Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Еремија 2:1-37

Еремија 2:1-37 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)

И пак беше упатено словото Господово до мене: „Оди и извикај во ушите на Еру­салим – вака вели Господ: ‚се сеќавам на посветеноста во младоста твоја, на твојата љубов, кога како невеста тргна по Мене во пустината, во незасеана земја.‘ Израел му беше светиња на Господ, првина од плодовите Негови: сите, што јадеа од нив, биваа осудувани, ги стиг­нуваше зло,“ вели Господ. Чујте го словото Господово, доме Ја­ковов и сите родови на домот Израелов! Вака вели Господ: „Каква неправда најдоа во Мене татковците ваши, та се оддалечија од Мене, ја прифатија суетата и станаа суетни? И не рекоа: ‚каде е Господ, Кој нѐ изведе од египетската земја, нѐ водеше по пустината, по земја пуста и ненаселена, по земја сува, по земја на смртна сенка, по која никој не одел и во која никој не живеел?‘ А кога ве воведов во земја плодород­на, за да се храните од плодовите неј­зини и од добрата нејзини, вие влеговте и ја осквернивте земјата Моја, и сопственоста Моја ја направивте гадотија. Свештениците не рекоа: ‚каде е Господ?‘ И учителите на законот не Ме познаа, и пастирите се одметнаа од Ме­не, и пророците пророкуваа во името на Ваал и одеа по оние, кои не помагаат. Затоа Јас уште ќе се судам со вас, вели Господ, и со синовите на вашите синови ќе се судам. Затоа отидете на бреговите на Ки­тим и разгледајте, и испратете во Кедар и испитајте сесрдно и видете: станувало ли таму нешто слично на тоа? Ги променил ли некој народ бого­вите свои, иако тие не се богови? А Мојот народ ја менуваше Славата своја за она што не помага. Чудете се на тоа, небеса, стресете се и грозете се, вели Господ. Зашто две зла изврши Мојот народ: Мене, изворот на жива вода, Ме оставија и си ископаа извори издупчени, кои не можат да држат вода. Зар Израел е слуга? Или е слуга домородец? Зошто така стана плен? Зарикаа против него млади лавови, нададоа рик и ја направија земјата негова пустелија; градовите негови му се изгорени, никој не живее во нив. И синовите на Мемфис и Тафнис те познаа и ти го избричија темето. Не си го направи ли тоа сам, оставајќи Го твојот Господ Бог во она време, кога Тој те водеше по патот? И сега, што бараш во Египет да пиеш вода од Нил? И зошто да одиш во Асирија за да пиеш вода од реките нејзини? Ќе те казни отстапувањето твое, и злобата твоја ќе те обвини: и така по­знај и размисли, колку е лошо и гор­чливо што Ме остави, вели твојот Гос­под Бог, што кај тебе нема страхопочит, вели Господ, Бог Саваот. Зашто одамна го скрши јаремот свој, ги раскина твоите вериги, па велеше: – Нема Тебе да Ти служам; но ќе појдам на секој висок рид и под секое лиснато дрво ќе им служам на идоли. Јас те посадив како благородна лоза – најчисто семе; а како Ми се претвори во див ластар од туѓа лоза? Затоа, макар и да се измиеш со сапун и да употребуваш многу пепелница, – твоите беззаконија ќе се покажат пред Мене, вели Господ Бог. Како можеш да кажеш: ‚Јас не се осквернив, и не одев по Ваал?‘ Загледај се во патиштата твои во долината, и увиди што правеше ти, бујна камило, која трча наваму натаму? Кој може да скроти дива магарица навикната на пустина, која со страст во душата дише забрзано? Сите, што ја бараат, нема да се уморат: во месецот нејзин ќе ја најдат. Не дозволувај им на нозете свои да се боси, и на грлото твое – да се мачи од жед. Но ти рече: ‚Ништо од тоа, зашто ги сакам туѓинците и по нив ќе одам.