Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Судии 7:8-25

Судии 7:8-25 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)

И тие ја зедоа храната од народот за себе и трубите нивни, и Гедеон ги пуш­ти сите Израелци да се вратат дома, а задржа кај себе триста души. Мид­јан­скиот логор, пак, беше подолу од него – во долината. Во онаа ноќ Господ му рече: „Стани, слези во логорот, зашто ти го предадов во твои раце. Ако, пак, се плашиш да слезеш сам, оди во логорот со Пура, слугата свој; и ќе слушнеш што зборуваат, и тогаш ќе се зацврстат рацете твои, и ќе слезеш во логорот.“ И слегоа тој и Пура, слугата негов, до војниците, што беа во логорот. А Мидјаните и Амаликијците и сите жители од исток се беа сместиле по долината во големо множество, како скакулци; камилите нивни беа безброј, беа многу – како песокот на морскиот брег. Гедеон дојде. И ете, еден му го раскажува сонот на друг и вели: „Сонив дека еден тркалезен јачменов леб се тркала по мидјанскиот логор и откако се отркала до шаторот, удри во него така што тој падна, го собори, и ша­торот се растури.“ Другиот му одговори: „Тоа не е ништо друго, туку мечот на Гедеон, синот на Јоас, Израелецот; Бог ги пре­дал во рацете негови Мидјаните и целиот логор.“ Откако го слушна прикажувањето за сонот и толкувањето негово, Гедеон се поклони, се врати во израелскиот логор и рече: „Станувајте! Господ го пре­даде во рацете ваши мидјанскиот логор.“ И ги распореди тристоте мажи во три чети и на сите им даде по една труба и празни стомни и во стомните свеќи. И им рече: „Гледајте ме мене и правете го истото; ете, ќе се доближам до логорот, и што ќе правам јас, тоа правете го и вие. Кога јас и тие што се со мене ќе затрубиме со труба, трубете и вие со вашите труби околу целиот логор и викајте: ‚За Господ и за Гедеон!‘“ И дојде Гедеон со стоте мажи кои беа со него до крајот од логорот, околу почетокот на средната стража, ги разбудија стражарите, затрубија со трубите и ги скршија стомните што беа во рацете нивни. И затрубија сите три чети со труби, и ги скршија стомните, и ги држеа во левата рака свеќите, а во десната рака трубите, трубеа и викаа: „Меч Господов и Гедеонов!“ И секој стоеше на местото свое околу логорот; тогаш во целиот логор се растрчаа, развикаа и почнаа да бе­гаат. Додека тие триста мажи трубеа со труби, Господ го сврте мечот на секого против другарот негов по целиот логор, и војската бегаше до Бет-Шита кај Церера, сѐ до пределите на Авел-Ме­хола, близу до Табат. Тогаш Израелците од племето Нефталимово, Асирово и од целото племе Манасиево беа повикани и се впуштија по Мидјаните. А Гедеон испрати гласници по целата Гора Ефремова да кажат: „Из­ле­зете им во пресрет на Мидјаните и заземете им ги премините во водите на Јордан до Бет-Бара.“ И беа повикани сите Ефремци, и ги зазедоа премините во водите на Јордан до Бет-Бара; и ги фатија двајцата мидјански кнезови: Орев и Зев; Орев го убија кај Карпата на Орев, а Зев – кај Зевова Преса, и ги гонеа Мидјаните; главите, пак, на Орев и Зев му ги однесоа на Гедеон од онаа страна на Јордан.

Судии 7:8-25 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)

И тогаш тие ги зедоа од луѓето храната и роговите за трубење, а Гедеон ги отпушти Израелците, секој во неговиот шатор; ги задржа само оние три стотини мажи. А логорот на Мадијамците беше подолу од него, во долината. Во онаа ноќ Господ му рече: „Стани, нападни го логорот, зашто ти го предавам во рацете. Ако се боиш да нападнеш, најнапред слези во логорот со твојот слуга Фура; слушај што зборуваат; ќе се охрабриш и ќе го нападнеш логорот.“ Тој слезе со својот слуга Фура до првите стражари на логорот. Мадијамците, Амаликците и сите синови на Исток се расположија по долината, многубројни како скакулци; безбројни беа нивните камили, како песок на брегот на морето. Кога Гедеон дојде, а тоа еден точно му раскажуваше на својот другар што сонувал: „Сонував како погача јачменов леб се тркала во мадијамскиот логор: се дотркала до еден шатор и го погоди, а шаторот падна, се преврти.“ А другиот му одговори: „Не е тоа друго туку мечот на Гедеона, синот Јоасов, Израелец. Бог му ги предаде во рацете Мадијамците и сиот логор.“ Кога Гедеон чу како оној го раскажа сонот и како другиот го протолкува, се поклони пред Господ; па се врати во Израелевиот логор и извика: „Станете, зашто Господ ви го предаде во рацете Мадијамскиот логор.“ Тогаш Гедеон ги подели своите триста луѓе во три одреди. На секој човек му даде во раката рог за трубење, празна врчва и запалена борина во врчвата: “Гледајте ме - им рече, - и правете што ќе правам и јас! Кога ќе дојдам на работ на логорот, правете што ќе правам и јас! Кога ќе затрубам во рогот, јас и сите кои се со мене, тогаш трубете и вие во рогот околу сиот логор и викајте: ‘За Господа и за Гедеона!’“ г. Мадијамско бегство Гедеон и стотина луѓе, кои го придружуваа, дојдоа до работ на логорот, при почнување на средната (ноќна) стража: туку што ги поставија стражите, тие затрубија во роговите и ги скршија врчвите што ги имаа во рацете. Така трите одреди затрубија во роговите: во левата рака ги држеа запалените борини, а со десната роговите за да трубат, и почнаа да викаат: „За Господа и за Гедеона!“ И секој стоеше неподвижно на своето место околу логорот. Тогаш сиот логор се разбуди, и Мадијамците, викајќи почнаа да бегаат. Додека оние три стотини трубеа во роговите, Господ направи па тие во логорот го свртија мечот еден против друг. И сета војска се разбега до Вет-Асет, кон Зерерат, до Авел-Меолскиот Брег кај Тават. А Израелците од коленото Нефталимово и Асирово и од сето Манасиево колено се собраа и ги подгонија Мадијамците. Гедеон испрати вестители по целата Ефремова Гора да зборуваат: „Слезете пред Мадијамците и заземете ги пред нив сите градови до Вет-Вара и до Јордан.“ Сите луѓе од Ефремовото племе се одѕваа и ги зазедоа бродовите на водата до Вет-Вара и до Јордан. И фатија два мадијамски кнеза, Орива и Зива; Орива го убија на Сур-Орива (Оривовата Стена), а Зива кај Јакев-Зива (Зивова Теснина). Ги гонеа Мадијамците и му ги донесоа на Гедеон главите на Орива и Зива оттаде Јордан.