Јован 19:1-37
Јован 19:1-37 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)
Тогаш Пилат нареди Исус да биде камшикуван. Војниците исплетоа венец од трње, Му го ставија на главата и Му облекоа пурпурна наметка. Потоа одеа околу Него и викаа: „Здраво, царе на Евреите!“ и Го удираа со тупаници. Пилат повторно излезе надвор, па им рече на Евреите: „Еве, ќе ви Го изнесам надвор, но да знаете дека не најдов никаква вина кај Него!“ Тогаш Го изведоа Исуса со трнов венец на главата и со пурпурната наметка. Пилат им рече: „Еве Го човекот!“ Кога Го видоа свештеничките поглавари и гардистите на храмот почнаа да викаат: „Распни Го! Распни Го!“ Пилат им рече: „Земете Го, и самите распнете Го, зашто јас не најдов никаква вина кај Него!“ Евреите му одговорија: „Тој тврдеше дека е Божјиот Син! Според нашиот верски Закон Тој мора да биде осуден на смрт!“ Кога го слушна тоа, Пилат уште повеќе се исплаши, па влезе повторно во палатата и Му рече на Исус: „Од каде си Ти?“ Но Исус не му одговори. „Зар одбиваш да зборуваш со мене!?“ - му рече тогаш Пилат. „Зар не знаеш дека јас имам власт да те пуштам или да те распнам!?“ Исус му одговори: „Да не ти беше дадена од Бога, ти немаше да имаш никаква власт над Мене. Затоа, оној што Ме предаде е виновен за поголем грев.“ Кога го слушна ова, Пилат сакаше да Го ослободи, но Евреите упорно викаа: „Ако го пуштиш овој човек - не си му пријател на римскиот цар! Секој што себеси се прогласува за цар, се бунтува против римскиот цар!“ Кога Пилат го слушна тоа, Го изведе Исуса надвор и седна на судскиот престол, на местото наречено Плочник (на хебрејски: Габата). Беше околу пладне, ден пред празникот Пасха. Тогаш тие се развикаа: „Убиј го! Убиј го! Распни го!“ Пилат им рече: „Зар вашиот цар да Го распнам!?“ “Ние немаме друг цар освен римскиот цар!“ - му одговорија свештеничките поглавари. Тогаш Пилат им Го предаде, за да Го распнат. Тие Го одведоа Исуса. Носејќи го сам крстот, Исус дојде до местото наречено Череп, кое на арамејски јазик се вика Голгота. Таму Го распнаа, заедно со уште други двајца: едниот од едната, другиот од другата страна на Исус. Пилат нареди на дрвена плоча да се напише обвинението и да се прицврсти на крстот. Текстот гласеше: „Исус од Назарет, цар на Евреите.“ Многумина од Евреите го прочитаа овој натпис, зашто местото каде што Го распнаа Исуса беше близу до градот. Текстот беше напишан на арамејски, на латински и на грчки јазик. Свештеничките поглавари му рекоа на Пилат: „Зошто си напишал ,Цар на Евреите‘? Требаше да напишеш: ?Самопрогласен цар на Евреите!‘“ „Што напишав - напишав!“ - им одговори Пилат. Откако Го распнаа Исуса, војниците Му ги зедоа алиштата и ги разделија на четири дела - по еден дел за секој војник. Но туниката на Исус беше без раб, исткаена од еден дел. Затоа тие си рекоа еден на друг: „Да не ја кинеме, туку ајде да фрлиме жрепка за неа, па да видиме кој од нас ќе ја добие!“ Така се исполни Светото Писмо, кое претскажа: „Моите алишта си ги разделија, а за туниката фрлија жрепка.“ Веднаш до Исусовиот крст стоеја Неговата мајка, нејзината сестра, чие име беше Марија, која му беше сопруга на Клопас, и Марија Магдалена. Кога Исус ги виде Својата мајка и Својот милен ученик крај неа, Тој и рече на мајка си: „Жено, сега тој ќе ти биде син!