Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Еремија 49:7-39

Еремија 49:7-39 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)

За Едом, вака вели Господ Саваот: зар нема веќе мудрост во Теман, зар исчезна благоразумието кај разумните, зар ја снема нивната мудрост? Бегајте, губете се, кријте се по пештерите, жители дедански, зашто Јас ќе ја испратам врз него погибелта Исавова, кога ќе го казнам. Ако би ти дошле берачите на лозјата кај тебе, сигурно би оставиле пабирки. И крадци да дојдат во текот на ноќта, би украле онолку колку што им е потребно. Јас, пак, Исав ќе го оголам, ќе ги откријам неговите скришни места и не ќе може да се сокрие. Ќе биде истре­бено племето негово, и браќата негови, и соседите негови; и ќе го снема. Остави ги сираците свои, Јас ќе го запазам животот нивни, и вдовиците твои нека се надеваат на Мене. Зашто, така вели Господ: ете, и оние, на кои не им беше судено да ја пијат чашата, ќе ја пијат, па ти ли ќе останеш неказнет? Не, нема да останеш неказнет, туку ќе ја пиеш чашата. Зашто се колнам во името Свое, вели Господ, дека Восор ќе стане ужас, за потсмев, пустина и проклетство, и сите негови градови ќе се претворат во вечна пустина. Чув глас од Господ, и пратеник е испратен кај народите да им каже: соберете се и појдете против него, ди­г­нете се на војна. Бидејќи, еве, ќе те направам мал меѓу народите, презрен меѓу луѓето. Стравот што го сееше и гордоста на твоето срце те измамија, тебе, кој жи­вееш во камени пештери и ги држиш врвовите на планините. Но, макар и како орел да направиш гнездо високо, и оттаму ќе те симнам, вели Господ. И ќе стане Едом пустош; секој, што ќе помине покрај него, ќе се зачуди и ќе потсвирне, гледајќи ги раните негови. Како што беа разорени Содом и Гомора и нивните соседни градови, вели Господ, така и таму нема да живее ниту еден човек, и син човечки нема да прес­тојува во него. И, ете, како лав ќе излезе од висините јордански кон утврдените живеа­лишта; но Јас ќе го принудам брзо да отстапи, а ќе поставам таму Свој из­браник. Зашто, кој е подобен на Мене и кој ќе побара одговорност од Мене и кој пастир ќе Ми се спротивстави? Па така, чујте го решението на Гос­под, што го постави Тој за Едом, и за­мислите Негови, што ги има за жите­лите темански: навистина, и најмалите од стадото, ќе ги развлечат и ќе ги опустошат живеалиштата нивни. Од шумот на нивниот пад ќе се затресе земјата, и екот на нивното ви­кање ќе се чуе дури до Црвеното Море. Ете, како орел ќе се крене тој, ќе слета и ќе ги рашири крилјата над Восор; и срцето на храбрите Едомци во оној ден ќе биде како срце на жена, кога се породува. Што се однесува, пак, до Дамаск: Хамат и Арпад се осрамотија, зашто, штом ја чуја жалната вест, опаднаа со духот; и како разбрането море, тие не можат да се успокојат. Се уплаши Дамаск и се сврте да бега; страв го обзеде; болки и маки го опфатија како жена, која се породува. Како не се зачува градот на славата, градот на Мојата радост? И така, ќе паѓаат младите негови по улиците и сите војници ќе загинат во оној ден, вели Господ Саваот. Па ќе запалам оган по ѕидовите на Дамаск, и ќе ги уништам дворците на Бен-Адад. За Кедар и за царствата хацорски, што ги победи Навуходоносор, царот вавилонски, вака вели Господ: станувајте, тргнете против Кедар и сосипете ги синовите на Исток! Шаторите нивни и овците нивни ќе ги земат за себеси, и покривките нивни и сета нивна покуќнина, и камилите нивни ќе ги земат и ќе им викаат страшно од сите страни. Бегајте, мавнете се што поскоро, сокријте се длабоко, жители на Асор, вели Господ, зашто Навуходоносор, царот вавилонски се готви против вас и смисли заговор против вас. Станувајте, тргнете против мир­ниот народ, кој безгрижно живее, вели Господ; кај него нема ни врати, ни резиња, живеат сами. Камилите нивни ќе станат плен и многуте стада нивни ќе бидат разграбени; и ќе ги растурам по сите ве­т­рови, нив, кои си ги бричат главите, и од сите страни ќе испратам врз нив погибел, вели Господ. И ќе стане Асор живеалиште на ча­кали, пустина вечна; човек нема да живее таму и син човечки нема да се задржува во него. Слово Господово, што беше кажано од пророкот Еремија против Елам на почетокот од царувањето на Седекија, царот јудејски. Вака вели Господ Саваот: еве, ќе го скршам лакот на Елам, неговата главна сила; и ќе испратам против Елам четири ветра од четирите краишта на небото, и ќе ги растурам Еламците по сите тие ветрови, и не ќе има народ, кај кого нема да појдат прогонетите Еламци; и ќе ги поразам Еламците со страв пред нивните непријатели и пред оние, што ја бараат душата нивна; и ќе испратам врз нив несреќа, гневот Мој, вели Господ, и по нив ќе испратам меч, додека не ги истребам; и ќе го поставам престолот Свој во Елам, и ќе го истребам таму царот и кнезовите, вели Господ. Но во последните денови заробени­те Еламци ќе ги вратам, вели Господ.

