Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Еремија 29:1-23

Еремија 29:1-23 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)

Еве ги зборовите од писмото, кое пророкот Еремија го испра­ти од Ерусалим до другите старешини меѓу преселените, до свештениците, до пророците и до сиот народ, кој Навухо­доносор беше го одвел од Ерусалим во Вавилон, откако беа излегле од Ерусалим царот Јехонија, царицата, дворјаните, кнезовите на Јудеја и на Ерусалим, др­воделците и ковачите, преку Елеаса, синот Сафанов, и преку Гемарија, синот на Хелкија, кои јудејскиот цар Седекија ги испрати во Вавилон до вавилонскиот цар Навухо­доносор, – вака вели Господ Саваот, Бог Из­раелов, до сите заробени, кои Јас ги преселив од Ерусалим во Вавилон – правете куќи и живејте во нив, саде­те градини и јадете ги плодовите нивни; женете се и раѓајте синови и ќерки; и на синовите земајте им жени и ќерки и мажете ги, за да раѓаат синови и ќерки, па размножувајте се таму, а не да се намалувате. Грижете се за доброто на градот, во кој ве преселив, и молете Му се на Бога за него; зашто ако му е нему добро, и вие ќе имате мир. Зашто, така вели Господ Саваот, Бог Израелов: нека не ве мамат вашите пророци, кои се меѓу вас и вашите баја­чи; и не верувајте им на соништата што ги сонувате. Лажно ви пророкуваат во Мое име; Јас не сум ги пратил, вели Господ. Бидејќи така вели Господ – кога во Вавилон ќе исполните седумдесет години, тогаш ќе ве посетам и ќе го исполнам Мојот добар збор за вас, за да ве вратам на ова место. Зашто само Јас ги знам замислите, што сум ги смислил за вас, вели Господ, замислите за добро, а не за зло, за да ви дадам иднина и надеж. Па ќе повикате по Мене, ќе дојдете и ќе Ме замолите, и Јас ќе ве чујам; ќе Ме побарате, и ќе Ме најдете, ако Ме побарате од сѐ срце. Ќе Ме најдете, вели Господ, и ќе ве вратам од ропство и ќе ве соберам откај сите народи и од сите места, каде што ве изгонив, вели Господ, и ќе ве вратам онаму, од каде што ве преселив. Вие велите: „Господ ни издигна пророци и во Вавилон.“ Така вели Господ за царот, кој седи на Давидовиот престол, и за сиот народ, што живее во тој град; за браќата ваши, што не се одведени со вас во ропство. Вака вели Господ Саваот за нив – еве, ќе испратам врз нив, меч, глад и помор и ќе ги направам како лошите смокви, што не можат да се јадат поради неугодниот вкус; и ќе ги гонам со меч, глад и помор и ќе ги предадам на зло кај сите земни царства, за проклетство и ужас, за пот­смев и навреда меѓу сите народи, каде што ќе ги расејам, поради тоа што не ги слушаа збо­ровите Мои, вели Господ, што ги пра­ќав до нив преку слугите Мои, пророците, ги праќав од рано утро, но не послушавте, вели Господ. А вие, сите изгнаници, што ве пратив од Ерусалим во Вавилон, чујте го словото Господово: вака вели Господ Саваот, Бог Изра­елов, за Ахав, синот на Колаја, и за Седекија, синот на Маасеја, кои ви пророкуваат лага во Мое име: еве, Јас ќе ги предадам во рацете на вавилонскиот цар Навуходоносор, и тој ќе ги убие пред очите ваши. И сите прогонети Јудејци, кои се во Вавилон, ќе се научат од нив да колнат: „Да ти направи Господ, како што им направи на Седекија и на Ахав, кои ва­вилонскиот цар ги изгоре со оган,“ поради тоа што вршеа гнасни ра­боти во Израел: прељубодејствуваа со жените на ближните свои и во Мое име кажуваа лага, што не сум им заповедал; Јас го знам тоа и Сам сум сведок, вели Господ.