“ Потоа му рече на ученикот: „Отсега таа нека ти биде мајка!“ Од тој ден, тој ја зеде Исусовата мајка кај себе. Потоа, знаејќи дека целокупното Негово дело е завршено, а за да се исполни Светото Писмо, Исус рече: „Жеден сум!“ Таму имаше еден сад полн со вински оцет. Откако закачија сунѓер натопен во винскиот оцет на една прачка од хисоп, Му го принесоа до устата. Штом вкуси од винскиот оцет, Исус рече: „Се сврши!“ Потоа ја наведна главата и умре. Тој ден, петок, беше денот на подготовка за утрешниот празник Пасха, кој за Евреите претставува особено значаен празник. Затоа тие побараа од Пилат да им ги прекрши нозете на распнатите и да ги симне, за да не останат да висат телата распнати на крстовите и во саботата. Така, војниците дојдоа и најпрво им ги прекршија нозете на другите двајца кои беа распнати со Исус. А кога дојдоа до Исус видоа дека веќе е мртов, па не Му ги скршија нозете. Наместо тоа, еден од војниците со копје Го прободе под ребрата, при што потекоа крв и вода. Знаеме дека сето ова е точно, затоа што го кажува човекот што лично беше таму и со свои очи виде. Затоа можете да верувате и вие. Ова се случи за да се исполни Светото Писмо, кое претскажа: „Ниту една Негова коска нема да биде скршена.“ На друго место Писмото вели: „Ќе Го гледаат Оној што Го прободоа.“
Јован 19:1-37 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)
Тогаш Пилат Го зеде Исус и Го предаде да го камшикуваат. Војниците сплетоа венец од трње, Му го кладоа на главата и Му облекоа багреница, и велеа: „Те поздравуваме, Царе Јудејски!“ – и Го удираа по образите. Пилат пак излезе надвор и им рече: „Еве, ви Го изведувам надвор, за да разберете дека не наоѓам во Него никаква вина.“ Тогаш излезе Исус надвор, со трнов венец, и багреница. И им рече Пилат: „Еве Го Човекот!“ А кога Го видоа првосвештениците и слугите, завикаа и рекоа: „Распни Го, распни!“ Пилат им рече: „Земете Го вие и распнете Го, зашто јас не наоѓам во Него вина.“ Јудејците му одговорија: „Ние имаме Закон и според нашиот Закон Тој треба да умре, зашто Сам се направи Син Божји.“ Кога го чу Пилат овој збор, уште повеќе се исплаши. И пак влезе во преторијата и Му рече на Исус: „Од каде си Ти?“ Но Исус не му даде одговор. Пилат Му рече: „Мене ли не ми одговараш? Не знаеш ли дека имам власт да Те распнам, и власт имам да Те пуштам!?“ Исус одговори: „Ти не би имал никаква власт над Мене ако не ти беше дадено одозгора; затоа поголем грев има оној што Ме предаде на тебе.“ Оттогаш Пилат гледаше да Го пушти. Но Јудејците пак викаа, зборувајќи: „Ако Го пуштиш Него, не си му пријател на цезарот. Секој што се прави цар, противник му е на цезарот.“ Штом го чу овој збор, Пилат Го изведе Исус надвор и седна на судскиот стол, на местото што се вика Литостротон, а по еврејски Гавата. Тогаш беше петок пред Пасха, околу шестиот час. И им рече Пилат на Јудејците: „Еве Го вашиот Цар!“ Но тие викаа: „Земи, земи, распни Го!“ Пилат им рече: „Царот ваш ли да Го распнам?“ Првосвештениците одговорија: „Ние немаме цар, освен цезарот.