‘ Како што крадец, кога ќе го фатат, се посрамува, – така ќе се посрами Израеловиот дом: царевите нивни, кнезовите нивни, свештениците нивни и пророците нивни, – кои на дрвото му велат: ‚ти си мој татко‘, и на каменот: ‚ти ме роди‘; за­што тие Ми свртеа грб, а не лице; а во време на неволји велат: ‚стани и спаси нѐ!‘ Каде се, пак, твоите богови, што сам си ги направил? Нека станат тие, ако можат – да те спасат во време на твојата неволја; зашто, колку градови имаш, о, Јудо, толку и богови имаш! Зошто се жалите кај Мене? Сите вие се одметнавте од Мене,“ вели Гос­под. Напразно ги ударав децата ваши: тие не се вразумија; вашиот меч како истребувачки лав ги јадеше пророците ваши. О роде, чујте го словото Господово: „Јас ли бев пустина за Израел, Јас ли бев земја неплодна? А зошто Мојот на­род вели: ‚Слобода сакаме, нема повеќе да доаѓаме кај Тебе!?‘ Го заборава ли девојката украсот свој, и невестата – накитот свој? А Мо­јот народ Ме заборави – има веќе без­број дни. Како лукаво ги насочуваш ти па­тиштата свои, за да придобиеш љубов­ници, та дури и непристојните жени ги научи на тоа! По твоите поли има крв од бедните, невини луѓе; иако не ги фати да прова­луваат! И покрај тоа, велиш: ‚невина сум, гневот Негов ќе се одврати од мене.‘ – Ете, Јас ќе се судам со тебе, затоа што велиш: ‚не згрешив‘. Зошто толку многу скиташ, менувајќи го патот свој? Ќе бидеш посрамена и од Египет, како што беше посрамена од Асирија; и од него ќе излезеш со рацете на глава, зашто Господ ги отфрли оние на кои ти се надеваш и со нив нема да имаш успех.“

Еремија 2:1-37 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)

И ми дојде Господово слово: „Отиди и викај му на Ерусалим: ‘Господ зборува вака: „Си спомнувам за твојата младост приврзена, за твојата вереничка љубов: ти дојде со Мене во пустината, по земја каде што не се сее. Израел му беше светина на Господа, првина на Неговите плодови; секој што јадеше од нив, беше казнет; зло го најде,“ говори Господ.’“ Чујте го Господовото слово, Јаковов дому, и сите родови на Израелевиот дом. Господ зборува вака: „Каква неправда најдоа вашите очи на Мене, та се оддалечија од Мене? Тргнавте по суетата, та самите станавте суетни. Не прашуваа: ‘Каде е Господ, Кој нѐ изведе од Египетската Земја та нѐ водеше низ пустината, по пуста земја, едвај проодна, по сува и мрачна земја, по земја низ која никој не поминува, ниту пак некој се населува?’ Во земја на лозја и маслинови градини Јас ве доведов, за да се храните со плодот и со нејзината добрина. Но тукушто влеговте, ја осквернивте Мојата земја, и Моето наследство го претворивте во гнасост. Свештениците не зборуваа: ‘Каде е Господ?’ Толкувачите на Законот Мене не Ме запознаа, пастирите отпаднаа од Мене, а пророците пророкуваа во Ваалово име, и одеа по оние што не можеа да им помогнат. Затоа уште ќе водам парница со вас - говори Господ, и ќе се парничам со синовите на вашите синови: И така, тргнете на Китимските острови, за да видите, или испратете согледувачи во Кидар, та промислете и проверете добро дали се случило нешто слично некогаш. Дали некој народ ги менуваше боговите - тие дури и не се богови! А Мојот народ ја замени својата Слава за оние што не помагаат! Запрепастете се над тоа, небеса, смутете се и зачудете