Судии 2:6-23
Судии 2:6-23 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)
Откако Исус го распушти народот, синовите Израелови заминаа секој во својот дел за да добие во наследство земја. Народот Му служеше на Господ во текот на сите денови на Исус и во текот на сите денови на старешините, кои го надживеаја Исус, и кои го беа виделе сето големо дело на Господ што Тој го направи за Израел. А кога умре Исус, синот Навинов, слуга Господов, на сто и десет години, го погребаа во пределите на неговиот дел што го наследи во Тимнат-Херес, во Ефремовата Гора, на север од планината Гааш; и кога целото поколение им се придружи на своите предци, и настана по нив друг род, кој не Го знаеше Господа и делата Негови, какви што му беше направил на Израел, – тогаш Израеловите синови почнаа да прават зло пред Господ и да му служат на Ваал; Го оставија Господа, Бог на татковците нивни, Кој ги беше извел од земјата египетска, и се свртеа кон други богови, кон боговите на тамошните места, и почнаа да им се поклонуваат, и Го разгневија Господа; Го оставија Господа и почнаа да им служат на Вааловци и на разни Астарти. Тогаш Господ силно се разгневи против Израелците и ги предаде во рацете на грабачи, кои ги ограбуваа; и ги предаде во рацете на околните народи, и не можеа повеќе да одолеат пред непријателите свои. Насекаде, каде и да отидеа тие, раката Господова беше против нив на зло, како што им беше говорел Господ и како што им се беше заколнал Господ. И тие беа на голема мака. Тогаш Господ постави судии, кои ги спасуваа од рацете на оние што ги пленеа. Но тие и нив не ги слушаа, туку блудствуваа со други богови и ним им се поклонуваа, а потоа скршнаа од патот, по кој одеа нивните предци, кои им се покоруваа на заповедите од Господ. Тие не правеа така. Но кога Господ им поставуваше судии, Сам Господ беше со судијата и ги спасуваше од непријателите нивни во текот на целиот век на судијата, зашто Господ ги сожалуваше, слушајќи ги офкањата нивни од оние што ги угнетуваа и потискаа. Но штом ќе умреше судијата, тие одново почнуваа да живеат во уште поголем разврат од своите предци, одејќи по други богови, да им служат и да им се поклонуваат. И не отстапуваа од делата свои жестоки и од лошиот пат свој. Тогаш Господ силно се разгневи против Израел и рече: „Поради тоа што овој народ отстапи од заветот Мој што го поставив со нивните предци, и не го послушаа гласот Мој, ни Јас нема повеќе да протерувам пред нив ниеден од народите што ги остави Исус, кога умираше, за да го испитам Израел; ќе почнат ли да се држат до патот Господов и да одат по него, како што се држеа татковците нивни, или не?“ И Господ ги остави тие народи и не ги протера веднаш и не ги предаде во рацете на Исус.
Судии 2:6-23 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)
Кога Исус го распушти народот, Израелевите синови се разотидоа секој во своето наследство, за да ја земат во сопственост земјата. Народот Му служеше на Господа во текот на сиот Исусов век и во текот на сиот век на старешините, кои го надживееја Исуса и ги видоа сите големи дела што Господ ги направи за Израел. Исус, Навиновиот син, Господов слуга, умре на возраст од сто и десет години. Го погребаа во крајот што го наследи во Тамнат-Арес, во Ефремовата Гора, северно од планината Гаш. А кога сето она поколение им се придружи на своите татковци, го наследи друго поколение, што не Го познаваше Господа ни за делата што ги направил за Израел. Тогаш Израелевите синови почнаа да прават што не Му е по волја на Господа, и им служеа на Ваалите. Го оставија Господа, Бога на своите татковци, кој ги изведе од Египетската Земја, и тргнаа по други богови, меѓу боговите на околните народи. Им се поклонуваа, Го разгневија Господа. Отпаднаа од Господа за да им служат на Ваал и на Астарта. Затоа Господ го излеа Својот гнев на Израел: ги остави на ограбувачите да ги ограбуваат, им ги предаде на непријателите наоколу, така што не можеа да им се спротиват. Што и да почнеа, Господовата рака се свртуваше против нив за нивна несреќа, како што им рече Господ и како што им се заколна. И така паднаа во голема неволја. Тогаш Господ почна да им издига судии, за да ги избавуваат од рацете на оние што ги ограбуваа. Но тие не ги слушаа ни своите судии, туку изневеруваа со други богови и им се поклонуваа. Бргу се отклонија од патот по кој одеа нивните татковци слушајќи ги Господовите заповеди; тие не правеа така. Кога им воздигаше судии, Господ беше со секој судија па ги избавуваше од рацете на нивните непријатели во текот на сиот век на судијата, зашто Му беше жал на Господа колку воздивнуваа под јаремот на оние кои ги угнетуваа. А кога ќе умреше судијата, тие пак паѓаа во поголема расипаност отколку нивните татковци. Одеа по други богови, им служеа и им се поклонуваа, не отстапувајќи од своите опаки дела и постапки. Тогаш Господ пламна со гнев против Израел и рече: „Затоа што овој народ го престапи Мојот Завет, што Јас го воспоставив со нивните татковци, и не го послушаа Мојот глас, ни Јас отсега нема да изгонам пред нив ниеден од народите што Исус ги остави по својата смрт,“ - за да го стави со нив на искушение Израел: дали ќе ги пазат или не Господовите патишта, како што ги пазеа нивните татковци. Затоа Господ ги остави тие народи, и не ги изгони веднаш ниту ги предаде во рацете на Исуса.