Еремија 42:1-22
Еремија 42:1-22 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)
Потоа дојдоа сите војводи и Јоханан, синот на Кареах, и Азарија, синот на Хошаја, и сиот народ, од мало до големо. И му рекоа на пророкот Еремија: „Еве ја молбата наша пред тебе, помоли Му се на твојот Господ Бог за сиот овој остаток, зашто од многумина останавме малку, како што нѐ гледаат твоите очи, па твојот Господ Бог да ни го покаже патот, по кој треба да врвиме, и што треба да правиме.“ И им рече пророкот Еремија: „Ве чув, ќе Му се помолам на вашиот Господ Бог, по молбата ваша, и сѐ, што ќе ви одговори Господ, ќе ви го кажам, ни збор нема да сокријам од вас.“ Тие му рекоа на Еремија: „Господ нека ни биде вистински и верен сведок за тоа дека ние ќе направиме сѐ што твојот Господ ќе заповеда за нас; добро ли, лошо ли ќе биде тоа, ќе го послушаме гласот на нашиот Господ Бог, кај Кого те праќаме, за да ни биде добро, ако бидеме послушни на гласот од Господ, нашиот Бог.“ По десет дни дојде слово Господово до Еремија. Тој го повика кај себе Јоханан, синот на Кареах, сите со него војводи и сиот народ – од мало до големо, па им рече: вака вели Господ, Бог Израелов, до Кого ме испративте да Му ја пренесам вашата молба: „Ако останете во оваа земја, Јас ќе ве зацврстам и нема да ве разорам, ќе ве посадам и нема да ве искоренам, зашто жалам за несреќата, што ви ја направив. Не плашете се од вавилонскиот цар, од кого се плашите, не бојте се од него, вели Господ, бидејќи и Јас сум со вас, за да ве спасувам и да ве избавувам од неговата рака. И ќе покажам милост кон вас, и тој ќе се смили над вас и ќе ве врати во вашата земја. Ако, пак, речете: ‚не сакаме да живееме во оваа земја‘ и не го послушате гласот на Господ, вашиот Бог, велејќи: ‚не, туку ќе отидеме во земјата египетска, каде што нема да видиме војна и нема да чуеме трубен глас, и нема да гладуваме, таму ќе живееме‘, тогаш чујте го сега словото Господово, вие, остатокот од Јуда: вака вели Господ Саваот, Бог Израелов: ако го свртите лицето свое, за да отидете во Египет, и отидете таму, за да се населите, тогаш мечот, од кој се плашевте, ќе ве стигне таму, во земјата египетска, и гладот, од кој се боевте, секогаш ќе ве следи во Египет, и таму ќе умрете. И сите, што ќе го свртат лицето свое да отидат во Египет и таму да живеат, ќе умрат од меч, од глад и од помор, и ниеден од нив нема да остане и нема да побегне од несреќата што ќе ја пратам врз нив. Зашто, така вели Господ Саваот, Бог Израелов: како што се излеа гневот Мој и јароста Моја врз жителите ерусалимски, така ќе се излее јароста Моја врз вас, кога ќе влезете во Египет, и ќе станете за проклетство и за ужас, за поруга и за укор, и нема повеќе да го видите ова место. Господ ви зборува вам, остатоци Јудини: не одете во Египет; знајте дека ви сведочам јас. Зашто вие згрешивте против самите себеси – вие ме пративте пред Господ, нашиот Бог, и ми рековте: Помоли се за нас на Господ, нашиот Бог, а сѐ што ќе каже Господ, нашиот Бог, кажи ни, и ние ќе извршиме. И еве, кога ви го кажав денес тоа, вие не го послушавте гласот на Господ, нашиот Бог, и сето она, со кое ме прати Тој до вас. Па така, знајте дека ќе умрете од меч, од глад и од помор во она место каде што сакате да појдете за да живеете таму.“
