Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Судии 4:1-8

Судии 4:1-8 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)

Кога умре Аод, Израеловите синови пак почнаа да прават зло пред Господ. И Господ ги предаде во рацете на хананскиот цар Јавин, кој царуваше во Асор, и на неговиот војсководач Сисе­ра, кој живееше во Харошет-Гојим. И повикаа Израеловите синови кон Господ; зашто Јавин имаше деветстотини железни коли и ги потискаше Израеловите синови дваесет години. Во тоа време судија во Израел беше пророчицата Девора, жената на Лапи­дот; таа обично седеше под Деворината палма, меѓу Рама и Ветил, во Ефремо­вата Планина и одеа кај неа Израело­вите синови за судење. Девора испрати да го повикаат Варак, синот на Авиноам од Кедес Нефталимов, и му рече: „Зар не заповеда Господ, Бог Израелов: – оди, собери народ на гората Тавор и земи со себе десет илјади мажи од Нефталимовите синови и од Завулоновите синови; Јас, пак, ќе го доведам кај тебе, кај потокот Кишон, Јавиновиот војсководач Сисера, и колите негови и многуилјадната војска негова, и ќе ти ги пре­дадам во твои раце.“ Варак ѝ одговори: „Ако дојдеш со мене, ќе одам; ако не дојдеш со мене, нема да одам.“

Судии 4:1-8 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)

По смртта на Аод, Израелевите синови пак почнаа да прават што не Му беше на Господа по волја, и Господ ги предаде во рацете на Јавин, ханаанскиот цар кој владееше во Асор. Воен началник на неговата војска беше Сисара, кој живееше во незнабожечкиот Аросет. Тогаш Израелевите синови извикаа кон Господа. Зашто Јавин имаше шест стотини железни бојни коли, и тешко ги угнетуваше Израелците дваесет години. Во тоа време на Израел му судеше пророчицата Девора, жената Лафидотова. Живееше под Деворината Палма меѓу Рама и Ветил во Ефремовата Гора, и Израелците доаѓаа кај неа за да им пресудува во нивните спорови. Таа го повика Варака, синот Авинеемов, од Нефталимовиот Кадес, и му рече: „Еве што ти заповеда Господ, Израелевиот Бог: ‘Оди, тргни на гората Тавор и земи со себе десет илјади луѓе од Нефталимовите и Завулоновите синови. Јас ќе го привлечам кон тебе, на Кисонскиот Поток, Сисара, војсководачот на Јавиновата војска, со неговите бојни коли и со сите војници, па ќе ги предадам во твоите раце.’“ Варак ѝ одговори: „Ако дојдеш ти со мене, ќе одам; ако не дојдеш со мене, не одам.“