Еремија 4:1-9
Еремија 4:1-9 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)
Ако сакаш да се обратиш, Израеле, вели Господ, обрати се кон Мене; и ако ги отклониш гадотиите од пред Моето лице, и престанеш да скиташ, и ако се заколнеш: вистински верно и праведно: жив е Господ, тогаш народите ќе бидат благословени и со Него ќе се фалат. Зашто вака им вели Господ на луѓето од Јудеја и од Ерусалим: изорајте си нови ниви и не сејте меѓу трње. Обрезете се заради Господ и симнете го крајчето од срцето свое, луѓе Јудини и ерусалимски жители, за да не се јави Мојот гнев како оган и да не пламне неизгасливо поради вашите злодела. Објавете во Јудеја, и разгласете во Ерусалим, говорете и трубете со труба по земјата; викајте силно и велете: соберете се, и да влеземе во утврдените градови. Кренете го знамето кон Сион – бегајте, не запирајте се, зашто Јас ќе донесам од север зло и голема погибел. Излегува лав од својот честар, тргнува истребителот на народите: тој излегува од местото свое, за да ја направи земјата твоја пустина, градовите твои ќе бидат сосипани, ќе останат без жители. Затоа опашете се со вреќиште, плачете и ридајте: јароста на Господовиот гнев не се одврати од нас! И во тој ден, вели Господ, ќе замре срцето на царот и срцето на кнезовите, ќе се ужаснат свештениците и ќе се вчудоневидат пророците.
Еремија 4:1-9 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)
„Ако, сакаш Израелу да се вратиш - говори Господ - врати се кај Мене; ако ги отстраниш твоите грозотии, веќе не треба да бегаш од Мене. Ако се заколнеш: ‘Живиот ми Господ!’ вистински, право и праведно, народите ќе бидат благословувани во тебе и ќе се гордеат со тебе.“ Зашто Господ им зборува вака на Јудејците и на Ерусалимците: „Изорајте си нови ниви, не сејте меѓу трње. Обрежете Му се на Господа, симнете го обрезокот од своето срце, Јудејци и Ерусалимци, зашто Мојот бес ќе избувне како оган, и ќе гори, а никој да го угасне, заради лошите дела и нечесностите што ги направивте.“ Објавете во Јудеја, разгласете во Ерусалим: „Трубете во рог ширум земјата, викајте со полн глас и речете: ‘Сите на собир! Да се вовлечеме во своите утврдени градови!’ Издигнете знак кон Сион! Бегајте! Не застанувајте! Зашто доведувам несреќа од Север, голема пропаст.“ Лавот се крева од својата густа шума, погибелникот на народите излезе од своето место, тргна за да ја запусти твојата земја: ќе ги разурне твоите градови, ќе им ги снема жителите. Затоа наметнете се со вреќишта, ридајте, тажете, зашто пламнатата јарост на Господа не нѐ одмина. „Во оној ден - говори Господ - ќе им изнемошти срцето на царот и на кнезовите. Свештениците ќе бидат вчудоневидени, пророците молкнати.“