Еремија 42:1-22 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)
Тогаш сите воени заповедници, особено Јоанан, синот Кариов, и Езаниј, синот Осаев, и сиот народ, мало и големо, пристапија и му рекоа на пророкот Еремија: „Чуј ја внимателно нашата молба! Моли се за нас пред Господа, својот Бог, за сиот овој Остаток, зашто, како што гледаш и самиот, нѐ остана уште сосем малку од големиот број колку што нѐ имаше некогаш. Нека Господ, твојот Бог, ни објави каде да тргнеме и што треба да правиме.“ Пророкот Еремија им одговори: „Се согласувам, ќе Му се помолам, како што рековте на Господа, вашиот Бог, и ќе ви јавам сѐ што Тој ќе ви одговори, ниеден збор нема да ви скријам.“ Тие пак му рекоа на Еремија: „Господ нека биде вистински и веродостоен сведок против нас ако не постапиме сосем според зборовите што Господ, твојот Бог, ќе ни ги соопшти преку тебе. Било да е поволен или неповолен гласот на Господа, нашиот Бог, кај Кого те праќаме, ние ќе го слушаме, за да ни биде добро, зашто го послушавме гласот на Господа, нашиот Бог.“ По десет денови Господовото слово му дојде на Еремија. Тогаш тој ги повика Јоанан, синот Кариов, сите воени заповедници кои беа со него, и сиот народ, мало и големо, па им рече: „Вака зборува Господ, Израелевиот Бог, Кому ме испративте за да ја излеам пред Него вашата молба: ‘Ако бидете живееле мирно во оваа земја, ќе ве подигнам, и нема веќе да ве разурнам; ќе ве посадам, а нема да ве откорнам. Зашто се сожалив за бедата што ви ја сторив. Не бојте се од вавилонскиот цар од кого се плашите. Не бојте се од него - говори Господ - зашто Јас Сум со вас за да ве спасам и да ве избавам од неговите раце. И Јас ќе ви покажам милост да ви се смилува и да ве пушти да живеете во оваа земја.’ Ако пак речете: ‘Не, ќе останеме во оваа земја,’ не покорувајќи Му се на гласот на Господа, својот Бог, ако речете: ‘Не, одиме во Египет, за да не видиме веќе војна, за да не го чуеме веќе гласот на бојниот рог, за да не бидеме веќе гладни за леб; да одиме онаму.’ Тогаш чујте го Господовото слово, вие кои сте Остаток на Јудеја: „Вака зборува Господ над Воинствата, Израелевиот Бог: ‘Ако одлучивте да тргнете во Египет, за да живеете таму, мечот од кој се плашите, ќе ве стигне во Египетската Земја; гладот од кој се страшите, ќе ви биде зад петиците во Египет: и таму ќе умрете! И сите оние кои ќе решат да отидат во Египет и да се населат таму, ќе загинат од меч, од глад и од помор: никој жив не ќе ѝ избега на несреќата што ќе ја навалам врз нив.’ Зашто вака зборува Господ над Војските, Израелевиот Бог: ‘Како што Мојата расрденост и Мојот бес се оборија врз Ерусалимците, така Мојот гнев ќе се излее и врз вас ако тргнете во Египет: ќе станете проклетство, ужас и клетва и потсмев, а ова место никогаш веќе не ќе го видите.’ Вам, кои сте остаток на Јудеја, Господ ви порачува да не одите во Египет. Знајте добро дека денес бев сведок против вас. Зашто самите себе се измамувате. Та вие ме испративте кај Господа, својот Бог, велејќи: ‘Моли се за нас пред Господа, нашиот Бог, и соопшти ни сѐ што Тој ќе ти објави, и ние ќе го направиме тоа.’ А денес ви објавив, ама вие веќе не го слушате гласот на Господа, вашиот Бог, Кој ме испрати кај вас. И така, знајте добро: ќе загинете од меч, од глад и од помор во местото каде што сакате да одите, за да се населите таму.“