кон Божјиот Дом Ме изеде!“ По тој повод, еврејските верски водачи Му се обратија со прашањето: „Со каков чудотворен знак ќе ни докажеш дека имаш овластување да го правиш ова?“ Исус им одговори: „Разурнете го овој храм и Јас за три дена ќе го подигнам!“ Тогаш еврејските водачи Му рекоа: „Овој храм бил граден четириесет и шест години, а Ти би го подигнал за три дена!?“ Но, Тој им зборуваше за Своето тело како храм. Затоа, кога воскресна од мртвите, Неговите ученици си спомнаа на тоа што го рече, па поверуваа во Светото Писмо и во зборовите на Исус. Додека Исус беше во Ерусалим, за време на празникот Пасха, многумина поверуваа дека Тој е Месијата, гледајќи ги чудата што ги правеше. Самиот Исус, пак, не им се доверуваше, затоа што Тој ги познаваше сите. Немаше потреба некој да му кажува за луѓето, зашто Тој знаеше што се крие во нивните срца.

Јован 2:1-25 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)

На третиот ден имаше свадба во Кана Галилејска и мајката на Исус беше таму. На свадбата беа поканети и Исус и Неговите ученици. А кога приврши виното, Му рече мајка Му на Исус: „Им снема вино.“ Исус ѝ рече: „Што бараш од Мене, жено? Уште не дошол Мојот час.“ Но мајка Му Негова им рече на слу­гите: „Сѐ што ќе ви рече, направете!“ А таму имаше шест камени садови за вода, поставени за миење, според ју­дејскиот обичај, што собираа по две до три мери. А Исус им рече: „Наполнете ги са­довите со вода!“ И тие ги наполнија до горе. Па им кажа: „Нацрпете сега и однесете му на старосватот!“ И му однесоа. И кога вкуси старосватот од виното, што беше станало од вода – а тој не зна­еше од каде е, но слугите, што ја беа до­неле водата, знаеја – тој го повика мла­доженецот, и му рече: „Секој човек најнапред го изнесува доброто вино, а кога ќе се поднапијат гостите, тогаш полошото; но ти си го чувал доброто вино до сега.“ Така направи Исус почеток на Своите чуда во Кана Галилејска и ја покажа славата Своја; и учениците Негови поверуваа во Него. Потоа слезе во Капернаум, Тој и мајка Му, браќата Негови и учениците Негови; и таму остана неколку дена. Се приближуваше Пасха јудејска и Исус се искачи во Еру­са­лим; и ги затече во храмот оние што про­даваа волови, овци и гулаби, и менува­чите на пари – како седат. И направи камшик од врвци, ги из­брка од храмот сите, и овците и во­ло­ви­те; а на менувачите им ги растури па­ри­те и ги испреврте масите, па им рече на оние што продаваа гулаби: „Носете го тоа одовде, и од до­мот на Мојот Отец немојте да правите дом за трговија!“ Учениците, пак, Негови тогаш се сетија дека е напишано: „Ревноста за Твојот дом Ме изеде.“ А Јудејците одговорија и Му рекоа: „Со каков знак ќе ни докажеш дека го правиш тоа?“ И им одговори Исус и рече: „Ур­не­те го овој храм и за три дни ќе го подигнам.“ А Јудејците рекоа: „Овој храм е граден четириесет и шест години, а Ти за три дни ли ќе го подигнеш?“ Но Тој говореше за храмот на Сво­ето тело. А кога воскресна од мртвите, се се­тија учениците Негови дека за ова беше говорел, и поверуваа на Писмото и на зборот, што го беше рекол Исус. И кога беше во Ерусалим на праз­никот Пасха, мнозина, гледајќи ги чу­десните знаци Негови, што ги правеше, поверуваа во Неговото име. Но Самиот Исус не им се доверува­ше, бидејќи ги познаваше сите, и немаше потреба никој да Му све­дочи за човекот, бидејќи Самиот знаеше што има во човекот.

Јован 2:1-25 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)

А на третиот ден имаше свад-ба во Кана Галилејска, и Исусовата мајка беше таму. Ги повикаа на свадбата и Исуса и Неговите ученици. Кога сврши виното, Му рече на Исуса Неговата мајка: „Немаат вино.“ Исус ѝ одговори: „Што имам Јас со тебе, жено? Уште не дошол Мојот час.“ Неговата мајка им рече на слугите: „Што и да ви рече, направете.“ Таму имаше шест камени садови, според прописот за јудејското миење, што собираа по две до три мери. Исус им рече: „Наполнете ги садовите со вода!“ И ги наполнија догоре. Тогаш им рече: „Сега нацрпете и однесете му на старосватот!“ И му однесоа. А кога старосватот вкуси од водата претворена во вино - а не знаеше од каде е, но знаеја слугите, кои црпеа од водата - го повика младоженецот и му рече: „Секој чо-век најнапред го изнесува доброто вино, а кога ќе се поднапијат - слабото. Ти си го чувал доброто вино досега.“ Ова го направи Исус во Кана Галилејска како почеток на чудесата и ја објави Својата слава; и Неговите ученици поверуваа во Него. Потоа слезе во Капернаум, Тој и мајка Му, и Неговите браќа, и Неговите ученици, и останаа таму неколку дена. И беше близу јудејската Пасха и Исус се искачи во Ерусалим. И ги најде во Храмот продавачите на волови, овци и гулаби и мену-вачите на сребреници - како седат таму. Направи бич од јажиња и ги истера сите од Храмот, заедно со овците и воловите. На среброменувачите им ги истури сребрениците и им ги преврте масите. А на оние, кои продаваа гулаби им рече: „Однесете го тоа оттука! Не правете трговска куќа од Домот на Мојот Татко!“ Него-вите ученици се сетија дека е напишано: „Ревноста за Твојот Дом Ме изеде.“ Тогаш Јудејците Го прашаа: „Со каков знак ни го докажуваш тоа што го правиш?“ А Исус им одговори и рече: „Разурнете го овој Храм, и ќе го подигнам за три дни!“ Тогаш Јудејците рекоа: „Храмов е граден четириесет и шест години, а Ти за три дни ли ќе го подигнеш?“ Но Тој зборуваше за Храмот на Своето тело. Кога воскресна, пак, од мртвите, Неговите ученици се сетија дека го рече тоа; па им поверуваа на Писмото и на зборот, што Исус им го рече. А кога беше во Ерусалим, на празникот Пасха, мнозина поверуваа во Неговото име, гледајќи ги знаците, што ги правеше. Но Самиот Исус не им се доверуваше, зашто ги познаваше сите, и немаше потреба некој да Му сведочи за човекот, зашто Самиот знаеше што има во човекот.