се, - говори Господ. Зашто Мојот народ направи две зла: Ме остави Мене, Изворот на живата вода, та си ископа кладенци за себе, испукани кладенци што не можат да држат вода. Дали е Израел роб или слуга роден во куќата? Зошто стана плен? Лавчиња рикаа на него, го подигаа својот глас. Во пустина ја претворија неговата земја, ги изгореа градовите, им ги нема жителите. А и оние од Мемфис и Тафнес ти го бричеа темето. Нели си го направи тоа сам на себеси, отпаднувајќи од Господа, твојот Бог, кога те водеше по патот? А сега, зошто тргнуваш во Египет, да пиеш вода од Нил? Зошто тргнуваш во Асирија, за да пиеш вода од Реката? Твојата нечесност те казнува, твоето отпадништво те осудува. Сфати и види како е тешко и горко зашто го остави Господа, својот Бог, зашто го нема веќе Мојот страв во тебе - говори Господ Бог над Воинствата. Да, одамна ти го скрши својот јарем, ги скина твоите врски и рече: ‘Нејќам да робувам.’ Па сепак, на секое возвишено место, под секое зелено дрво легнуваше како блудница. А Јас те засадив како избрана лоза, како племенита садница. Само како ли ми се измени во неплоден изрод, во дива лоза! Да се измиеш и со луг, направен од многу пепел, ќе остане дамката на твоето беззаконие пред Мене - говори Господ Бог. Како можеш само да речеш: ‘Не сум се извалкала, не одев по ваалите.’ Погледај ги своите траги во Долината, запознај што си направила. Брза камила што крстосува по своите патеки, дивата ослица навикната на пустината, во својата сладострасност лакомо збива, кој ќе ја скроти во времето на водењето? Кој ја бара, нема да се замори, ќе ја најде во нејзиниот месец. Чувај се да не ти обоси ногата, да не ти се осуши грлото. А ти велиш: ‘Не, напразно е! Зашто ги љубам странците, и по нив ќе одам.’ Како што се засрамува крадецот кога ќе го фатат, така ќе се засрамат синовите на Израелевиот дом, тие, царевите, кнезовите, свештениците и нивните пророци, кои што му зборуваат на дрвото: ‘Ти си мој татко!’ а на каменот: ‘Ти си ме родил!’ зашто ми ги свртуваат плеките, а не лицето, но во својата неволја викаат: ‘Стани, спаси нѐ!’ Каде се боговите што ти самиот ги направи? Нека станат ако можат да те спасат во твојата неволја! Зашто имаш, о Јудејо, богови колку и градови! Колку што Ерусалим има улици толку Ваал има жртвеници. Зошто сакате да се препирате со Мене? Сите се одметнавте од Мене - говори Господ. Напразно ги удрив вашите синови: вие не извлековте поука од тоа: вашите мечеви ги растргнаа вашите пророци, како лав истребувач. Од каков род ли сте? Чујте го Господовото слово: Зар му бев пустина на Израел, или мрачна земја? Зошто Мојот народ зборува: ‘Сакаме слобода, не сакаме веќе кај Тебе!’ Дали го заборава девицата својот накит, или невестата својот појас? А Мојот народ Ме заборави Мене, тоа веќе има безброј денови. О, како го знаеш добро својот пат кога ја бараш љубовта! Затоа и на зло ги навикна своите патишта. А и на твоите раце се наоѓа крвта на невините сиромаси: не ги најде како ја разурнуваат твојата врата. Да, ти ќе одговараш за сите нив. А велиш: ‘Невина сум, Неговиот гнев се одврати од мене.’ Еве Ме да ти судам, зашто зборуваш: ‘Не сум згрешила.’ Колку си бедна во својата заблуденост! И Египетците ќе те засрамат како што те посрамија Асирците. И оттука ќе треба да си одиш со раце над својата глава, зашто Господ ги отфрли оние во кои се надеваш; ти не ќе бидеш среќна со нив.