Судии 6:13-40
Судии 6:13-40 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)
Гедеон му одговори: „Господаре мој, ако е Господ со нас, зошто нѐ снајде сета оваа мака? И каде се сите Негови чудеса, за кои ни раскажуваа нашите татковци, велејќи: ‚Господ нѐ изведе од Египет?‘ Сега Господ нѐ остави и нѐ предаде во рацете на Мидјаните.“ Тогаш Господ го погледна и рече: „Оди со таа своја сила и спаси го Израел од раката на Мидјаните. Јас те испраќам.“ Гедеон Му одговори: „Господи, како ќе го спасам Израел: ете, и племето ми е најбедно во коленото Манасиево и јас сум најмал во домот на мојот татко?“ Господ му рече: „Јас ќе бидам со тебе, и ти ќе ги поразиш Мидјаните како еден човек.“ Гедеон Му рече: „Ако сум се здобил со милост пред Тебе, дај ми доказ дека Ти говориш со мене. Не оди си оттука, додека не дојдам кај Тебе, да ти донесам дар свој и да Ти го предадам.“ Тој рече: „Јас ќе останам, додека се вратиш.“ Гедеон отиде и приготви козле и лебови пресни од една ефа брашно; месото го стави во кошница, чорбата ја налеа во грне, ги донесе кај Него под дабот и Му ги принесе. И ангелот Божји му рече: „Земи го месото и погачата, и стави ги на оној камен, а чорбата истури ја.“ Тој така и направи. Ангелот Господов го протегна крајот на жезолот што беше во раката негова, и го допре месото и лебовите; и вивна оган од каменот и изгореа месото и лебовите. А ангелот Господов се сокри од очите негови. И виде Гедеон дека тоа беше ангел Господов и рече Гедеон: „Помогни, Господи Боже, зашто видов лице на ангел Господов.“ Господ му рече: „Мир на тебе, не плаши се, нема да умреш!“ И Гедеон Му изгради таму жртвеник на Господ и го нарече: Јахве Шалом. Тој стои и до денес во Офра која им припаѓа на Авиезерците. Во таа ноќ Господ му рече: „Земи го бикот од стадото на татко ти и вториот бик, седумгодишниот и разруши го жртвеникот на Ваал што е кај татко ти, и исечи ги дрвата што се кај него, и изгради Му како што треба жртвеник на твојот Господ Бог, на врвот од карпата, па земи го вториот бик и принеси го како жртва сепаленица врз дрвата што ќе ги исечеш.“ Гедеон зеде десет слуги свои и направи како што му рече Господ; но бидејќи се плашеше од домашните на својот татко и од градските жители, наместо дење, го направи тоа ноќе. Кога утредента градските жители станаа, ете, жртвеникот на Ваал беше разрушен, столбот до него исечен и вториот јунец принесен како жртва врз новоизградениот жртвеник. И си говореа еден на друг: „Кој го направи тоа?“ Бараа, распрашуваа и рекоа: „Јоасовиот син Гедеон го направи тоа.“ И градските жители му рекоа на Јоас: „Изведи го синот свој; тој треба да умре, зашто го разруши Вааловиот жртвеник и го исече светиот столб што беше до него.“ Јоас им кажа на сите што дојдоа кај него: „Вие ли ќе се застапувате за Ваал, вие ли ќе го заштитувате? Кој ќе се застапи за него, ќе биде предаден на смрт уште ова утро; ако е тој бог, сам нека се одмазди на тој што му го срушил жртвеникот негов.“ Затоа од тој ден Гедеон почнаа да го викаат Јероваал, бидејќи било речено: сам нека се одмазди Ваал на него, поради тоа што му го срушил жртвеникот негов. И сите Мидјани и Амаликијци и жителите од исток се собраа заедно, ја преминаа реката и се сместија во долината Јизреел. И Духот Господов го поткрепи Гедеон; тој затруби со труба, и племето на Авиезер се собра да оди по него. И испрати гласници низ целото племе Манасиево, и тоа се одзва да оди по него; тој исто така испрати гласници до Асир, Завулон и Нефталим, и тие дојдоа таму да се сретнат. А Гедеон Му рече на Бога: „Ако го спасиш Израел преку мојата рака, како што говореше Ти, тогаш еве, ќе положам овде на гумното едно руно – ако има роса само на руното, а по целата земја биде суво, ќе знам дека Ти преку мојата рака ќе го спасиш Израел, како што ми рече.“ Така и стана: утредента, откако стана рано, фати да го цеди руното и исцеди роса од руното цела чаша вода. И Гедеон Му рече на Бога: „Не ми се гневи, ако пак кажам и ако само уште еднаш се обидам со руното – нека биде суво само на руното, а по целата земја да има роса.“ Така и направи Бог во таа ноќ: само на руното беше суво, а по целата земја имаше роса.