Еремија 49:7-39 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)

За Едом. Вака зборува Господ над Војските: „Зар нема веќе мудрост во Теман, зар на разумните им го снема расудокот, зар изветреа нивната мудрост? Бегајте, губете се и скријте се длабоко, жители на Дедан, зашто му носам пропаст на Исав, време на неговата казна. Дојдат ли берачите кај тебе, ни доберок нема да остават; дојдат ли ноќните крадци, ќе ограбат сѐ што сакаат. Зашто Јас Сум Оној што ќе го побарам Исава, и ќе му го откријам засолништето, за да не може да се скрие. Неговото племе е запустено: го нема веќе! Никој не вели: ‘Остави ги своите сираци, јас ќе ги прехранам, и твоите вдовици нека се надеваат во мене!’“ Зашто вака зборува Господ: „Ете, оние кои што навистина не требаа да ја пијат чашата, треба да ја испијат до капка, и зар токму ти да останеш неказнет? Не, ти не ќе останеш неказнет, ќе треба да ја испиеш чашата! Зашто Се заколнав Самиот во Себе - говори Господ: Восора ќе стане руг и срам, пустина и проклетство; а сите нејзини градови ќе бидат вечни урнатини.“ Господ ми упати вест, гласникот им беше испратен на народите: „Соберете се! Тргнете против неа, тргнете! Станете! Во бој! Зашто, ете, ќе те направам мал меѓу народите, презрен меѓу луѓето. Твојот страв те заведе, гордоста на твоето срце, ти, кој што живееш во камени пештери, и се придржуваш за високите планини, па виткаш гнездо врз каменливиот ридски венец, како орлите, оттаму ќе те симнам - говори Господ. Едом ќе стане пустина, секој што ќе помине низ него, ќе се вчудоневиди и ќе свири со устата заради сите негови рани. Ќе го разурнат како Содом и Гомор и нивните соседи - зборува Господ. Човек не ќе станува таму, човечки син не ќе престојува во него. Ете, како лав тој излегува од јорданските грмушки на вечно зелени пасишта. Но ќе го истерам во миг, и ќе го сместам таму Својот избраник. Зашто кој Ми е рамен Мене? И кој ќе Ме повика на сметка? И кој пастир ќе Ми одолее?“ Затоа чујте што науми Господ да му направи на Едом, чујте што намислил против жителите на Теман: и најситните јагниња тој ќе ги одвлече, и самото нивно пасиште ќе се загрози над нив. Од шумот на нивното паѓање земјата ќе се потресе, викотницата ќе се слуша до Црвеното Море! Ете, како орел тој се дига и трепери, шири крилја над Восора. Во оној ден срцето на едомските јунаци ќе биде како срцето на жената во родилни болки. За Дамаск: „Збунети се Емат и Арфад, зашто чуја лоша вест. Срцето им се стега од ужас и не може да се смири. Дамаск е обесхрабрен, се даде во бегство, страв го опфати, го обзедоа тешкотии и болки како родилката. Како? Славниот град е напуштен, градот на Мојата радост! Затоа неговите младинци ќе испаѓаат по улиците, сите воини ќе загинат во оној ден - говори Господ над Воинствата. Ќе ги запалам со оган ѕидовите на Дамаск: пламенот ќе ги голтне дворците Вен-Ададови.“ За Кадар и за асорските царства, што ги порази Навуходоносор, вавилонскиот цар. Господ зборува вака: „Станете, нафрлете се врз Кадар, уништете ги синовите на Исток! Нека им бидат одземени шаторите и стадата, шаторските крила и сета опрема! Нека им бидат одведени камилите и нека викаат на нив: ‘Страв отсекаде!’ Бегајте со главата без обѕир, скријте се длабоко, жители на Асор - говори Господ. Зашто Навуходоносор, вавилонскиот цар, крои наум против вас, смислува напад: Станете, удрете на мирниот народ што живее без страв - говори Господ - што нема ни врати ни лостови, што живее осамено! Нивните камили ќе бидат плен, мноштво овци на ограбувачите! И ќе ги распрснам на сите страни, оние луѓе со избричени краеви на косата, и ќе доведам гибел врз нив отсекаде - говори Господ. Асор ќе стане дувло на шакали и вечна пустина. Човек таму не ќе престојува, таму нема да се насели човечки син.“ Слово што Господ му го упати на пророкот Еремија за Елам, во почетокот на царувањето на Седекија, јудејскиот цар. Господ над Восјките зборува вака: „Еве, ги кршам Еламовиот лак, с’ржта на неговата сила. Ќе дотерам четири ветра против Елам од четирите краишта на небото, и ќе ги распрснам Еламците во сите четири ветра, и не ќе има народ каде не ќе стигнат еламските бегалци. Ќе им втерам страв во коските на Еламците пред нивните непријатели. Ќе пуштам несреќа на нив, огнот на Својот гнев - говори Господ. Ќе испратам меч по нив додека не бидат сосем уништени. И ќе го поставам Својот престол во Елам, и ќе ги сотрам таму царот и сите кнезови - говори Господ. Ама ќе ја изменам кобта на Елам“- говори Господ.