Јован 14:16-20
Јован 14:16-20 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)
А Јас ќе побарам од небесниот Татко и Тој ќе ви даде друг Помошник, Кој ќе остане со вас засекогаш. Тоа е Духот Кој ќе ви ја открива вистината. Световните луѓе не се во состојба да Го примат Него, затоа што не Го гледаат, ниту Го познаваат. Вие Го познавате Светиот Дух, зашто Тој е со вас и ќе продолжи да живее во вас. Нема да ве оставам сираци - Јас ќе се вратам кај вас! Уште малку и светот повеќе нема да Ме гледа, но вие ќе Ме гледате; и бидејќи Јас живеам - ќе живеете и вие. Кога ќе дојде тој ден, ќе сфатите дека Јас сум едно со Мојот Татко, вие сте едно со Мене и Јас сум едно со вас.
Јован 14:16-20 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)
Јас ќе Го помолам Отецот, и Тој ќе ви даде друг Утешител за да биде со вас довека, Духот на вистината, Кого светот не може да Го прими, зашто не Го виде, ниту Го познава; а вие Го познавате, зашто во вас е и во вас ќе биде. Нема да ве оставам сираци; ќе дојдам кај вас. Уште малку и светот веќе нема да Ме гледа; а вие ќе Ме гледате, зашто Јас живеам и вие ќе живеете. Во оној ден вие ќе разберете дека Јас сум во Мојот Отец и вие сте во Мене, и Јас сум во вас.
Јован 14:16-20 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)
И Јас ќе Го молам Мојот Татко, и Тој ќе ви даде друг Утешител, за да биде со вас довека: Духот на Вистината, Кого светот не може да Го прими, зашто не Го гледа, ниту Го познава. Вие Го познавате, зашто Тој престојува при вас и ќе биде во вас. Нема да ве оставам сираци, ќе дојдам при вас. Уште малку, и светот веќе нема да Ме гледа, а вие ќе Ме видите; зашто Јас живеам и вие ќе живеете. Во оној ден ќе сознаете дека Јас Сум во Мојот Татко, и вие во Мене и Јас во вас.