Судии 6:13-40 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)
Гедеон му одговори: „Ох, господару, ако е Господ со нас, зошто нѐ најде сѐ ова? Каде се сите оние Негови чудеса за кои ни раскажуваа нашите татковци, говорејќи: Не нѐ изведе ли Господ од Египет? А сега Господ нѐ остави, нѐ остави во рацете на Мадијамците.“ Тогаш Господ погледна кон него и му рече: „Оди со таа сила во тебе, и ќе го избавиш Израел од рацете на Мадијамците. Јас те испраќам тебе.“ “Но, господару - Му одговори Гедеон - како ќе го избавам Израел? Мојот род е најмал во Манасиевото племе, а јас сум последен во куќата на мојот татко.“ Господ му рече: „Јас ќе бидам со тебе, па ќе ги победиш Мадијамците како еден човек.“ Гедеон Му рече: „Ако најдов милост во Твоите очи, дај ми знак дека Ти зборуваш со мене. Не заминувај оттука додека не се вратам со дар и додека не го ставам пред Тебе.“ А Тој одговори: „Ќе останам додека не се вратиш.“ Гедеон отиде, зготви јаре и пресни лебови од ефа брашно, стави месо во кошницата и чорба во грнчето па го донесе сѐ тоа под дабот. Господовиот Ангел му рече: „Земи го месото и бесквасните лебови, стави ги на таа стена, а чорбата истури ја.“ Тој направи така. Господовиот Ангел го зеде жезалот што го држеше и со врвот ги допре месото и пресните лебови. Оган пламна од стената и ги спали месото и пресните лебови. Потоа Господовиот Ангел исчезна од пред неговите очи. А Гедеон согледа дека тоа бил Господов Ангел и рече: „Ах, Господи! Го видов Господовиот Ангел лице во лице!“ Господ му одговори: „Мир со тебе! Не бој се, не ќе умреш!“ Гедеон Му подигна жртвеник на Господа на тоа место и го нарече Јахве Шалом (Господ на Мирот).“ Тој стои до денес во Авиезеровата Офра. Во истата ноќ Господ му рече: „Земи од татка си згоен јунец, седумгодишен јунец, и разурни го Вааловиот жртвеник, и исечи ги Ашерите покрај него. Потоа подигни Му жртвеник на Господа, твојот Бог, на врвот на таа горска стена и уреди го добро. Земи го јунецот и принеси паленица на дрвата на Ашерите што ќе ги исечеш во горичката.“ Тогаш Гедеон зеде десет луѓе од своите слуги и направи како што му заповеда Господ. Но бидејќи се плашеше од своето семејство и од граѓаните - го направи тоа ноќе. Кога граѓаните поранија утреден - а тоа: разурнат Вааловиот жртвеник и исечени Ашерите покрај него, а јунец жртвуван како паленица на нов олтар. И се прашуваа едни други: „Кој го направи тоа?“ Испитаа, истражија па рекоа: „Гедеон, Јоасовиот син, го направи тоа.“ Тогаш граѓаните му рекоа на Јоас: „Изведи го синот за да умре, зашто го разурна Вааловиот жртвеник и ги исече Ашерите покрај него.“ Јоас им одговори на сите кои стоеја околу него: „Зар вие ќе го браните Ваала? Зар вие ќе го спасувате? Кој го брани Ваала ќе биде погубен пред утрешниот ден. Ако е тој бог, нека се брани самиот од Гедеона, зашто му го разурнал жртвеникот.“ Во тој ден го нарекоа Гедеона: Јеровал, зашто се зборуваше: „Самиот Ваал нека се пресмета со него, зашто му го разурна жртвеникот.“ Сите Мадијамци, Амаликци и синовите на Исток се собраа, и откако го поминаа Јордан, се влогорија во Езраелската Долина. Господовиот Дух го укрепи Гедеона, и тој затруби во рог, и Авиезеровиот род застана зад него. Тој испрати гласници низ целото Манасиево племе, па и тие застанаа зад него. Испрати вестители и во племето Асирово, Завулоново и Нефталимово, па и тие им тргнаа во пресрет. Гедеон Му рече на Бога: „Ако навистина сакаш да го ослободиш Израел со мојата рака, како што вети, еве ќе сложам овчо руно на гумно: ако има роса само на руното, а ако земјата остане сува, тогаш ќе знам дека со мојата рака ќе го избавиш Израел, како што вети.“ И бидна така. Гедеон порани утреден па исцеди роса од руното - полна кофа вода. Пак Гедеон Му рече на Бога: „Не разгневувај се на мене, дека ќе Ти проговорам уште еднаш. Дозволи ми уште овој пат да се обидам со руното: само руното нека биде суво, а росата нека биде по сета земја!“ И Бог направи така во онаа ноќ: само руното остана суво, а росата падна по сета земја.