“ И тогаш им Го предаде за да биде распнат. И Го зедоа Исус, и Го поведоа. И носејќи го Својот крст, Тој излезе на местото наречено Черепница, а по еврејски Голгота; таму Го распнаа, а со Него и други двајца, од едната и од другата страна, а насреде – Исус. Пилат, пак, напиша и натпис, и го кладе на крстот. А беше напишано: „Исус од Назарет, цар Јудејски.“ Овој натпис го читаа мнозина од Јудејците, бидејќи местото, каде што беше распнат Исус беше близу до градот; а беше напишано на еврејски, грчки и латински. Првосвештениците, пак, јудејски му рекоа на Пилат: „Не пишувај: Цар Јудејски, туку дека Тој рече: Јас сум Цар Јудејски.“ Пилат одговори: „Што напишав, напишав.“ А војниците, кога Го распнаа Исус, ги зедоа алиштата Негови и ги разделија на четири дела, по еден дел на секого и хитонот. Хитонот, пак, не беше шиен, туку исткаен одозгора па додолу. Тогаш си рекоа: „Да не го расипуваме, но да фрлиме за него ждрепка, чиј ќе биде“ – за да се збидне кажаното во Писмото: „Ги разделија алиштата Мои меѓу себе и за облеката Моја фрлија ждрепка.“ Така и направија војниците. Покрај крстот Исусов стоеја мајка Му Негова и сестрата на мајка Му, Марија Клеопова, и Марија Магдалена. А Исус, штом ја виде мајка Си, и ученикот кого посебно го љубеше, како стои, ѝ рече на мајка Си: „Жено, ете ти син!“ Потоа му рече на ученикот: „Ете ти мајка!“ И од тој час ученикот ја зеде кај себе. По ова, знаејќи Исус дека сѐ е свршено, за да се исполни Писмото, рече: „Жеден сум.“ Таму стоеше сад, полн со оцет. Тие наквасија сунѓер во оцетот, го закачија на трска и Му принесоа до устата Негова. А кога вкуси Исус оцет, рече: „Се сврши!“ И кога ја наведна главата, го предаде духот. Бидејќи беше петок, Јудејците, за да не останат телата на крст во сабота, зашто во таа сабота беше голем ден, го замолија Пилат да им ги прекршат колената и да ги симнат. Тогаш дојдоа војниците и им ги прекршија колената на првиот, како и на вториот, што беа распнати со Него. А кога дојдоа до Исус и го видоа дека беше веќе умрен, не Му ги прекршија колената; но еден од војниците со копје Му ги прободе ребрата, и наеднаш истече крв и вода. И тој што виде – посведочи, и сведоштвото му е вистинско; и знае дека ја кажува вистината, за да поверувате вие. Бидејќи ова стана за да се исполни Писмото: „Коска Негова нема да се прекрши.“ И друго Писмо пак вели: „Ќе погледнат на Оној Кого Го прободоа.“
Јован 19:1-37 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)
Тогаш Пилат Го зеде Исуса и Го бичуваше. А војни-ците исплетоа венец од трња, Му го ставија на главата и Го наметнаа со пурпурна облека, и се приближија до Него и велеа: „Здраво, Јудејски Цару!“ И Му удираа плесници. Потоа Пилат излезе пак и им рече: „Еве, Го изведувам пред вас, за да знаете дека не наоѓам никаква вина во Него.“ А Исус излезе надвор, носејќи трнов венец и облека. И Пилат им рече: „Еве Го Човекот!“ Но, кога првосвештениците и нивните слу-жбеници Го видоа, извикаа, велејќи: „Распни! Распни!“ Пилат им рече: „Земете Го вие и распнете Го, зашто јас не наоѓам вина во Него.“ Јудејците Му одговорија: „Ние имаме Закон и според Законот Тој треба да умре, зашто Сам се направи Божји Син.“ А кога Пилат го чу тој збор, уште повеќе се уплаши. И пак влезе во преторијата и Му рече на Исуса: „Од каде си Ти?