Еремија 29:1-23 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

Еве, овие се зборовите во посланието што пророкот Еремија му го испрати од Ерусалим на Остатокот на заточението - на старешините, на свештениците и на пророците и на сиот народ, кого што Навуходоносор го одведе од Ерусалим во Вавилон, откако царот Јехониј и царицата-мајка, дворјаните, јудејските и ерусалимските првенци, ковачите и браварите, го оставија Ерусалим. Писмото беше испратено по Еласа, синот Сафанов, и по Гемариј, синот Хелкиин, кои што Седекиј, јудејскиот цар, ги испрати во Вавилон при Навуходоносор, вавилонскиот цар. Еве ја содржината: „Вака зборува Господ над Воинствата, Израелевиот Бог: ‘До сите заточеници, кои ги одведов од Ерусалим во Вавилон! Градете куќи и населете се, садете градини и уживајте го нивниот род! Женете се и раѓајте синови и ќерки, за да раѓаат и тие синови и ќерки! Множете се за да не се намалите! Барајте мир во земјата во која ве заточив, молете Му се на Господа за неа, зашто врз нејзиниот мир почива и вашиот мир!’ Вака зборува Господ над Војските, Израелевиот Бог: ‘Не оставајте да ве измамуваат вашите пророци, кои се меѓу вас, вашите гатачи! Не поведувајте се по соништата што тие ги сонуваат! Зашто тие пророкуваат лажно во Мое Име, а Јас не ги испратив’ - зборува Господ. Зашто Господ зборува вака: ‘Токму кога на Вавилон ќе му се исполнат оние седумдесет години, Јас ќе ве посетам та ќе ви го исполнам доброто ветување за да ве вратам на ова место. Зашто Јас ги знам Своите замисли за тоа што имам намера со вас - зборува Господ - замисли за мир, а не за несреќа: да ви дадам иднина и надеж. Тогаш ќе Ме повикувате, ќе доаѓате кај Мене, ќе Ми се молите, и Јас ќе ве слушам. Ќе Ме барате и ќе Ме најдете, зашто ќе Ме барате со сето свое срце. И ќе оставам да Ме најдете - зборува Господ, ќе ја изменам вашата судбина и ќе ве соберам од сите места каде што ве истерав, зборува Господ. И ќе ве вратам во местото откаде ве одведов на заточение. Навистина, вие велите: „Господ ни подигна пророци во Вавилон.” Вака му зборува Господ на царот кој седи на Давидовиот престол, и на сиот народ што живее во овој град - на вашите браќа што не дојдоа со вас на заточение. Вака зборува Господ над Војските: ‘Еве испраќам врз нив меч, глад и помор; ќе направам да бидат како расипани смокви, толку лоши што да не се за јадење. И ќе ги гонам со меч, глад и помор, и ќе ги направам за ужас на сите земни царства, проклетство, страв, потсмев и срам за сите народи каде што ќе ги изгонам. Зашто не ги послушаа Моите зборови - зборува Господ - иако им ги праќав постојано Своите слуги пророците, но тие не ги послушаа - говори Господ. Но вие, заточениците, што ги испратив од Ерусалим во Вавилон, послушајте го сите Господовото слово!’ Вака зборува Господ над Воинствата, Израелевиот Бог, за Ахав, синот Колаин, и за Седекија, синот Масиин, кои ви пророкуваат лага во Мое Име: ‘Еве, ги предавам во рацете на Навуходоносор, вавилонскиот цар, за да ги погуби пред вашите очи. И со нив како со клетва ќе се проколнуваат сите заточеници кои се во Вавилон: „Господ нека направи со тебе како со Седекија и Ахав, кои што вавилонскиот цар ги испече на оган,” зашто направија срам во Израел, правејќи прељуба со жените на своите ближни и зборувајќи лажни зборови во Мое Име, што Јас не им ги заповедав. Јас го знам тоа, и сведок Сум за тоа’ - зборува Господ.

YouVersion користи колачиња за да го персонализира вашето искуство. Со користење на нашата веб-страница, ја прифаќате употребата на колачиња како што е опишано во нашата Политика за приватност