“ Но Исус не му одговори. Затоа Пилат Му рече: „Мене ли не ми зборуваш? Не знаеш ли дека имам власт да Те распнам и дека имам власт да Те ослободам? Исус одговори: „Ти не би имал никаква власт над Мене, ако не ти беше дадено одозгора; затоа поголем грев има оној, кој Ме предаде на тебе.“ Отто-гаш Пилат настојуваше да Го ослободи; но Јудејците викаа, велејќи: „Ако Го ослободиш Овој, не си му пријател на ќесарот; секој кој се прави цар, противник му е на ќесарот!“ Штом Пилат ги чу тие зборови, Го изведе Исуса надвор и седна на судскиот стол, на местото што се вика Плочник, а на евреј-ски Гавата. А беше ден на подготовката за Пасха, околу шестиот час, и им рече на Јудејците: „Еве Го вашиот Цар!“ Но тие викаа: „Земи, земи! Распни Го!“ Пилат им рече: „Да Го распнам ли вашиот Цар?“ Првосвештениците одго-ворија: „Ние немаме цар, освен ќесарот!“ Тогаш им го предаде за да биде распнат. Тогаш Го зедоа Исуса. А Тој, носејќи го Својот крст, излезе на местото наречено Лобно, а на еврејски Голгота; каде Го распнаа, и со Него други двајца, од едната и од другата страна, а Исуса во средина. А Пилат напиша и натпис и го стави на крстот; а беше напишано: „Исус Назареец, Јудејски Цар.“ Натпи-сот го прочитаа мнозина Јудејци, зашто местото, каде беше распнат Исус, беше близу до градот; а беше напишано на еврејски, латински и грчки. Тогаш јудејските главни свештеници му рекоа на Пилата: „Не пишувај: ‘Јудејски Цар,’ туку дека Тој рекол: ‘Јудејски Цар Сум.’ Пилат одговори: „Што напишав, напишав!“ А војниците, откако Го распнаа Исуса, ги зедоа Неговите облеки и ги разделија на четири дела, по еден дел на секој војник, и долната облека. А долната облека не беше шиена, туку целата исткаена одозгора додолу; си рекоа меѓу себе: „Да не ја кинеме, туку да фрлиме жрепка за неа, кому ќе му падне!“ за да се исполни Писмото: ‘Ги разделија меѓу себе Моите облеки, и фрлија жрепка за Мојата облека.’ Така постапија војниците. А при Исусовиот крст стоеја мајка Му и сестрата на Неговата мајка, Марија Клопина, и Марија Магдалена. А Исус, штом ја виде мајка си, и покрај неа, ученикот, кого го љубеше, ѝ рече на мајка си: „Жено, ете ти син!“ Потоа му рече на ученикот: „Ете ти мајка!“ И од тој час ученикот ја зеде при себе. По ова Исус, знаејќи дека е свршено сѐ, за да се исполни Писмото, рече: „Жеден Сум!“ Та-му имаше сад, полн со оцет; тогаш закачија на трска сунѓер наквасен во оцетот и Му поднесоа до Неговата уста. Штом Исус го прими оцетот, рече: „Се сврши!“ па ја наведна главата и го предаде духот. Бидејќи беше ден на Подготовка, Јудејците, за да не останат телата на крстот во сабота - зашто таа сабота беше голем ден - го замолија Пилата да им ги скршат колената и да ги симнат. Затоа војниците дојдоа и им ги скршија нозете на првиот и на вториот, кои беа распнати со Него; и кога дојдоа до Исуса и видоа дека е веќе умрен, не Му ги скршија нозете, туку еден од војниците го прободе со копје меѓу ребрата, и веднаш потече крв и вода. И очевидецот посведочи, и неговото сведоштво е веродостојно, и тој знае дека зборува вистина - за да верувате и вие. Имено, сѐ ова се случи, за да се исполни Писмото: „Неговата коска нема да се скрши.“ А на друго место Писмо-то вели: „Ќе гледаат на Оној, Кого Го прободоа!“